Бубашваба во шолјата за чај

20.08.2009 12:07
sheila_e_fernanda_cohen.jpg

Ех, да. Проблемот на „националната книжевност“. Постои ли такво нешто? Дали би требало да постои? Ако не, зошто не?

На малите народи често им порачуваат дека прашањето на нацијата е надминато, барем што се однесува до нив. Меѓутоа, големите народи ги чуваат и ги штитат своите национални граници, а да не ги споменуваме националните одбранбени системи. Како што рече еден шегаџија – ако сакате значајна национална книжевност, прво оформете морнарица.

Замислете го следниов тест: имате зелена бубашваба, зелен пајак, црвена бубашваба, зелена шолја за чај и зелена чинија. Сте добиле задача да ги сместите во групи според заедничките карактеристики. Набрзо ќе сфатите дека станува збор за таксономија – наука за класификацијата – научна дисциплина која измачувала и поумни од вас. (Дали клунарот е цицач бидејќи ги дои своите младенчиња, наспроти тоа што снесува јајца?)

Имате многу можности. Дали да ги сместите двете бубашваби заедно во групата „бубашваби“ или да ги групирате зелената бубашваба, зелениот пајак и зелената шојла за чај поради нивната „зеленост“? Дали да ги одвоите шолјата и чинијата, бидејќи се работи за садови? Дали бубашвабите и’ припаѓаат на иста група „членконоги“? Или фино да ги спакувате црвената бубашваба и зелената чинија во една кутија и да им врзете панделка бидејќи ви се допаѓаат?

Слично е и со концептот „национална книжевност“. Што каде се смести, што да се вметне, што да се исфрли и зошто? Но придавката „национално“ нема да исчезне, бидејќи наспроти магловитоста на ваквите категории, секој автор се родил некаде и битно е каде тоа чкрабало пораснало во писател. Книгите се вкоренети во земјата, а таа земја е специфична. Не постои остров кој се вика „Безимен“, на кој се пишува со универзален јазик и кој нема национално знаме, национална химна и национален долг. Точно, ќе речете, но денес изместувањата се чести. Има многу хибриди. Што е исто така точно.

Стивен Дедалус во Портрет на еден уметник во младоста во својата тетратака испишува редови кои им се добро познати на сите деца кои го правеле истото: име, одделение, град, регион, земја, контитент, „свет“, „универзум“. Сите ние живееме во тие места. Кои од нив се дефинитивни? Дали романот на Џојс спаѓа во категоријата на „први романи“ или дел од раниот модернизам? Можеме ли да го сместиме во фиока со ознаката „покојни белци“? Дали и’ припаѓа на поткатегоријата „ирска книжевност“ или „англиска книжевност“ сфатена во поширока смисла? Дали се работи за светски класик? Општиот одговор на сето ова е – да.

Но што ако Џојс беше роден во Индија? Што ако напишал роман со наслов Портрет на индискиот уметник во младоста, чие дејствие делумно се одвива во Њу Делхи, а делумно во Даблин? Дали и оваа книга би ја сместиле во „ирска книжевност“? Денес многу книги и многу автори влегуваат и излегуваат од старите категории, а зошто и да не?

Ќе речете, сето тоа е убаво; ама точките на кои овие потрошени категории имаат практични последици се оние точки каде „националноста“ се вкрстува со универзитетската лектира и книжевните награди. Кој се квалификува, а кој не? Тоа прашање се разликува од прашањето: „Кој најмногу влијаел на вас?“ или „Кои се вашите омилени книги?“. Влијанието и уживањето секако дека не зависат од националните граници, исто како што ги надминуваат половите, расните и временските граници. Но професорите не можат да ги предаваат сите, а жиријата мораат некаде да повлечат линија. Тие прават избор, а секој избор ограничува.

Ме прашуваат: „Постои ли национална книжевност?“. „Во извесна смисла, да“, одговарам.

Но границите се растегливи. Постојат книги кои не можеле да бидат напишани на ниедно друго место освен таму каде што биле напишани. На пример, во Канада тоа се романите Тродневниот пат на Џозеф Бојден или Мантикор на Робертсон Дејвис. Што се однесува до „англиската книжевност“, тоа се Ромола на Џорџ Елиот, чие дејствие се одвива во Фиренца, или Отело кој е сместен во Венеција, и во кои нема ниту еден Англичанин: нема сомнеж дека обете дела и’ припаѓаат на „англиската книжевност“. Тука е и Џозеф Конрад, Полјак кој станал англиски писател. Што ќе правиме со него?

Националноста не може да се игнорира, но таа не дефинира сè. Зелената бубашваба може истовремено да биде и зелена и да им припаѓа на тврдокрилците, исто како што писател како Мелвил истовремено може да биде светски патник под влијание на германските романтичари, но и автор на книгата на која се темели „американската книжевност“.

Ме прашуваа дали се дефинирам себе си како жена или како писателка. Како Северноамериканка? Граѓанка на Торонто? Борец за заштита на животната средина? Поетеса? Романсиерка? Небаре сето тоа може така да се подели.

„Сè, сето тоа“, им одговарам. Но и многу друго.


Илустрации: Fernanda Cohen

јако у пм!

јако у пм!

Ocekuvano !

Toa e Margaret Edvud ! Imam citano nejzini raskazi i e mnogu prijatna PROLETNA za citanje !
Baska, bidejki klasifikacija i organizacija na drvo zivota mi e pole na interes, ona so crveno/zelenite bubacki, pajaci i solja za caj mnogu jako ke mi dojde pri nekoja prezentacija ! :) Me iznasmea !
Smiren tekst, bez mnogu erupcii, kako da sedi covek na kafe so Etvud i pravi muabet ! Ednostavno mnostvo identiteti za razlicni aspekti na zivotot ! I nema svetski zagovori i nema cista "procistena" klasifikacija. Ne e samo edno tuka se i mnostvo drugi etiketi, pripadnosti i t.n.
Samo se prasuvam so ke se pravi so prstot sto pokazuva I TI SI ...?