За и против кафето

04.06.2012 15:53
Кафето е добро за организмот

ЗА

Не само што кафето не е штетно, туку и го продолжува животот. Според најновите резултати кои во мај беа објавени во списанието New England Journal of Medicine од страна на Нил Д. Фридман и неговите колеги од американскиот национален институт за рак, „луѓето кои пијат две или три кафиња на ден во период од 13 години ќе имаат дури 10% или 15% помали шанси да умрат“. Овој резултат е добиен со анализа на исклучително обемните податоци за смртноста која во 13-годишното истражување ја спроведе американскиот национален институт за здравје на дури 400.000 лица. Но, бројни истражувања веќе покажаа дека кафето го намалува ризикот од рак, од Паркинсонова и Алцхајмерова болест, како и од многу други болести, но и дека го штити срцето, крвните садови и црниот дроб. Но, како дејствува кафето на организмот? Тоа содржи т.н. психотропики, психоактивни супстанции кои внесени преку крвта дејствуваат на нервниот систем. Всушност, тие претставуваат отров со кој кафето се одбранува во природното опкружување, но се погодни за човекот во мали дози. Најпознатиот таков стимуланс од зрната кафе е кофеинот. Покрај него, во кафето постојат хемиски агенси кои го стимулираат производството на хормоните како адреналин и кортизон. Сепак, најважен еликсир во кафето се антиоксидансите, супстанции кои ги врзуваат опасните „слободни радикали“ и се исклучително важни за заштита клетките од стареење. Сето тоа долгорочно води до продолжување на животот, во кој секогаш можете да продолжите со оние мали ритуали кои ги носи кафето.

ПРОТИВ

19 од вкупно 1.000 супстанции кои се наоѓаат во кафето се докажано канцерогени, барем за глодарите. Меѓутоа, во кафето има уште многу нешта поради кои би требало добро да размислиме за негово исфрлање од дневната рутина. На пример: кафето лошо влијае на слузокожата од желудникот и другите органи за варење. Група научници од Универзитетот во Небраска испитуваа дали некои видови кафе можат да предизвикаат помали проблеми, но залудно - без разлика на тоа како се пржени зрната, пациентите со чувствителен желудник чувствувале болки, непријатност, жежење и слично. Кафето го стимулира зголеменото лачење на желудочниот сок, а многу истражувања ја потврдија заемната врска меѓу зголеменото пиење кафе и чирот на дванаесетпалачното црево. Докажано е дека кафето, дури и кога не е заблажено, го крева нивото на гликоза во крвта и негативно влијае врз здравјето на дијабетичарите. Консумирањето кафе го крева нивото на кортизол, хормон за стрес, а редовното пиење кафе го држи неговото ниво на самиот врв, со што го забрзува процесот на стареење. Со кревање на нивото на стрес се зголемува и апетитот, што може да доведе до зголемување на телесната тежина. Несоница, нервоза, отежната апсорпција на железо - што придонесува за отежнато снабдување на мозокот со кислород, а и остатокот од организмот - зголемување на „лошиот“ холестерол, повишување на крвниот притисок, зголемување на ризикот од раѓање мртвороденче... Колку повеќе кафе се пие - толку ризикот од сето горенаведено е поголем.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото