1025 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 03:59
Замислете сцена од дистописки филм кој го прикажува нашето општество во блиска иднина. Униформирани стражари патролираат навечер низ полупразни улици, барајќи имигранти, криминалци и скитници. Кога ќе пронајдат некој, свирепо го претепуваат. Она што се чини како измислена холивудска приказна, денес во Грција е стварност. Навечер црнокошулашите од неофашистичкото движење Златна зора – кое неодамна освои 7% од гласовите во претходниот изборен круг, и кои имаат поддршка, како што тврдат неговите претставници, од половина од полицајците во Атина – патролираат по улиците и го претепуваат секој имигрант кој го наоѓаат: Авганистанец, Пакистанец, Алжирец. Значи, така Европа се брани во пролета 2012.
Проблемот со одбраната на европската цивилизација од имигрантските закани е тоа што таквата дивјачка одбрана претставува поголема закана за „цивилизацијата“ од какви било муслимани. Со вакви бранители на Европа не ѝ се потребни непријатели. Пред сто години, Гилберт Честертон го опиша основниот парадокс со кој се соочуваат критичарите на религијата: „Луѓето кои се борат против црквата поради слободата и хуманоста на крајот се одрекуваат и од слободата и од хуманоста само за да се борат против Црквата... Секуларистите не ги разорија божествените вредности, но успеаја да ги разурнат секуларните вредност, ако им е тоа некоја утеха“. Многу либерални војници толку се наострени за борба со антидемократскиот фундаментализам, што на крајот отстапуваат и од слободата и од демократијата само за да се борат против тероризмот. Ако „терористите“ се подготвени да го уништат светов од љубов кон некој различен, нашите борци против тероризмот се спремни да ја уништат демократијата од омраза кон „муслиманското друго“. Некои од нив толку го сакаат човековото достоинство што се подготвени во негова одбрана да ја легализираат тортурата. Тоа е ист процес, само во обратен правец, како кога фанатичните бранители на религијата тргнуваат да ја напаѓаат современата секуларна култура, а на крајот завршуваат со жртвување на сопствените верски вредности во желба да ги збришат особеностите на секуларизмот кој не го поднесуваат.
Но, грчките антиимигрантски бранители не се главната опасност: тие се само нуспроизводи на вистинската закана, политиката на стегање на ременот која Грција ја доведе до оваа ситуација. Следниот круг избори во Грција ќе се одржи на 17 јуни. Европскиот естаблишмент нè предупредува дека овие избори се пресудни: не само за судбината на Грција, туку можеби и за судбината на цела Европа. Еден резултат – оној исправниот, како што велат – би овозможил продолжување на болниот но неопходен процес на заздравување по пат на штедење. Алтернативата – ако победи „екстремно-левичарската“ партија Сириза – би значела гласање за хаос, за крај на (европската) цивилизацијата каква што ја познаваме.
Пророците на катастрофата се во право, но не онака како што замислуваат. Критичарите на нашето денешно демократско уредување се жалат дека изборите не нудат вистински избор: наместо него, имаме избор помеѓу партии на левиот и десниот центар, чиишто програми практично не се разликуваат. На седумнаесетти јуни ќе добиеме вистински избор: естаблишмент (Нова демократија и Пасок) од едната страна, Сириза од другата. И како што обично е случај кога се нуди вистинскиот избор, естаблишментот е во паника: ќе нè снајде хаос, насилство и сиромаштија, велат тие, ако го направиме погрешниот избор. Самата можност за победа на Сириза го вознемири глобалниот пазар. Идеолошка прозопопеја стапува на сцена: пазарите зборуваат како да се живи, изразувајќи „загриженост“ околу тоа што ќе се случи ако изборите не дадат влада која би истрајала во спроведување на ЕУ-ММФ програмата за фискално штедење и структурни реформи. Граѓаните на Грција немаат време да се грижат за тоа: имаат доволно грижи во секојдневниот живот, кој станува беден до размери какви што со децении не сме виделе во Европа.
Ваквите предвидувања се исполнуваат самите себеси, предизвикувајќи паника и, на тој начин, произведувајќи токму онакви ефекти на какви што предупредуваат. Ако Сириза победи европскиот естаблишмент се надева дека ќе се опаметиме кога ќе видиме што се случува кога ќе се прекине маѓепсаниот круг на меѓусебно потпомагање на бриселската технократија и антиимигрантскиот популизам.
Затоа Алексис Ципрас, лидерот на Сириза, во едно неодамнешно интервју рече дека првиот приоритет, доколку Сириза победи, ќе биде спречување на паниката. „Луѓето ќе ги совлада страв. Нема да се предадат; нема да дозволат да бидат уценети.“ Сириза ја чека практично невозможна задача. Таа не е глас на есктремно-левичарското „лудило“, туку глас на разумот кој се крева против лудилото на пазарната идеологија. Со својата подготвеност да застанат на чело, тие го совладаа стравот на левицата од преземање на власта; имаат храброст да го исчистат нередот кој го направија другите. Ќе мора да прикажат страшно добра умешност на комбинирање на принципиелноста и прагматизмот, демократската посветеност и спремноста, кога е потребно, да делуваат брзо и одлучно. За да имаат и најмала шанса за успех, ќе им биде потребна општоевропска солидарност: не само пристоен третман од страна на секоја европска држава, туку и креативна идеја, како промовирање на солидарен туризам ова лето, на пример.
Во своите Белешки за дефиниција на културата, Т.С. Елиот споменува дека постојат моменти кога единствен избор е оној помеѓу ереста и неверувањето – т.е., единствен начин религијата да опстане е секташкото одвојување. Ова е денешната европска положба. Само нова „ерес“ – во моментов олицетворена во Сириза – може да го спаси она што е во европското наследство вредно за спасување: демократијата, вербата во луѓето, егалитарната солидарност итн. Европа која ќе ја добиеме ако Сириза биде избрана е „Европа со азиски начела“ – кои, секако, немаат никаква врска со Азија, но имаат врска со стремежот на денешниот капитализам да ја суспендира демократијата.
Еве пародокс кој се одликува со „слободно гласање“ во демократските општества: човекот е слободен да бира, под услов да го направи исправниот избор. Затоа, кога се прави погрешен избор (како кога Ирска го одби уставот на ЕУ), тој избор се третира како грешка, и естаблишментот веднаш бара „демократскиот“ процес да се повтори, за грешката да се исправи. Кога Јоргос Папандреу, тогашниот грчки премиер, предложи референдум за европската дотација кон крајот на минатата година, и самиот референдум беше одбиен како неисправен избор.
Во медиумите имаме две главни приказни за грчката криза: германско-европската приказна (Грците се неодговорни, мрзливи, расипани, избегнуваат даноци итн., и мораат да се стават под контрола и да се научат на финансиска дисциплина) и грчката приказна (нашата национална сувереност ја загрозува неолибералната технократија која ја наметнува Брисел). Кога стана невозможно да се игнорираат маките на грчкиот народ, се појави и трета приказна: Грците сега се претставени како жртви на хуманитарна катастрофа на кои им е потребна помош, небаре таа земја да е погодена од војна или природна непогода. Иако сите три приказни се лажни, можеби токму третата е најодвратна. Грците не се пасивни жртви: тие се во војна со европскиот економски естаблишмент, и потребна им е солидарност во борбата, бидејќи тоа е и наша борба.
Грција не е исклучок. Таа е еден од главните полигони за тестирање на новиот социо-економски модел со потецијално неограничена примена: деполитизирана технократија, во која на банкарите и другите стручњаци им е дозволено да ја разорат демократијата. Спасувајќи ја Грција од нејзиниот таканаречен спасител, ја спасуваме и самата Европа.
Извор: London Review of Books
Kолку сакам СИРИЗА да победи
Испратено на 06 јуни 2012 од Ганчо АнонименовKолку сакам СИРИЗА да победи и Грција да излезе од Еврозоната па нека „ужива“ во својата социјалистича утопија.