И нашата влада ќе ги означи сомнителните зборови на Интернет

31.05.2012 13:55
И нашата влада ќе означи зборови на интернет како сомнителни

Владата беше инспирирана од неодамнешната акција на американското министерство за внатрешна безбедност, при што беа означени стотици „сомнителни“ зборови кои се појавуваат на интернет, а кои би можеле да им помогнат на властите во откривањето субверзивни активности.

Од Министерството за внатрешни работи и за заташкување на криминалот во Република Македонија за Пара вести ја потврдија оваа вест.

„На македонскиот список со потенцијално опасни и сомнителни зборови, кои ќе се појавуваат при пребарувањето на Интернет, Владата ги стави ’Б.Ц.’, ’државна тајна’, ’демократија’, ’демократски избори’, ’слобода на говорот’, ’човекови права’, ’слобода на медиумите’, ’НАТО’, ’ЕУ’, ’опозиција’, ’владеење на правото’, ’лустрација’ итн.“, вели портпаролот Коте Ивоски.

Тој додава дека на списокот ќе се најдат и некои помалку познати зборови, како што се „Скопје 2014“, „споменици“, „антикоманија“, „антиквизација“, „архитектура“, „урбанизам“, „просторно планирање“ и „јавни простори“.

„Сите овие зборови, како и уште илјадници други, веднаш ќе го алармираат новоформираниот Центар за следење на граѓаните (ЦСГ) штом ќе се појават на Интернет пребарувачите. Центарот и полицијата потоа ќе ги следат лицата кои ги пребарувале или впишале овие зборови на Интернет, и доколку се утврди дека тие се потенцијална закана за државата, ќе бидат кривично гонети“, објаснува Ивоски.

Според прирачникот на МВР, до кој дојде новинарот на Пара вести, во потрагата по сомнителни активности со кои се поткопува безбедноста на државата, службениците во Центарот за следење на граѓаните треба да обратат посебно внимание на „сите медиумски извештаи со негативни коментари и анализи за владата“.

Од друга страна, останува нејасно како зборовите како што се „голотија“, „пиење пиво по седум часот“ или „сино небо“, кои многу лесно би можеле да се најдат на нечиј блог, портал или социјална мрежа, можат да се протолкуваат како терористичко дејствување или непријателско однесување кон македонската влада.

Карикатура: Драган Поповски