Почеток на нова епоха

07.06.2012 12:34
Jon Agguire

Кога на 15 мај 2011 г. Indignados (Незадоволните) за првпат излегоа на улица, дали мислевте дека една година подоцна Шпанија ќе се најде на работ на пропаста?

Не. Тогаш сметавме дека се наоѓаме во најлошата ситуација која можеме да си ја замислиме. Старата социјалистичка и новата конзервативна влада инсистираат исклучиво на буџетска дисциплина, на ограбување на сите услуги и претпријатија. Денес знаеме дека тоа беше само почеток. Оттогаш се движиме само надолу. Посебно поради драстичната неолиберална политика. Резултатите зборуваат сами за себе. За жал, сè ште сме далеку од целосен крах.

Ќе остане ли Шпанија во еврозоната?

Не знам, не сум економист.

Дали би било добро Шпанија да остане во еврозоната?

За тоа постојат различни мислења. Правните рамки поставени со Мастрихтскиот и Лисабонскиот договор во голема мера им годат на шпекулациите. Европската централна банка ги избегнуваше надлежностите кои ѝ припаѓаат како на централна банка. Наместо да им позајмува пари на државите, таа под исклучително поволни услови им ги даваше на приватните банки, кои со нив понатаму шпекулираа. На Германија ѝ одговара ваквата ситуација, бидејќи Берлин може да позајмува пари со исклучително ниски камати. Главното прашање е дали на Германија ѝ оди подобро отколку на Шпанија? Живееме во глобализиран свет. Целиот систем е во криза, што станува неиздржливо.

Што значи тоа?

Откако започна финансиската криза, повеќе никој не зборува за еколошката и енергетската криза. Суровините на нашата планета одамна се преоптоварени. Начинот на кој живееме и трошиме е неодржлив. Шпанија за само три месеци го троши својот биолошки потенцијал за цела година. Не оди повеќе вака. Е, тоа е вистинска криза.

Дали изборот на Франсоа Оланд ќе промени нешто во европската политика?

Целосно ја изгубив довербата во социјалдемократијата. Неопходен ни е радикален почеток. Граѓаните мораат да почнат да играат поактивна улога. Партиите им служат на интереси кои немаат никаква врска со нивните наводно добри намери.

Движењето Незадоволни, т.е. М-15 мобилизираше голем број луѓе, но не се постигна нешто конкретно...

Често се превидува на најважното. Движењето го започна процесот. Настанаа голем број мали иницијативи кои се меѓусебно поврзани. Луѓето повеќе не се сами во соочувањето со проблемите. Без оглед на тоа каде живеете, постојат места на собирање кои ќе ве поддржат. Ние сме заедница која е и меѓународно поврзана. Луѓето го менуваат својот начин на однесување, начинот на живот, како и начинот на соочување со проблемите.

Дали движењето е сè уште хоризонтално?

Повеќе од кога и да било. Ова е многу тежок процес на учење. Не е лесно да се остави зад себе повеќевековната хиерархиска структура и да се развие нов облик на политика. Никој не може со сигурност да каже што ќе настане од ова. Но, хоризонталноста е неизоставен елемент.

Дали одлуката хоризонтално да се поврзувате е вистинскиот одговор во криза, и на кризата?

Често ни префрлаат дека сме лошо организирани. Оние кои ни го велат тоа обично предвид ги имаат структурите од минатиот век. Но, ние живееме во 21-от век. Општествената и економската динамика се сосем поинакви. Потребно е да се создадат структури за иднината.

Во ред. Значи, создадена е поширока мрежа, но истовремено голем дел од мнозинството Шпанци на минатите парламентарни избори го дадоа својот глас за десницата. Политиката против кризата која ја спроведува владата станува сè поостра.

Тоа е дел од процесот. За само една година создадовме многу цврста мрежа за меѓусебна поддршка. Овие структури создаваат нови правила, нови обрасци на однесување кои досега не постоеја. Мораме да ја одредиме сопствената динамика, сопствениот временски план, сопствените цели. Не сакам да се натпреварувам со допингуван спортист! Тоа не би било умно.

Сè уште се зборува за „шпанска револуција“. Не е ли тоа претерување?

Се наоѓаме на почетокот на нова епоха. Револуциите секогаш се карактеризираат со три фази: технолошка, општествена и на крајот политичка промена. Политичките структури се најконзервативни. Сепак, моќта е во нивните раце. Технолошката промена која доведе до Француската револуција беше Гутенберговиот пронајдок на техниката на печатење. Поминаа векови додека не беше создадена свеста за заедничка класа која го урна политичкиот систем. Кај Октомвриската револуција тоа беа парната машина и индустриската револуција, кои ги променија производствените односи. На крајот дојде до преврат во Русија. Во другите земји настана социјалдемократијата.

Што би требало тоа да биде денес?

Технолошката промена на нашата епоха е интернетот. Револуционерен пронајдок кој го менува начинот на кој се поврзуваме. Истовремено доживуваме општествена промена. Традиционалното семејство се менува. Постојат самохрани родители од обата пола, хомосексуални двојки со деца, семејства составени од разведени родители кои сè уште живеат заедно. Старата, патријахална структура се наоѓа во криза. Оваа општествена промена постепено ќе роди и политичка промена, а како ќе изгледа таа никој не знае, но едно е сигурно – промената е неизбежна.

Jon Agguire, архитект и еден од иницијаторите на движењето „Вистинската демократија сега!“ (Democracia Real Ya!), по чиј повик илјадници Шпанци на 15 мај лани излегоа на улиците. Беше тоа почеток на движењето Indignados или 15-М.

Извор: TAZ

У кратко објаснет процесот;

У кратко објаснет процесот; inevitable или извртен sine-qua-non (-;

Или: радикалната левициа ќе

Или: радикалната левициа ќе ја асимилира капиталистичката бла бла.. левицата веќе го асимилира капитализмот. Ќе има жртви, но.

Не може да се остварат

Не може да се остварат левичарските идеали преку радикалност! Оттука, „радикална левица“ е оксиморон :)
Сите, без исклучок, комунистички револуции завршиле со диктатура која навидум е комунизам, а всушност е масовно перење мозок од страна на прилично себични капиталисти кои глумат комунисти (или скратено „комуњари“, како што ги нарекуваме таквите во Македонија).
Добрите работи кои ги нарекуваме „леви идеали“ ќе дојдат со еволуција, постепено... ниедна револуција не може да ги избрише инстинктите за алчност кои ги носиме со оние 46 хромозоми.

Да размислуваме на наредните

Да размислуваме на наредните милион години, би бил слоганот на левицата. :)

Тоа што пишуваш у кратко е познато и признато, ми личи на третирање и не ми се допаѓа; револуцијата не мора да има карактер на милитаризам и диктатура, да ги оставиме настаните од пред сто и двеста години, тоа е нерелелвантно, зар се откажуваш од слоевитоста на еден збор? Револуција изворно е едно вртење на небесно тело околу својата оска, или на тело околу друго тело, како астрономски израз, ако го земеме циклусот на една теорија, историја, технологија, книжевност или философија, или и економија или циклус на инвестиции, тогаш во признанието за револуција би се нашле чудни својства, се согласуваш дека револуцијата се случува како во простор така и во време (еволуција) према тоа, милитаност, само како одговор против фашизам, од тоа не се откажувам. Да сумирам, поентата е да сите предиспозиции за револуција постојат, но би завршил другпат.

Дечките од горе се залагаат за хоризонталност, тоа е сметам слабо истражен простор на ниво на големи системи како општини или држави. Ако го паракатапултирам Пинкер, трите основни начини на комуникација се хиерархиски (претежно животински свет, алфа мажјак итн.), реципроцитет (ја за тебе, ти за мене, која исто така може да оди и во хоризонтала), споделување (хоризонталност, која постои и кај еден тип мајмуни, наречени бонобо, но постои преку социјалните мрежи, итн)

ок

Слични содржини

Општество / Европа
Општество / Европа / Теорија
Општество / Активизам
Европа

ОкоБоли главаВицФото