Контрадикциите на македонскиот национализам (5-8)

21.08.2009 11:32
vuna-21-08-2009.jpg

 

5. “Македонски неолит” или “македонското камено време”

Да се каже дека постои “македонски неолит”, па уште тој и “научно” да се истражува, е врв на процесот на проектирање на современите категории во минатото. Тоа е една кованица од два диспаратни термини: “македонски” имплицира некоја национална модерност (еве, да речеме, и пред-модерност); но “неолит” имплицира праисторичност!

Постоењето на терминот “македонски неолит” како категорија со која оперираат високи институции како министерства, музеи и сл., може да се должи на ненамерна грешка (од незнаење); но таа грешка совршено се вклопува во наративот за “вечноста” на Македонија и на Македоноидите низ времињата кога Господ се симнал во Говрлево. Штетите кои произлегуваат од ваквото ословување се исто така во линија на целиот процес за “овековечување” на македонштината – создавање некој паралелен универзум во кој Македонците се виша раса, и најбитно е тоа што тие се стар, вековен народ (оттаму нивниот природно повластен статус).

Впрочем, термините како “народ”, “нација”, “етнос” итн, во македонската историографија честопати несмасно се поместени многу пред нивното современо вообличување (“македонската нација во 19ти век”, или “македонскиот етнос во антиката”). Меѓутоа, со “македонскиот неолит”, “македонското” ја добива таа експлицитно предисториска (праисториска), пред-цивилизациска, пред-политичка, речиси примордијална форма – каменото време било македонско, па веројатно и Каменковците биле Македонци. Тоа е наратив на еден органски, природен континуитет, небаре оваа територија од самото создавање на Земјата била дадена како “македонска” (што и тоа да значи), а народот (чии неолитски остатоци се најдени), има некој етногенетски континуитет од повеќе милениуми (што, пак, е директен доказ за историските права на Македонците на оваа територија).

Во исто време, постар од “македонски неолит” би бил само “македонскиот палеолит” или “македонскиот биг-бенг”.

6. 7000 години македонска писменост

Наративот на 7000 години писменост е контрадикторен на повеќе нивоа.

Прво, се поставува прашањето која е таа 7000-годишна македонска писменост? Ако Тентов и Бошевски и останатите допрва го ре-откриваат писмото на античките Македонци (ова го поставувам чисто како хипотеза, бидејќи нивните истражувања не ги исполнуваат ни основните критериуми на класичната филологија), тоа значи дека во некоја точка од историјата тоа прекинало да се користи. Тоа пак го доведува во прашање континуитетот на тие 7000 години; ако во меѓувреме овде умирале или толку изразито се трансформирале јазиците и писмата да мора после милениуми некој да ги открива старите писма, тогаш тешко може да стане збор за некоја културно хомогена 7-милениумска пишана традиција. (Впрочем, кај се делата на тој македонски јазик?) Инсистирањето на “7000 години писменост” е во контрадикција и со “традицијата на неписменост” за време на Отоманскиот период. Имено, во некои региони на Балканот (некои од нив се дел од денешна Македонија), за време на Отоманците, делот од населението кој бил описменет паѓа на некои 2-3% (тоа не е податок за гордеење, но тоа е податок кој не смее да се испушти). Таа “неписмена” фаза трае се’ до доаѓањето на комунистичкиот режим кога биле отворани вечерни школи и преземани масовни акции за описменување.

Со таква повеќевековна дупки во “писменоста”, станува излишно да се коментираат тие 7000 години.

Конечно, “7000 години писменост” е во целосна контрадикција со култот према кириличното писмо (пишувам кирилица - значи постојам, итн). Се поставува дилемата: кое писмо е суштинско за македонскиот идентитет - “розетското” од пред 7000 години, или кириличното, од пред околу 1100 години?


7. Делчев, Рацин, Шатев vs. македонските национални чувства

Еден од типичните процеси за секој национализам е селективниот пристап при интерпретирањето на минатото. Таа селективност, освен што се одразува во поимањето на некои битни контексти, се одразува и во “присвојувањето” или етикетирањето на поединечни наративи. Најважни од нив се оние за историските личности кои биле носители на историските процеси.

Во македонската национална митологија, како што веќе сум расправал, на многу контрадикторен начин се интерпретирани (т.е. “присвоени”) ликови како, на пример, социјалистот Гоце Делчев, и интернационалистот Кочо Рацин. Она што се греши во нивното поимање, е одредувањето на мотивите за нивното делување во борбата за национално ослободување – и Делчев, а особено Рацин, не биле инспирирани од националното чувство, туку од социјалистичка идеологијата.

Но, на страна дебатите за Делчев и Рацин. Она што е во последно време актуелно, е “национализацијата” на Гемиџиите (анти-империјалистичка анархистичка терористичка група водена пак од некоја социјалистичка идеологија). Особено во тој процес предничи ре-интерпретирањето на Павел Шатев, најактивниот револуционер на овие простори од почетокот до средината на 20тиот век, кој својот активизам го започнал инспириран од рускиот анархизам, под паролата “Без богови, без господари”, за потоа после многу перипетии да влезе во Коминтерната и да заврши како сталинист. Во меѓувреме, иако не им придавал значај на големите историски наративи (се борел исклучиво против империјализмот), се декларирал како Бугарин.

Денес, Павел Шатев, освен што се интерпретира како исклучиво македонски национален херој, националист и слично, е избран и за патрон на десничарскиот-конзервативен институт близок до владејачката партија; на човекот кој се борел за свет “без богови и без господари” му се инпутира некаква традициоалност, “демохристијанство”, десничарски идеи. А воедно, и македонските православни конзервативни “патриоти” се инспирираат од револуционер кој целиот живот го поминал во борба против вредностите кои тие ги промовираат.

Слична е приказната и со присвојувањето на акронимот “ВМРО” од страна на националистички, конзервативни и десничарски политички партии, присвојувањето на името “Комити” од страна на ултра-националистичките навивачи на ФК Вардар, и со ред. Тоа само сведочи за состојбата во која национализмот се наоѓа – во недостаток од аргументи за континуитетот на некои идеи кои сега се промовираат (од “етничка” до “чиста” Македонија, македонска цивилизација и сл.), се случува најпростачко инструментализирање на историјата.

8. Виктимизација vs. Предрасуди

Еден од важните наративи за себе-поимањето на Македонците е дека тие секогаш биле жртви на историјата. Дали винвни биле предавниците, дали меѓународните заговори, дали интересот на големите сили; едно е заедничко, во сите случаи - “Македончето” го извлекло подебелиот крај. Тоа сето резултира со еден мета-наратив на страдање, трпење и на изложеност на милост, немилост, предрасуди и изживување од страна на моќниците низ историјата; таквиот наратив има голема “духовна” вредност за македонскиот национализам.

Од друга страна, од независноста наваму, етничките Македонци за прв пат се наоѓаат во ситуација да се мнозински народ во една суверена земја (и демографски, и според концентрација на политичка моќ). И за прв македонскиот национализам почнува да биде офанзивен кон малцинствата: од “гасните комори за Шиптарите” (и цел репертоар слични изрази на омраза), до конструкциите и омразата кон “влашкото лоби” (на фејсбук добив коментар дека за Власите треба Јасеновац) или пак систематското изолирање на Ромите.

Таквиот однос е непринципиелен и контрадикторен со наративот за историското страдање на нацијата; ако македонскиот идентитет во голема мера се темели на фактот дека Македонците биле предмет на некоректен однос кога биле малцинство (не само демографски, туку и во поглед на политичката моќ), тогаш преку манифестирањето предрасуди кон малцинствата, на виделина излегува една друга вистина – Македонците станале она од што низ целата своја историја пателе. Ако Македонците биле изложени на некоректен однос, тогаш денес тие таков однос промовираат.

* * *

Во минатиот и овој текст, сосем спонтано и несистематски беа изложени само дел од контрадикциите на македонскиот национализам. Впрочем, како и секој друг национализам (и како и секој друг ригидно дефиниран идентитетски концепт воопшто), тој има големи проблеми логички да ги докаже своите основни постулати. Некои автори тоа го нарекуваат “филозофска беда” на национализмот (Бенедикт Андерсон), а други пишуваат за митологизирањето и ирационалноста како главни одлики на националистичката реторика (за ова сум пишувал и јас на Окно).

Потенцирањето на контрадикциите на една националистичка идеологија, точно е дека има една своевидна “провокаторска” функција, во смисла да отвори дискусија, на еден ненавредлив начин. Меѓутоа, честопати ваквите дискусии се доживуваат токму како навреда, дури и напад на нечиво достоинство. Самото поимање на овие мои текстови (како и сите претходно на тема македонски национализам) како навреда, всушност говори за состојбата во која се наоѓаме: обидот за некоја колку-толку аргументирана расправа (базирана на сознанија) се смета за упад во нечиј емотивен простор. Она што е само јавна расправа за општествени проблеми, се смета за личен напад; тоа што е само укажување на некои недостатоци, се смета за предавство. Но, треба да се “провоцира”, зашто општеството може да оди напред само ако се преиспитуваат “однапред дадените” вистини. А во моментов, во Македонија, догмата која треба да се преиспитува е онаа (поширока од ВМРО-ДПМНЕ) националистичка идеологија, која ја извитоперува историјата за да ги рационализира своите неразумни постулати, и која со површно и поедноставувачко интерпретирање на одредени општествени состојби се труди да постигне “национално”, т.е. етничко единство на избраниот македонски народ во борбата против сите останати заедници околу него. Тој национализам, ако не се предизвика, не само што ќе ја забетонира Македонија во сопствените ѕидови, туку однатре ќе ја разори. Во таа смисла, посочувањето на некои контрадикции во поимањето на историските митови нема само по себе да ја спречи понатамошната манифестација на националистички шовинизам и слично; но ќе ја преиспита моралната исправност на целата националистичка реторика. Зашто, ако се објасни дека национализмот како идеологија (како секоја друга гломазна идеологија) лаже и манипулира, помалку луѓе ќе му веруваат.

Слики: Shawn Barber

Кликни тука за првиот дел: Контрадикциите на македонскиот национализам (1-4)

respond this topic

Do you understand that this is correct time to receive the loans, which can help you.

reply this topic

Different people do not know the correct way to complete the english essays. Thus, from this moment they will come along your well done article referring to this good topic and just write the best research paper ever.

respond this post

Very oft some people make the efforts to look for just some thought connected with original essay. Thence, I can suggest to take the aid of the essay writing service. Moreover, it is ok to take some ideas from this post article.

respond

Our life seems to be very short, thence we ought to live it very fast. Moreover, the editing service would assist us to build our university career fast.

respond this post

Scholars want to find the mini dissertation referring to this topic. If they know about your best selling thought, they will credibly buy the thesis writing.

ОкоБоли главаВицФото