Ренесанса на национализмот во Унгарија

06.06.2012 11:05
Ренесанса на национализмот во Унгарија

Јожеф Њиро е роден 1889 г. во „Земјата на Секељ“ (унг. Székelyföld; ром. Ținutul Secuiesc; герм. Szekerland) во областа Трансилванија. Таа област денес се наоѓа во Романија, а во времето кога се родил била дел од Унгарија. Тој не бил само поет кој се залагал за идеологијата на „крвта и земјата“, туку бил и еден од водечките културни идеолози за време на владеењето на унгарската фашистичка партија „Стреласти крстови“ од октомври 1944 до март 1945 г., кога десетици илјади унгарски Евреи беа испратени на маршот на смртта или беа убиени. Како свој симбол тие користеа модифициран облик на нацистичката свастика.

Во Унгарскиот парламент во кој преовладуваа „Стреластите крстови“, Њиро беше пратеник за Трансилванија, а на водачот на фашистичкиот режим, Ференц Салаш, му остана верен докрај. По 1945 г. и Унгарија и Романија го бараа како воен злосторник, но тој успеа да побегне, првин во Германија, а потоа во 1950 г. во Шпанија со која владееше Франко, каде што и умре. Таму е кремиран и закопан.

Но, времињата се променија. Денес во Унгарија дуваат некои нови ветрови и поранешните воени злосторници повторно се угледни личности. Па така, песните на Њиро сега спаѓаат во задолжителното четиво во унгарските училишта, а унгарските националисти сакаат повторно и свечено да ја закопаат урната со неговата пепел во неговиот роден град. Меѓутоа, на тоа се спротивставува владата на Романија. Романскиот премиер Виктор Понта изјави дека сака да го спречи претворањето на Њировиот гроб во место за аџилак на десните екстремисти од Унгарија и Европа.

Во родниот град на фашистичкиот писател, наместо церемонија за повторно закопување, беше одржана миса на која учествуваа унгарскиот државен секретар за култура Геза Сеч и претседателот на унгарскиот парламент Ласло Кевер. Тој во своето обраќање до присутните рече дека „еден ден секако дека ќе дојде до тоа закопување“, доколку е потребно и против волјата на „нецивилизираната, хистеричната, параноидна и варварска“ влада на Романија.

„Победата ќе ја однесе народот кој има син од чијашто пепел дури се плашат“, истакна претседателот на унгарскиот парламент.

Во меѓувреме, Сеч изјави дека, и покрај забраната на романските власти, урната со пепел е прокриумчарена во земјата, но дека таа акција нема „ништо незаконско“ во себе. Но, наводно тој не знаел каде се наоѓа таа.

Планираното ново погребување на урната со пепелта на Јожеф Њиро е дел од националистичката ренесанса која последниве години ја зафати Унгарија. На почетокот движечка сила беа десните екстремисти, но во меѓувреме и десно-конзервативната владејачка партија на Виктор Орбан, Фидес, ја прифати таа политика. Притоа, вниманието во прв ред се насочува кон соседните земји во кои живее значајно унгарско малцинство, а тоа значи кон Словачка, Романија и Србија.

Откако Унгарија последниве децении со големи напори успеа да воспостави добар однос со соседите, а истовремено да му помогне на унгарското малцинство во заштитата на неговите права, сега Орбан и неговата партија почнаа да спроведуваат ревизионистичка политика. Омилена тема: единството на сите Унгарци – како во културна и јазична смисла, така и во територијална.

Напоредно со тој ревизионизам, во Унгарија во последно време позитивно се зборува за режимот на Миклош Хорти, кој владееше со земјата од 1920 до 1944 г. Тој воспостави авторитарен, ултраконзервативен и клерикален режим и за време на Втората светска војна беше сојузник на Хитлеровиот Трет Рајх. Хорти беше убеден антисемит и одговорен за депортација на над 400.000 унгарски Евреи во логорот Аушиц пролетта и летото 1944 г.

Меѓутоа, успехот на Орбановата националистичка и ревизионистичка политика е под знак прашање: Унгарија денес е изолирана во Европа и важи како фактор за нестабилност во регионот, а истовремено доаѓа и до слабеење на политичкото влијание на унгарското малцинство во другите земји. Во Словачка, Романија и Србија тамошните Унгарци сега се меѓусебно поделени на поддржувачи на Орбан и на оноие кои заговараат автохтона политика. Тоа го намалува нивниот успех на тамошните парламентарни и локални избори, а со тоа и нивното влијание на актуелната политика во земјата во којашто живеат.

Но, можеби токму тоа е циничната калкулација на Орбан и неговата партија. Можно е тие да сакаат уште потешка положба на унгарското малцинство во тие земји за да ги привлечат сонародниците во Унгарија. Со тоа, од една страна, Орбан на долг рок ќе обезбеди верни гласачи, а од друга, земјата би го решила својот сегашен демографски проблем и тоа без доведување припадници на други националности.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото