Стратегии на сеќавањето 1

05.06.2012 10:21
Стратегии на сеќавањето 1

Датум: 6 јуни 2012, среда

Место: Бул. 8-ми Септември, 12-1/9, Скопје

Време: од 19 до 22 ч.

Славица Јанeшлиева, Симон Узуновски, Љубиша Камењаров, Јане Чаловски, Владимир Лукаш, Зоран Попоски, ОПА, Игор Тошевски, Филип Јовановски, Ѓорѓе Јовановиќ

Стратегии на сеќавањето претставува колаборативно истражување во релациите помеѓу културолошкиот и општествено-политичкиот аспект на меморијата. Дефинирано како ре-колекција на потиснатите искуства, сеќавањето е неодвоив дел од свесноста за нас и семантичкото видување на светот околу нас. Замислена како приказна во продолженија, првиот дел од оваа изложба ќе биде преиспитување на природата на она што ги формира личните мемории и нивните меѓусебни односи. Во име на поуспешна интерпретација на она што го сочинува ткивото на колективната меморија, соодветно, Стратегии на Сеќавањето 1 ќе биде поместена во приватен стан - интимниот простор како појдовна точка во процесот на обликувањето на структурата на идентитетот на поединецот.

Истата група имаше и неколку претходни настани:

ЕПП (Економско Пропагандни Пораки)

На 16.05.2012, Среда
Место: Ул. 9 Мај, локал 3, Скопје

Евтини трикови и шарени лаги; манијакално менување на канали; декафеинска идеологија и брза храна. Бидете оригинални! Бидете моќни! Купете го најновиот производ и уживајте во општетсвото каде парите се мерката на вашиот идентитет…

Популарната култура е нашето секојдневие; од филмови, телевизија, стрипови и реклами до облеката што ја носиме и јазикот што го говориме. Дефинирана како ’уметност на масите’, поп културата придонесе границите помеѓу естетиката на кичот и таа на ’високата уметност’ сосема да избледат.

Во директен судир со консумеризмот и турбо-поп машинеријата, ЕПП е обид да се протолкуваат приказните за верувањето, митовите, иконите и херојските идеали преку кои постојано се реафирмираат вредностите на општестсвото во кое битисуваме.

800 Револуции во минута

На 11.04.2012, Среда
Место: Ул. Коста Шахов бр. 6, Скопје

Ѓорѓе Јовановиќ – Никола Узуновски – ОПА – Игор Тошевски – Филип Јовановски

800 Револуции во минута е прва од серијата изложби/ настани во организација на КООПЕРАЦИЈА. Изложбата е поместена во простор првенствено наменет за перална опфаќајќи ја темата на новите почетоци и развивање на иновативни стратегии и интервенции во специфични услови на збиен простор и временска ограниченост. Насловот е превземен од степенот на центрифуга наведен во прирачникот за машина за перење алишта.

КООПЕРАЦИЈА е иницијатива чија цел е активно делување вон инертните институционални рамки а која предлага еден поинаков начин на создавање и доживување на современата уметност на територијата на Република Македонија. КООПЕРАЦИЈА се залага за поместување и редефинирање на границите помеѓу јавниот и личниот простор и отворање на прашањето за активната улога на уметноста во контекст на централизираната културна политика и општествените дискурси. КООПЕРАЦИЈА се стреми да ја поттикне интеракцијата во релацијата уметник – публика.

Основната стратегија на КООПЕРАЦИЈА е окупирање на привремено слободни простори распрскани по урбаниот пејсаж и јавно изложување преку стратегија на блицкриг настапи. Замислена е како поттикнување на активен конструктивен дијалог во име на преиспитување на критичките позиции преку уметноста и создавање на поволна клима за продлабочување на можностите за слободна размена на идеи, искуства и слобода на изразувањето.

ОкоБоли главаВицФото