ВМРО ДУПНИМЕ: Истребувачи на македонскиот мит за сиромаштијата

07.06.2012 10:11
ВМРО ДУПНИМЕ: Истребувачи на македонскиот мит за сиромаштијата

Го знаете ли митот, кој Адам Севиџ и Џејми Хајнеман од серијалот Истребувачи на митови (MythBusters) се зафатија да проверат дали е точен митот за тоа дека слоновите навистина се плашат од глувци? За таа цел, тие заминаа во Африка, во едно место со полуприпитомени слонови. „Наоружани“ со неколку глувци, тие ги покрија со вештачки камења, на тој начин што не би можеле да избегаат и почнаа да набљудуваат. Љубопитните слонови обично ги превртуваат камењата што ќе се најдат пред нив, особено оние кои изгледаат како местото да не им е таму. Откако еден од слоновите се заинтересира за лажниот камен и го преврте, тој веднаш се повлече од местото, откако под каменот излезе глувчето. Експериментот беше повторен со уште неколку други слонови. Резултатите беа изненадувачки: повеќето од слоновите реагираа исто или слично како и првиот. Некои, пак, едноставно се вкопуваа в место и бавно се повлекуваа или го менуваа правецот на движењето. Таквите резултати од експериментите ги натераа Севиџ и Хајнеман, на општо чудење, да заклучат дека митот за слоновите кои се плашат од глувци е веројатен!

Инаку, Севиџ и Хајнеман се луѓе со очигледно мошне отворен дух, бидејќи собирањето и проверувањето на митовите не го прават исклучиво потпирајќи се на личните знаења, искуства и истражувања, туку даваат простор и за сугестии од гледачите. Добар дел од митовите кои тие ги имаат тестирано се приказни кои ги имаат добиено по е-пошта од бројните обожаватели.

Еве, во последно време и јас размислувам дали да им пратам сугестија за проверка на еден мит, инспириран од една епизода кога тие се обидоа да проверат дали е можно да се продаде половен автомобил во кој претходно биле оставени два месеца да лежат две мртви свињи. И покрај тоа што автомобилот по два месеца смрдел неподносливо, сепак, Севиџ и Хајнеман, откако темелно го исчистија, успеаа да го продадат на еден дилер за автомобилски резервни делови и на тој начин да ја потврдат точноста на митот!

Мојата намера, пак, е да го проверам следниов „мит“ (го ставам во загради, бидејќи не знам дали на крајот ќе биде потврден како мит или не): Дали социјалците, односно најсиромашните граѓани во Република Македонија, ќе прифатат да одат бесплатно на опера и балет? Дали е можно еден суштински недостиг со кој тие секојдневно треба да се справуваат, да биде ублажен или заборавен заради „божествената убавина“ која ќе ги заплисне кога ќе отидат на опера и балет – таа привилегија на малограѓанската „буржоазија“, која се ужива во слободно време? Впрочем, ако социјалците нешто имаат отповеќе, тогаш тоа е слободното време.

Пред да продолжиме со проследување на условите за експериментирање со овој потенцијален македонски „мит“, треба да укажеме на еден многу битен феномен во серијалот Истребувачи на митови. Она што во него ми е најинтересно е практиката на Севиџ и Хајнеман да направат сè што е потребно за еден мит да се репродуцира. За што станува збор? Откако ќе ги реплицираат изворните услови на еден мит и тој ќе се покаже како лажен, Севиџ и Хајнеман одат во екстреми: тие се обидуваат да покажат што сè треба да се стори (какви нови услови треба да се исполнат) за митот да се репродуцира. (На пример, во една од епизодите тие мораа да надуваат 3.500 балони со хелиум за да предизвикаат четири-годишно девојче да се поткрене да лебди во воздух од нив!)

Оттаму, прашањето што се наметнува е следново: Какви услови треба да се исценираат, за да може најсиромашните во државава да се понижат до тој степен, што навистина ќе заминат да гледаат оперски пејачки и мажи во хеланки? Каков степен на мазохизам е потребен, за некој до тој степен да го понижи своето основно човечко достоинство? Ова се дополнителните прашања кои треба да бидат пратени до Севиџ и Хајнеман.

Одговорот на Владата, пак, би можел да биде следниов: „Да, ако автомобил што неподносливо базди на свињи може да биде продаден на делови, тогаш и социјалците можат да одат на опера и балет. Па, ќе ги натераме, влада ли сме, што ли сме?!“

По подолго размислување, одлучив да не ја праќам оваа колумна на Истребувачите на митови, бидејќи нивниот одговор може да се претпостави и тој би гласел од прилика вака: „Вашиот мит, за жал, сè уште е во тек! Ние проверуваме стари митови. Останува да се види што ќе се случи во Вашиот случај. Дали навистина ќе се случи една садистичка и понижувачка (со сериозни колективно-социопатски тенденции) влада да успее да ги натера најсиромашните граѓани во државата да го продадат своето достоинство за неколку анахрони оперски вресоци и пируети? Доколку го продадат, отпосле ние ќе сториме сè што е потребно за да ги реконструираме условите на Вашиот мит и да го репродуцираме. А тоа во случајов ќе значи следново. – Ќе треба да провериме колку поткупувања, закани, платени дневници... се потребни за еден просечен социјален случај на крајот мантрички да повторува: ‘Дупни ме ВМРО, дупни ме!’ И да биде среќен заради тоа!“

Чизма врз човечкото лице засекогаш, или барем додека ДУПНИМЕ е на власт!

Значи толку си болен од

Значи толку си болен од омраза кон ВМРО што не знаеш што пишуваш. Што би било алтернативата за тие социјални случаи? Да им се дадат милион долари? Дали СДСМ го направила тоа или планира да го направи? Барем добиле НЕШТО, а што добиле од СДСМ?

Ја спомнувам партијата СДСМ како единствена можна алтернатива на ВМРО, засега. Значи кога исплуканата и омразената ВМРО би ја симнале од власт, кој би дошол на нејзино место? СИРИЗА сигурно не.

Исто така, не знам влада или организација во свет што дели милиони долари (добро де, многу пари) на сиромашни луѓе бидејќи само тоа е единствениот гарантиран начин евентуално да се извлечат од сиромаштија (ако ја занемариме евентуалната инфлација што тогаш би настанала). Меѓутоа, токму тоа е ударната критика насочена кон власта - зошто гради споменици, а не ги дава парите на народот. Би сакал да добијам барем еден пример каде што тоа е така. Може и од Куба и од Северна Кореја (знаеме колку се богати тамошните жители).

Аман више од забегани комуњари.

ОкоБоли главаВицФото