Постои само една националност – математичар

08.06.2012 09:48
Александар Попов

„Национализмот е детска болест. Тоа се сипаници на човештвото.“

Овој цитат на Алберт Ајнштајн е најдобро објаснување за растечкиот национализам во Русија. Пост-советска Русија, „стара“ 20 години е млада држава. Денешните миграции и демографски промени се без преседан во руската историја. За првпат, странските јазици можат да се слушнат на улиците на старите градови, а Москва е претворена во Вавилон во кој живеат бројни народи и раси.

Тој прилив на доселеници од другите култури, се разбира, предизвикува двојни реакции кај месното население. Руското општество е поларизирано меѓу две крајности – оние кои ги поздравуваат миграциите и културната разновидност како добредојдени, и оние кои бараат „Русија на Русите“ и сакаат да ги депортираат доселениците.

Но, метафората на Ајнштајн изоставува еден фактор – државата. Руската влада не е ангажирана на поддржување на националните различности. Токму спротивно, во случај на етнички тензии, се користи со цврсти полициски методи кои повеќе се во функција на раздор одошто на помирување.

Тоа се случи во градот Челјабинск, каде што полицијата испрати барање до училиштата, барајќи попис на учениците од Кавказот, заедно со нивните адреси и имињата на родителите. Побарани се информации како за граѓаните на Русија од Кавказот, така и за странците.

Директорот на Математичката гимназија, Александар Попов, на барањето на полицијата одговори објавувајќи го документот на интернет, додавајќи: „Во нашето училиште постои само една националност – математичар“.

Неговото одбивање на полициското барање е оправдано, и е во склад со законот за лични податоци. Но, реакциите на руската блогосфера се прилично експлозивни; од една страна, многумина го пофалија Попов, а од друга, има уште повеќе агресивни навреди.

Еден анонимен блогер во „Комсомольская Правда“ напиша: „Попов, земи го своето семејство и појдете на Кавказ. Брзо ќе бидеш расцепен против толеранцијата. Кога тамошните лудаци ќе ти го убиваат семејството, ти сигурно ќе викаш – молчи, мила, биди толерантна“.

Блогерите кои го поддржуваат барањето на полицијата главно го наведуваат проблемот со етничкиот криминал. Вистина е дека криминалните групи од Кавказот се силни, но дури ни Шерлок Холмс не би можел да најде поврзаност меѓу криминалот и средното училиште во Челјабинск, кое се смета за третата најдобра математичка школа во Русија. Во последниве осум години, 81 ученик од ова училиште освоиле златен медал на Математичката олимпијада. Попов вели дека неговите ученици сега студираат на универзитети низ целиот свет – САД, Европа и Израел.

Работата на наставниците е да ги штитиме децата од глупостите на возрасните“, изјави тој во разговорот за весникот Московские новости.

Попов е познат во Челјабинск поради своите ексцентрични наставни методи, и ова не му е прв пат да се судира со властите. Откако еден од учителите во неговата школа им дозволи на полицајците да испрашуваат ученик од петто одделение, Попов порача дека ќе го предизвика учителот на двобој.

Случајност е тоа што најновата полемика на Попов се одвиваше за време на протестните акции во Москва.

Но, акциите на протестантите, лути поради изборните измами, и акцијата на Попов, со која се брани законот кој ја штити приватноста на граѓаните, имаат исти корени. Тоа е новото поколение руски граѓани. Тие повеќе не веруваат во столетните правила дека владата секогаш е во право. Тие веруваат во начелото за владеење на правото.

Тоа е она што ги мотивира еколошките активисти кои ги бранат шумите од незаконска сеча, студентите кои се борат за зачувување на историските градби и протестантите кои го читаат текстот на Уставот во кој се вели дека постои слобода на собирање. За овие луѓе законот не е само парче хартија.Тие се подготвени да го бранат она што го пишува во документот. Тие не се плашат да се кренат против државата, без разлика дали станува збор за полицајците или поткупливите судии кои пресудуваат не земајќи ги предвид аргументите од одбраната или фактите.

Захар Прилепин, писател кој е многу критичен кон актуелниот режим, на својот блог напиша: „Би било непроценливо кога само 1% од населението во Русија би било како Попов“.

Веројатно еден отсто не е доволно, но трендот е јасен. Русите, кои со векови молкум го поднесуваа прекршувањето на своите права, станаа активни во одбрана на основните права. За тоа треба да се свесни и судиите, и државните службеници, како и водачите во Кремљ.

Авторот е писател, новинар и блогер за Moscow Times

Извор: slobodnaevropa.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото