1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Град Скопје и „СПЛУНГ АВТОРИ – ТЕАТАР 007“ со гордост Ви го најавуваат почетокот на првото издание на фестивалот за креативни индустрии „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“, кој ќе се одржи во периодот од 14-16 јуни, во Градски парк – Скопје.
Публиката ќе има можност за прв пат да ги види уникатните дизајнерски решенија на бројни македонски компании, самостојни уметници, кои создаваат производи со исклучително квалитетна уметничка и естетска вредност, а воедно нашето општество од нив има индустриски и економски бенефит.
Почетокот на фестивалот ќе биде означен на 14 јуни со отворањето на првата меѓународна конференција со наслов „Креативни индустрии-теорија преточена во практика“ истата вечер е и модниот перформанс на „Fashion week Macedonia“ во соработка со дизајнерката Елена Спасовска и „Интерактивната вечера за двајца“ авторско дело на Зоран Рунчев и Росица Мршиќ, кое ќе се одржи во архитектонски дизајнираниот простор наречен „ИГЛО“.
Македонската публика ќе има можност на фестивалот „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“ директо да се запознае со работата на македонската компанија „Фх3х“ која соработува со престижните холивудски продукции за визуелни ефекти.
Воедно, како дел од ексклузивната програма е и презентацијата на првиот македонски суперхерој „Македон“ (анимиран лик), во изведба на групата „Планемо“.
За прв пат скопјани ќе се запознаат со дизајнерските производи од IT технологијата, создадени од македонски автори, како што се: апликации за паметни телефони во изведба на „Intelligent network solution“ и „Codewell“.
Фестивалот за скопската публика, на првото издание ќе понуди и работилници како што се: за рачна изработка на хартија и корици, пишување поезија на консумативно тесто, музичка работилница. На 15 и 16 во градскиот парк ќе се одржи и работилницата за анимиран филм под менторство на „АНИМАКС СТУДИО“, а исто така ќе се одржи и работилница за дизајн на форми од индустриски отпад и амбалажа, во соработка со фирмата „ПАКОМАК“ и постипломците од Факултетот за ликовни уметности и средното уметничко училиште.
Воедно, публиката ќе има можност да ги види креациите на редизајниран мебел во модерен стил на Викторија Лангоска, студентите од Машински факултет од одделот за индустриски дизајн, како и ексклузивните дизајни на компанијата „ПУНКТ МЕБЕЛ“. Исто така во овој дел ќе имаме ексклузивна можност, да ги видиме дизајнираните грејни тела на македонската компанија „ЗАВАР“, како и концептуалниот моден дизајн на „ЛУДУС“. Во програмата со свои презентации ќе се вклучат и ЕСРА Универзитет, Европскиот Универзитет, ФОН Универзитет и Американ колеџ.
Од областа на графичкиот дизјан, во рамките на фестивалот ќе бидат презентирани идејни решенија на 12 автори предводени од „АРС АКТА“ кои даваат нови визии за рекламни идејни решнија и на Кристина Георгиевска.
Група студенти од Архитектонскиот факултет од Скопје, во рамките на фестивалот ќе го реосмислат и визуелно исполнат просторот од некогашниот култен ресторан „Езерце“, создавајќи за момент нов урбан простор.
Мултимедијалните перформанси се важен дел од првото издание на „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“. Во градскиот парк во Скопје, ќе имаме можност одблиску да се запознаеме со изработката на филигранот преточен во театарско – музички спектакл на Марија Милошеска, како и куклената претстава за деца „Муминтрол и зимата“ во изведба на „Буден театар“.
Град Скопје од пред две години е официјален член на мрежата на креативни градови „Les Rencontres“, кои работат на развивање на секторот на креативни индустрии. Фестивалот „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“ е дел од подолгорочната стратегија за развој на креативните индустрии во нашиот град.