1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
„Теорија на необразованието“ е актуелна критика на поимот општествено знаење. Низ девет поглавја, овој есеј за европската политика на образованието и културата ги анализира медиумските појави од типот на „Милионер“ и нему сличните квизови на квазизнаењето, а разгледани се и бескрајните и бесплодни јавни и приватни дебати за падот на знаењето од основното и средното училиште.
Предговор
Живееме во општество на знаење. Оваа реченица ги инспирира просветните политичари и педагози, универзитетските професори и комесарите на ЕУ, придвижува истражувачи, пазари и претпријатија. Знаењето и образованието се, така кажано, најважните ресурси на сиромашната со суровини Европа, а оној кој инвестира во образованието, инвестира во иднината. Со ништо помал патос се повикува на крајот на индустриската работа и сета енергија се сосредоточува на дејностите „основани врз знаењето“. Знаењето, меѓутоа, е во мода и во поинаква смисла.
Дебатите за елитното образование и условите за студирање стигнуваат и на насловните страници од весниците и списанијата, наводниот недостаток на квалитетни училишта и универзитетите – ПИЗА! – доведува до образовно-политички панични напади, култот и борбата за врвни истражувачи и потенцијални добитници на Нобелова награда се стилизираат како национални агенди, во медиумите се множат science-производи, за сите можни теми нема само кратки средби туку инсценирани долги ноќи на наука и истражување, а една од најуспешните ТВ-емисии воопшто, е шоу на знаење.
На прв поглед можеби се чини небаре наводниот сон на просветителството за сестрано образован човек во едно од сите страни информирано општество најпосле станува реалност. Сепак, вториот поглед на актуелните формации на знаењето, секако, е значително потрезвен.
Многу од она што се пропагира или прокламира под насловот општество на знаење, при попрецизен увид се покажува како реторички гест, кој повеќе се должи на силните политички и економски интереси отколку на идејата за образование. Општеството на знаење не е ниту новум, ниту пак го исклучува индустриското општество. Напротив, пoпрво би се заклучило дека бројните реформи во образованието водат до индустријализација и економизација на знаењето, со што замислите на класичните теории на образованието само се извртуваат во својата спротивност.
Флексибилниот човек, подготвен да учи целиот свој живот, ги става на располагање своите когнитивни способности на пазарите кои брзо се менуваат. Тој повеќе не претставува ниту карикатура на хуманистички образован човек, како што Вилхелм фон Хумболт го скицира во својата Теорија на човековото образование (Theorie der Bildung des Menschen), туку негова екстремна спротивност. Покрај сето она што денес луѓето мораат и можат да го знаат – а тоа не е малку! – на тоа знаење му недостасува силата на синтезата. Тоа останува она што треба да биде: фрагмент, експресно се произведува , брзо се прилагодува, лесно се заборава.
Таквиот развој на случувања не треба да се оплакува со културно-песимистички гест. Самата идеја за образование никогаш не била ослободена од вообразеност, лажни надежи и идеолошки отпор, но би било кобна заблуда да веруваме дека развојните тенденции индицирани со крилатицата „општество на знаење“ имаат каква било врска со таа идеја. Мерено со она што некогаш – колку и да е спорно – било намера на образованието, конфигурациите на знаењето денес – почнувајќи од ПИЗА-тестовите до европската архитектура на студиите, од сензацијата на природно-научното истражување до модата на културните науки, од работници во сферата на знаењето кои сурфаат на интернет до менаџери на знаењето кои патуваат со авиони – се покажуваат како појавни облици на необразованоста. Тоа не значи дека ништо не знаеме. Сепак, и тоа спаѓа во парадоксот на денешницата: Колку повеќе се вреднува знаењето, толку побрзо знаењето ја губи сопствената вредност.
Кога Теодор В. Адорно во 1959 година – неколку години пред првата германска „образовна катастрофа“ – ја напиша својата Теорија на полуобразованоста (Theorie der Halbbildung), тоа сè уште можеше да го стори тргнувајќи од социолошките премиси дека ако хуманистичкото образование стане цел на луѓето на кои им недостасуваат нужни предуслови за тоа – пред сè, слободно време – истото мора да спадне на полуобразованост. Она што би требало да стане момент на личен карактер, што било израз на духовната содржина на образованието, станува однадвор опредметена информациска честичка, која површно прилагодена, едвај стасува да документира некое социјално побарување. Модерните масовни медиуми – како што тогаш напишал Адорно – структурално го поддржуваат тој облик на полуобразованост, со што таа станува универзална.
Во сегашни услови овој концепт се радикализира, но сепак тргнувајќи во друга насока. Додека полуобразованоста може и критички да се доведе во некаков однос со идејата на образованието, образованието сега губи секаква легитимност. Партикуларизацијата, фрагментацијата и истовремената универзална достапност на знаењето повеќе не се ни доведува, дури ни во критичка смисла, во однос со ниту една обврзувачка образовна идеја. Проблемот на нашата епоха не е полуобразованоста, туку отсутноста на секаква нормативна идеја за образование од која би можело да се заклучи нешто како поимот за полуобразованоста.
Идејата за образование, како програма на човечкото самообликување, што ја има формулирано неохуманизмот и според која образованото граѓанство живеело како знаело и умеело, престана да биде цел и мерило за централните моменти на производство, посредување и прилагодување на знаењето. Овие механизми денес не само што функционираат обратно од идејата за образование, туку и директно ја нагласуваат нејзината отсутност. Фактот што никој повеќе не може да каже од што денес се состои образованието или општата наобразба не претставува никаков субјективен недостаток, туку е резултат на размислувањето дека образованието мора да се сведе на обука, а знаењето да се деградира на препознатлив број на човечки капитал со кој е можно сметководствено да се располага.
Секоја теорија на образование, мерена според она што во европската традиција, почнувајќи уште од антиката, подразбирало можност за човеково образование денес, како надоврзување на критичката програма на Адорно, би морала да биде „теорија на необразованоста“. Притоа, необразованоста не означува чиста отсутност на знаење, ниту пак одреден облик на некултивираност, туку понекогаш темелно интензивно постапување со знаењето од другата страна на секоја идеја за образование. Необразованоста денес не е ниту индивидуален пропуст, ниту пак резултат на погрешна образовна политика: таа е судбина на сите нас, бидејќи се работи за нужната последица од капитализацијата на духот.
Па и покрај тоа, запрепастувачки е тоа што луѓето не можат толку лесно да се ослободат од сеќавањето на она што некогаш се сметало за образование. Копнежот за важечки естетски канон, исто како и уживањето во античката митологија, покажува дека луѓето секогаш одново посегнуваат по она што разноразните реформатори на образованието сакаат да ни го загадат како реликт на хуманистичкиот образовен занес – притоа служејќи се, по потреба, и со средствата на општеството на знаење и медиумите - но против нивните намери. Таквите копнежи во кои се вмешува и по некој ваков став не можат да го занемарат фактот дека од тоа повеќе не може да израсне никаков социјално обврзувачки поим за образованието. Но реминисценција на она што образованието всушност никогаш не било, но барем кон тоа тежнеело, би можеле да дадеме свој придонес со тоа што ќе си дозволиме себеси донекаде јасен поглед на онаа неутешна состојба на духот што само нужно се прикрива со еуфемизмот „општество на знаење“.
Виена, 1-ви мај 2006 г. Конрад Пол Лисман
Deli moze da dadete
Испратено на 15 јуни 2012 од AndrejaDeli moze da dadete informacija koj e izdavc na ovaa kniga na makedonski i kade moze da se nabavi? Deli moze da se naraca preku web?
Blagodaram!
Издавач е Темплум од Скопје,
Испратено на 16 јуни 2012 од gjorgjiИздавач е Темплум од Скопје, а книгата може да се најде во поголемиот дел од книжарниците во Скопје.