Жижек или Бобио?

02.06.2012 11:39
Zizek

Пишувајќи во неделникот New Statesman, „рок-ѕвездата“, словенечкиот културен теоретичар Славој Жижек уште еднаш тропа по тапанот за ново авторитарно левичарство. Речено ни е „одлучно да ја отфрлиме либерално-виктимистичката идеологија којашто ја сведува политиката на избегнување на најлошото, да се откажеме од сите позитивни проекти со тежнеењето кон најмалку лошата опција“. Наместо тоа, тој нè поканува да ја прифатиме „уништувачката негативност, која не завршува во хаотична празнина туку се враќа (и се организира) во нов поредок, наметнувајќи го на стварноста“.

Италијанскиот левичарски политички филозоф Норберто Бобио го познаваше добро овој вид левичарски авторитарен говор. Во својот есеј „Во одговор на моите критичари“ (1994), тој истакна дека ние левичарските реформисти не сме млитави („Социјализмот може да стане стварност преку свесна и интелигентна човечка акција“, напиша тој); ние сме оневинети.

„Моето искуство како со јавниот така и со приватниот живот ме научи дека ’за поголемиот дел’, решенијата дадени од луѓе кои избегнуваат остро дефинирани ’или-или’ пристапи се, ако не подобри, тогаш барем помалку несовршени. Јас сум убеден демократ, толку убеден што продолжувам да ја бранам демократијата кога таа е неделотворна, расипана и ризикува нафрлање на една од двете крајности: или војна секој против секого или непопустлив поредок наметнат од горе. Демократијата постои каде што екстремистите не преовладуваат (а ако тие преовладуваат тогаш демократијата е завршена). Ова е исто така причина зошто екстремните крила на плуралистичкиот политички спектар на десницата и левицата се обединети во својата омраза спрема демократијата, иако од спротивни причини.

Демократијата и нејзиниот сојузнички реформизам можат да прават грешки бидејќи демократските постапки самите овозможуваат исправање на грешките. Екстремистите не можат да си приуштат да прават грешки бидејќи тие не можат да се вратат назад. Грешките направени од демократските и реформистичките умерени луѓе можат да бидат поправени, оние направени од екстремистите не можат, или, барем, можат единствено да бидат поправени со преместување од една екстремна позиција на друга.“

Бобио размислуваше за векот на левичарските големини. Егалитарниот терор во потрага по рајот произведе пекол на земјата. Само ако се соочиме со тие големини, ако ги процениме во целост и ги разбереме цврстите позиции што ни даваат основа за големина, тогаш ние ќе го присвоиме моралното право да го спасиме проектот на еманципацијата. И во оваа задача ние би делувале, расправа Бобио, кога би ги примениле некои од „најкорисните плодови на европската интелектуална традиција, вредноста на истражувањето, ферментацијата на сомневањето, волјата за дијалог, критичкиот дух, умереноста на расудувањето, филолошките скрупули, чувството за комплексноста на нештата“.

Жижек се повикува на некои други европски интелектуални традиции за да нè предизвика (во занесувачки и весел дух на дете кое си игра) да го рехабилитираме она што Маркс го нарече „стар отпад“ – просветен деспотизам и егалитарен терор.

Во New Statesman Жижек пишува како свето-павлијански христијански атеист, но повообичаено тој зазема став на тврд бланкист-болшевик. Интервјуиран во весникот Historical Materialism, тој го носеше својот авторитаризам како значка на чест (пак, поточно,мора да се рече - како дете). „Револуционерната политика“, ни рече тој, „не е работа на мислења туку на вистина во име на којашто таа често е принудена да го игнорира „мислењето на мнозинството“ и да ја наметне револуционерната волја против него“. /Жижековото сфаќање на револуционерната политика воопшто не е марксистичко, туку болшевичко, а Маркс и Енгелс веднаш би му реплицирале: „Ние не сме меѓу оние комунисти кои се за уништување на личната слобода, кои посакуваат да го преобразат светот во една огромна касарна или џиновска работилница. Се разбира, постојат некои комунисти кои, со лесна совест, одбиваат да ја прифатат личната слобода и би сакале да ја отфрлат, бидејќи тие ценат дека таа е препрека за да се доврши хармонијата. Но, ние немаме желба да ја менуваме слободата за еднаквоста… Ајде да работиме за да воспоставиме демократска држава во која секоја партија би можела со збор или со пишување да го освои мнозинството со своите идеи…“ – заб. на прев./

Бобио идентификува четири правила на играта: еднакво и општо право на гласање, граѓански права кои го осигуруваат слободното изразување мислења и слободно организирање на тековините на мислењето, одлуки донесувани од нумеричко мнозинство и гаранции за правата на малцинствата против секаква злоупотреба од страна на мнозинствата.

Според тоа, прашањето е: за што треба да се одлучиме – за Бобиовата „демократија и за нејзиниот сојузнички реформизам“ или за Жижековата револуционерна вистина?

Превод: Томислав Захов

Извор: dissentmagazine.org

Не е ова за кај нас, кај нас

Не е ова за кај нас, кај нас никој нема г'з да биде вистински левичар или вистински десничар, не пак екстремен. Сите можат да бидат купени за евтини пари.

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото