Тајниот живот на њујоршките покриви

04.06.2012 14:25
Тајниот живот на њујоршките покриви

Њујорк претставува еден од највибрантните градови во светот за кој веројатно знаете или сте слушнале многу.  Но, и покрај милионите очи вперени во него, знае повремено да зачува и по некоја тајна.

Постојат многу начини да дознаете што се случува на најниското ниво на Њујорк, на улиците, во галериите, парковите, па дури и во домовите на њујорчаните. Јавниот живот на овој град претставува инспирација за целиот свет и пасивното вклучување во тековите на оваа метропола се на само неколку кликови од вас.


Од друга страна, поточно, од друга височина - се открива најдобрата можна градска страна - скриениот живот на њујоршките покриви.


Фотографот Алекс МекЛин своето случајно воздушно откритие деновиве го вкоричи во книгата Up on the Roof – New York’s Hidden Skyline Spaces (Горе, на покривот - Скриените простори на њујоршките облакодери). Овој архитект кој стана пилот, а потоа и фотограф, останал фасциниран од урбаната камуфлажа на типично субурбаните елементи како што се скарите, градините, базените, а понекогаш и цели ниви кои тивко си постојат стотици метри над главите на минувачите, колите и остатокот од хаотичното и забрзано градско секојдневие.



Неговото љубопитство било разбудено од една несекојдневна глетка на Google Earth, и многу брзо прераснало во опсесивно надлетување на Менхетен во потрага по тајниот живот на покривите. Цела низа скриени оази со својот изглед и големина варираат од ситни зелени ќошиња со по некоја лежалка до мегаломански проекти од пејсажна архитектура. Се разбира, се среќаваат и бизарни идеи, како голф терени, а не еден од покривите се одомаќинила и реплика на британски авион-ловец од Првата светска војна.



Двестотините покриви од книгата на МекЛин се одличен пример за градската досетливост и прилагодување во просторите чијашто првобитна намена е нешто сосем поинаку. Една третина од градските површини ја сочинуваат токму покривите на зградите, и нивната адаптација е сосем логичен чекор во претворање на сивото опкружување во нешто поорганско, потопло и поинтимно. Во градот кој е дом на речиси десет милиони луѓе, овие оази во облаците се можност за бегство без авионска карта во џебот.





Извор: alexmaclean.com

Слични содржини

Јавни простори / Фотографија / Книжевност
Јавни простори / Фотографија / Книжевност
Јавни простори / Фотографија
Јавни простори / Фотографија / Око
Јавни простори / Фотографија
Јавни простори / Фотографија / Живот

ОкоБоли главаВицФото