Грчкиот Мајкл Мур

04.06.2012 10:56
Грчкиот Мајкл Мур

Арис Чатзистефану деновиве нема многу слободно време. Повици постојано пристигнуваат во атинскиот стан на овој 34-годишник. Повици од цела Грција, сите сакаат да разговараат со него – за Катастројка, неговиот нов филм. Веќе еден месец може да се гледа бесплатно на интернет, и не само таму.

Кој ќе го сретне Арис Чатзистефану, помислува дека пред него стои амбициозен студент. Уредна облека, очила, пријателски поглед. Но, тоа не одговара сосем со вистината. Чатзистефану е филмаџија, и тоа прилично критичен. Неговиот нов филм укажува на можните последици од претстојната приватизација во Грција.

Филмот покажува застрашувачки примери од изминатитие децении од Калифорнија, Англија, Источна Геранија, Франција, Италија и Русија. Детално со анализираат исклучително негативните последици од приватизацијата врз економијата и општеството. Познати интелектуалци и активисти како Наоми Клајн, Кен Лоуч, Славој Жижек или Грег Паласт зборуваат за острата политика на штедење која од почетокот на 2010 г. ја растресе Грција од темел, но и за масовниот напад на демократијата во Европа од почетокот на економската и финансиската криза. На гледачот му се објаснува што ја чека Грција ако сè уште државните претпријатија, како што се електростопанството, водоводот или индустријата за никел, се продадат за мали пари.

Кога го гледаме Катастројка, набрзо ни станува јасно: Чатзистефану има јасен и цврст став. Ако некој очекува дијалот или поинакво размислување, тоа нема да го види во овој филм. Наместо тоа, драма: што се случи во Калифорнија откако во 1998 г. беше дерегулиран пазарот за електрична енергија? За две години струјата поскапе 30 пати. А во Англија по приватизацијата на железницата во 1994? Се случија некои тешки железнички несреќи. Што создаде агенцијата за приватизација во Источна Германија? Милиони невработени и милијарди долгови. Во Русија шок терапијата од почетокот на 1990-те турна цели региони во сиромаштија, а името за тоа беше: Катастројка. Така се вика и филмот на Чатзистефану. „Сето тоа ја очекува Грција“, предупредува тој.

Навистина, грчките кредитори, тројката составена од ЕУ, ЕЦБ и ММФ, ги поставија основите за гигантската приватизација. Грчкиот парламент ги потврди овие предлози во 2011. Планот беше преку приватизацијата да се соберат средства до 2015 г. во висина од 50 милијарди евра. Во меѓувреме, очекувањата се намалени, така што сега се надеваат на приход од 19 милијарди. Поради претстојните парламентарни избори програмата за приватизација е привремено замрзната.

Колку и да е еднострана Катастројка, филмот претставува успешна приказна за алтернативното новинарство. Финансиран е исклучиво од донации на физички лица и можеме да го гледаме бесплатно. Сите оние кои му дале пари за филмот Чатзистефану ги нарекува „копродуценти“. Телевизиите, кино-салите и останатите можат да го прикажуваат филмот во висока резолуција, а притоа не мораат да платат никакви авторски или посебни права. Титлови се достапни на многу јазици.

Трошоците за снимање на филмот во висина од 25.000 евра се речиси покриени. Донации прстигнуваат и понатаму, а вишокот ќе се искористи за финансирање на новиот проект. И онака авторот нема намера да заработува пари со овој филм. Тој сака да го поттикне отпорот против политиката на штедење.

Се чини дека тоа му успеа на филмот. Уште лани Чатзистефану го продуцираше филмот Debtocracy, во кој ги објасни причините и предложи реженија за грчката должничка криза. Имаше над две милиони посети на интернет. Телевизии од Јапонија, Латинска Америка, Португалија и Романија го прикажаа овој документарец. Во самата Грција, Debtocracy стана култен филм. Илјадници протестанти го гледаа на плоштадите низ земјата.

Сега Катастројка сигурно ќе го надмине успехот на својот претходник. „Не гласајте на изборите додека не го изгледате Катастројка“, е еден од твитовите кои деновиве кружат низ Грција, вели Чатзистефану, видно горд на тоа. Веќе по неколку дена филмот на интернет е кликнат над 500.000 пати. Организирани се и јавни прикажувања, локалните станици го емитуваа, универзитетите го канат авторот да држи предавања. За голем број Грци тој е херој. Тој е нивниот Мајкл Мур.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Извор: Die Zeit

ОкоБоли главаВицФото