Архитектурата на стадионите поважна од фудбалот?

06.06.2012 12:18
Архитектурата на стадионите поважна од фудбалот?

Можеме да разговараме за рецесијата, за стопирањето на капиталните проекти во Европа, за гаснењето на големите градилишта, но факт е дека за големите светски приредби, како што се Олимписките игри, Евровизија, Европското или Светското првенство во фудбал, секогаш се трошат премногу, односно секогаш се наоѓаат пари (од даночните обврзници) за изградба на соодветната инфраструктура.

Инвестициите кои чинат неколку десетици милијарди долари, делумно се финансираат од прватниот, но и од државниот буџет. Капиталните проекти за изградба на аеродроми, инфраструктура, сместувачки капацитети, но пред сè репрезентативни стадиони, во Украина и Полска, земји-домаќини, забрзано привршуваат. Сепак, моменталната политичка ситуација во Украина и потезите на нејзиниот претседател ја натераа УЕФА да ја држи ова земја постојано под лупа, во неколку наврати нарекувајќи ја „неподготвена за таков важен настан“.

Како и да е, Евро 2012 започнува за два дена, поточно на 8 јуни, а освен изобилството тестостерон во воздухот, настанува и изобилство од стадиони кои се најрепрезентативна ставка на секое првенство. Полска во своите четири избрани градови Гдањск, Познањ, Варшава и Вроцлав ги нагостува европските репрезентации.

Националниот стадион во Варшава е најголемиот и најскап стадион на овогодинешното Европско првенство, а трошоците за него изнесуваа 500 милиони евра. Проектот е потпишан од германското архитектонско студио Gerkan, Marg & Partners, а е изведен да наликува на кош обликуван од прачки на темелите на стариот спортски центар кој е напуштен во 1988 г. Новиот стадион сега служи и како градско обележје, благодарение на својата транслуцентна фасада која е изведена од метал во боите на полското државно знаме. Во стадионот визуелно доминираат столбовите-носачи кои придонесуваат за впечатокот на испреплетеност. Наместо покрив стадионот има подвижна текстилна мембрана.

PGE Arena се наоѓа во Гдањск, а нејзината цена изнесува 8,5 милиони евра. Стадионот не е целосно довршен, а го карактеризира фасада од поликарбонантни модули, создавајќи златен отсјај на заоблената опна.

Стадионот Миејски во Вроцлав е победнички проект со кој студиото JSK Architekci конкурираше за негова изведба. Наречен е ЛАНТЕРНА за со својот препознатлив облик да стане иконички дел од градот. Целата зграда е прекриена со стаклена волна во комбинација со тефлон, каде што опната е дополнително засилена со челични прстени. Односот на леснотијата и проѕирноста во контраст со масивната структура е основен концет на стадионот, чијашто опна дополнително може да се динамизира со разни светлосни системи.

Тука е уште и стадионот во Познањ, кој е изграден 1980 г., а за негово реновирање се потрошени 180 милиони евра. Го карактеризира препознатлив план на основата со облик на латинската буква U, а една од најважните нови интервенции е покривната мембрана која ја имитира свилата и брановидната опна околу целиот стадион.

И Украина во Евро 2012 се вклучува со четири града: Доњецк, Киев, Љвов и Харков.

Трошоците за изградба на стадионот Донбас Арена во Доњецк на почетокот беа проценети на вкупно 250 милиони долари, од кои 30 милиони требаше да бидат вложени за изградба на рекреативен парк во негова околина. Завршната цена на реализираниот проект на крајот достигна околу 400 милиони долари. Една од светските најголеми инженерски компании, Arup, го потпишува проектот, а благодарение на благо издигнатиот покрив стадионот го доби називот „летечка чинија“. Овалниот облик и глазираната фасада овозможуваат доток на природна светлина на теренот.

Олимпискиот стадион во Киев е еден од најстарите украински стадиони, изграден 1923 г., но претрпе поголеми обнови во 1941, 1999 и 2011 г.

Стадионот Металист во Харков, исто така граден во 1920-те години, е реновиран и модернизиран во 2009.

Најмалиот стадион, но и причината за потенцијалното откажување на Украина како земја-домаќин, е оној во Љвов. Градежните работи започнаа во 2008 г., а иако официјалниот крај на работите требаше да биде во 2011, стадионот тогаш сè уште не беше во употреба. Главни карактеристики се полиедарскиот план на основата и сивата поликарбонатска опна, но и цената која за неколку милиони украински круни беше поголема од планираната.

Иако сегментот на стадионската архитектура ќе им биде помалку важен на фудбалските гледачи и навивачи, сигурно е дека ќе биде потребно добро туристичко пакување на овие капитални проекти, за на Украина и Полска да не им се случи сценариото на Хрватска, со сали за ракометно првенство кои сега зјаат празни.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото