1022 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 18:59
Терминолошка поликратија
„Понекогаш некој објект е именуван уште пред да постои. ‘Нека биде светлина’ доаѓа пред секоја светлина. Но, понекогаш, некој објект, ентитет, или феномен веќе постои, но терминот што ќе го опише сè уште не е даден“1, пишува Марк Бадмен, мислејќи на „новиот бран фабулисти“ од деведесеттите години. Оваа ситуација одговара и на состојбата со именувањето на уште еден современ книжевен поим, тоа е – микрофикцијата.
Воведувањето номенклатура започнува со длабоката дилема околу оправданоста и мотивираноста на истата. Дали секоја новост настанува вистински дури во моментот на нејзино именување? Дали е препорачливо да постои само еден, „ексклузивен“ назив? Дали се потребни имињата?.. Спиралата прашања и одговори може да протече до бескрај. Преку именувањето, светот расте. Не можеме да осознаеме нешто, да го поседуваме ментално, сè додека не го наречеме со вистинското име. А секое именување, секој збор, или термин поместен во речничкиот стандард, носи извесен товар на конвенционалност, бидејќи е стандардизиран и, како таков, приклучен во официјално признатиот состав на даден јазик. Но, овде не станува збор за „обично“ именување, туку за именување книжевен вид, а со тоа не се придодава само „обичен“ назив, туку и зададени карактеристики кои сите дела означени како такви би ги имплицирале, без разлика дали потврдувајќи ги или негирајќи ги. Не се избира само форма, туку и содржина. Именувањето на жанрите е секогаш арбитрарен чин и не може да се тематизира изворноста на самите термини, ниту нивната исклучивост. Со други зборови: „Она што ние го нарекуваме секавична фикција, и под секое друго име може да се прочита подеднакво јасно.“2
Американскиот писател Франсоа Кемоин оправдано прашува: „Дали е тоа читателска или писателска стратегија? Дали претходно го етикетирам краткиот-краток расказ за да имам поинаков сет критериуми во глава пред да го пишувам? Или се именува отпосле, за читателот да знае како да го чита?“3 Најдобар одговор на дилемата на Кемоин дава Павао Павличиќ во влијателната студија Книжевна генологија:
„Видовите, од една страна, се општествени конвенции, нешто што читателот го очекува и според кое се ориентира книжевноста. Таа го насочува авторот бидејќи тој пред себе има некој репертоар на видови, па избира еден од нив или го гради делото во отклон од видот. Самото дело, најпосле, е одредено со својот однос кон видот на кој припаѓа, својствата на видот воедно претставуваат негови главни изразни средства, а репертоарот видови во зададен момент воедно е и книжевна граница на дела кои во тој момент се раѓаат...“4
Микрофикцијата не е осамен пример на терминолошка нехомогеност. Како што тврди и Павличиќ, меѓу книжевните жанри неретко „имаме повеќе термини отколку поими, но има и неименувани поими.“5
Сепак, најкратката проза е еден од ретките книжевни видови распнат помеѓу територијата на толку многу термини кои симултано се користат. Микрофикцијата сè уште е жанр кој ја живее својата состојба на перманентна терминолошка алармираност, нестабилност, преиспитување... Ваквата состојба особено се однесува на Соединетите Американски Држави каде до денешен ден трае отворената дискусија околу консензусот за овој жанр, при што на дискутантите не им недостига ниту креативност, ниту иновантност. Исклучиво заради ориентирање во истражувачкото подрачје можат да се предложат неколку принципиелни методи на групирање на мноштвото термини:
а) Називи кои како своја основа го вклучуваат терминот фикција, односно – проза;
Застапниците на оваа група го разграничуваат жанрот од поезијата, односно песната во проза, како една мала „вечна борба“ помеѓу учесниците во расправата околу тоа кому му „припаѓа“ микрофикцијата, на поезијата, на прозата, никому, или секому? Најголем дел од предлозите, исто како и најчесто спомнуваните, припаѓаат во оваа група. Како најфреквентни и најзначајни за нашето истражување се: секавична фикција (во САД приредувачот на антологии Џејмс Томас е застапник за овој термин), потоа изненадна/ненадејна фикција (според К.Л. Сторер авторствотo на овој назив му припаѓа на писателот Роберт Кели), потоа микрофикција (според Том Хазука, Џером Стерн го вовел терминот), па следат: експресна, брза, жестока, преслабната, разгледнична, мини, миговна, минималистичка фикција, дури и – само – фикција, која на некој начин е „препис“ од насловот на прославената збирка на Х.Л. Борхес.
б) Називи кои како своја основа го содржат терминот расказ т.е. приказна;
Застапниците на оваа група упатуваат на потеклото на видот, поточно дека станува збор за посублимирана форма на краткиот расказ (расказ, кус расказ). Најкористени називи се оние кои се директно деривирани од краткиот расказ – краток-краток расказ и многу краток расказ. Недостатокот на овие два термина се согледува во нивната комплицираност, но и во директното етикетирање на овој жанр како поджанр или подвид на расказот. Меѓу останатите примери кои се интересни за разгледување припаѓаат раскази без скролање (Крег Снајдер, при што видот е поставен во непосредна корелација со компјутерите), потоа кратки-кратки раскази за со кафе (Елен Корнблам) и раскази за на пуш-пауза (кои упатуваат на нивната должина и читателска примена), и полуприказни (Џесика Трит) кои (заедно со скици, обиди) го отвораат прашањето за жанровската недоволност или половичност на микрофикцијата во контекст на подолгите видови...
Има и такви проследувачи кои одат во спротивната насока, па наместо да го продолжуваат или да додаваат зборови на називот кратки раскази, го скратуваат. Предлогот на Филип О’Конор е само каз. Според него името кратки-кратки раскази „не е погодно бидејќи несреќно асоцира на постарата форма.“6 Тој ја предлага следната поделба:
1. Каз (Sto)
2. Расказ (Story)
3. Расвела (подолг расказ или кратка новела) (Stovella)
4. Новела (Novella)
5. Роман (Novel)
Ваквите коперникански пресврти во типологиите е тешко да се прифатат, токму поради нивната конструираност и артифициелност. Појавата на самиот вид не е наметната, ниту диктирана, па тешко е да се дојде и до општ назив за истата, а врз основа на производство на соодветен термин.
в) Составни (компилаторски) и симболни (акронимни) називи;
Во оваа група спаѓаат називи кои сами по себе имаат фигуративен призвук, опишувајќи или симболизирајќи некоја од карактеристиките, особините, својствата на самиот вид. Питер Конерс, на пример, предлага два еклектички називи – проезија и ПП/СФ (PP/FF). Првиот е спој од родовските називи на кој видот му припаѓа, а вториот е акроним од почетните букви на песна во проза (prose poem) и секавична фикција (flash fiction). Конерс вака го оправдува својот втор предлог: „Кога старите етикети ќе станат опсолентни – што повеќе е заситување на комуникацијата отколку помош – време е да се создадат нови. Или можеби треба да се вратиме на една предјазична, почиста форма на комуникација: симболот.“7
г) Називи чиј придружен дел ја реферира должината – т.е. просторното протегање (расказ за на салфета, расказ колку дланка, џебен расказ) и временското траење (минутна фикција, секавични раскази...);
Секој од нив ја истакнува минливоста, плоштинската краткост, отсечноста на ваквиот тип проза а, понекогаш, должинските одредници и не се однесуваат само на моментот потребен за читање, туку и на времето препорачано за пишување (како „Мексвини’с трнроу“ и нивниот проект 12-минутни раскази). Харви Стенбрау за кого за целосен краток расказ се доволни деведесет и девет зборови или помалку, пак, говори за двоцифрена фикција.
д) Називи чиј придружен дел го реферира ефектот т.е. влијанието што го причинуваат;
Изненадна фикција, убедливо најчесто корис- тениот термин меѓу нив, е „воспоставен од авторот Роберт Кели, во писмо до Роберт Шепард и Џејмс Томас коешто се однесува на антологија на овој вид дела којашто тие двајца своевремено ја уредуваа. Шепард и Томас ги понесоа заслугите за зголемување на популарноста на овој термин искористен да го опише овој помлад пристап кон краткиот-краток расказ.“8 На ова место мора да се истакне дека неретко, називите приклонуваат и кон извесно специјализирање, односно реферирање на уште поспецифични типови на најкратка проза, што ќе рече, различните термини неретко означуваат и суптилни разлики во смислата, особено во рамки на „предложената“ должина на кратките прозни дела. Во оваа група припаѓаат и називи како епифании, минери, експлозии, кои можат да се сместат и во следната поделба...
ѓ) Дескриптивни називи;
Редовно дефинираат одредено својство или содржат автореферирачка нота, кои сами по себе се потценувачки, бидејќи се показател дека на жанрот му е неопходно некакво дообјаснување, како да не е целовит без да се дораскаже барем дел од неговата природа. Збиена фикција (Роберт Кели), скици (Стјуарт Дајбек), цртички, минијатури, експериментална фикција, енигми...
Назначената поделба не повикува на исклучивост, туку само сликовито ја претставува опсежноста на проблемот. Неретко, одреден назив може да се смести во неколку групи истовремено. Ваквото скицирање е провизорно поставено, бидејќи некогаш може да дојде до преплетување: секавична фикција може да значи и брза, отсечна, но упатува и на тоа дека има молскавичен ефект, го остава читателот збунет, инаку една од одликите на самиот жанр. Уште еден процес се случува симултано со ова: наместо да се стеснува и ограничува, табелата на називи, таа, со текот на времето, постојано се проширува и надополнува со нови предлози.
Состојбата за која досега говоревме се однесува на САД. Во Македонија, терминолошкиот избор е посиромашен, поради помалата одомаќеност на жанрот и бројот на книжевни дела, но и тука се сведува на плурално авторско самодефинирање, односно секој писател сам ги одредува и именува своите творби. Така, се сретнуваат: „лирските минијатури“ на Иван Точко, „кратките прозни скици“ и „прозни записи“ на Блаже Конески, „кратките прозни форми“ на Петко Дабески, прозните „минијатури“, „новелетите“ и „цртичките“ на Александар Кујунџиски, „сосема кратките раскази“ на Димитар Солев, „импресиите“ на Горан Стефановски, „прозните спотови“ на Христо Петрески, „кусите прози“, „фрагментите“ и „прозните етиди“ на Митко Маџунков, „(анти)упатствата“ на Александар Прокопиев, „не толку кусите раскази“ на Кузман Кузмановски, „нај-кратките раскази“ на Анета Попова... И во македонската средина нема терминолошка воедначеност, паралелно егзистираат повеќе термини, што од друга страна и досега било типично за домашната теорија и теоретски речник, пред сè поради отсуство на општојазична стратегија и принципиелни нормативи.
Називите, или се изведени од називите на дотогаш познатите форми, или се преземени од други книжевни средини, меѓутоа, во случајов, многу ретко од англискиот, што секако зависи од генерациските интереси и влијанијата. Дабески, на пример, смета дека терминот куса прозна форма (КПФ) е најприкладен и секако поприфатлив од терминот „мала проза“ (којшто несомнено го деривира од рускиот малая проза). Тој смета дека терминот куса прозна творба „е доволно општ и еластичен, а и подготвен да биде аргументиран со прикладен поимски покров покриен, секако доволно широк и сеопфатен, со оглед на тоа што сите обележја на текстовите што би припаѓале во доменот на КПФ и не се подведливи на некоја единствена однапред утврдена или емпирички изведена закономерност.“9
И покрај тоа што во оваа студија ќе бидат користени различни називи на нејзино именување (поради тоа што сè уште нема регулатива на која се инсистира, дури ни во условно „матичната“ средина, во Америка) му се дава приоритет на терминот микрофикција. Пред сè, тој дава најцелосно, формално-содржинско, позиционирање на овој книжевен вид, а во релација со неговата природа. Терминот ги обединува двете најзначајни особености на видот: краткоста, поврзана и со еден призвук на модерност, што книжевноста отсекогаш сакала да го интегрира во својот карактер, особено во моментот кога е најактуелна, и нејзината фикциска природа.
Се претпочита терминот фикција (наместо проза или расказ/раскажување), бидејќи во случајот на овој книжевен вид се употребува во смисла на поистоветување со „епската фикција, со приказна во трето лице, и со неа опфатената вкупност на раскажувачка книжевност во кое спаѓа и приказната во прво лице“ (Кете Хамбургер). Или, како што пишува Сузан Лангер во Чувство и форма дека цел на раскажувачката книжевност не е да информира за тоа што се случило и кога, „туку да створи илузија на минатите нешта, привид на сетилни и чувствени случувања, како апстрактно и завршено сеќавање“, како што се вели „привид на сеќавање“ или „вештачко сеќавање“. Аналогно на одредбите на Лангер, фикцијата создава, не само привид на животот, туку и привид на минатиот живот, дури и виртуелно минато (virtual past). „Рака на срце, вистина е, дури и тавтолошки, дека фикцијата создава илузија на живот, поради што Аристотел ја нарекол мимезис.“10
Фикцијата не е „чиста“ информација, не станува збор за тоа да се соопштат само фактите на дадено набљудување. Фикцијата му е спротивставена на фактот како имагинарноста на стварноста но, само по себе, фикциското дело не е ниту имагинарно, фиктивно или нестварно, „една фикциска реченица не изразува лажно тврдење.“ Фикцијата има само еден единствен општ закон што ги владее останатите негови конструкции. Станува збор за аристотелијанскиот поим кој главно се преведува со категоријата „веројатност“ или „уметничка плаузибилност.“11 Негативна страна на терминот микрофикција е тоа што изведената множинска форма не звучи доволно во духот на македонскиот јазик. Сепак, неговата едноставност, едноделност, го прават многу полесно употреблив од сродните називи (секавична фикција или краток-краток расказ). Користењето на термините кратка прозна форма или најкратки дела во проза е во смисла на нешто поопшта категорија која обединува различни типови сублимни форми (и полирско и понаративно ориентирани).
Да заклучиме. Микрофикцијата е книжевна форма која го доживува климаксот на својата терминолошка разноликост, полиглосија. Веројатно, како ниту еден друг книжевен жанр, ја има судбинската предодреденост на поликратичност во именувањето. Строго нормирање нема, иако забележливо е дека најчесто користени се: микрофикција, краток-краток расказ, секавична и изненадна фикција. Речиси и нема проследувач кој не се застапува за оваа перманентна состојба на повеќегласие (Пемелин Касто, Стјуарт Дајбек). Поликратичноста во неговото именување сведочи, од една страна, дека станува збор за форма типична на трендот на општествена демократичност, но и на нејзината актуелност, состојба на моментална живост, од друга страна. Како и Дајбек, се надеваме „дека дебатата за тоа како да ги наречеме овие кратки прозни парчиња продолжува, и дека никогаш нема да постигнеме консензус, ниту ќе ги сфатиме, ниту ќе ги категоризираме. Нивната лукавост е дел од она што ги прави привлечни.“12
(продолжува...)
Извадок од книгата Најкраткото долго (Аспекти на микрофикцијата), чијшто издавач е Антолог од Скопје.
За првиот дел, кликнете овде, а за третиот овде.
____________________
[1] 25 Mark Budman, “A Literar y Triptych: Fa bulous, Furious,
and Striking” . (American Book Review. January-
Fe bruary 2007) 7-8.
[2] 26 Casto, op. cit.
[3] Fran cois Camoin, “Minute Fictions (As Minute Waltz)”, во: Sudden Fiction, 256.
[4] Pavao Pavličić, Književna genologija. (Zagreb: SNL, 1983) 70.
[5] Ibid., 11.
[6] Philip F. O’Connor, во: Sudden Fiction, loc. cit., 243.
[7] Peter Conners, „Introduction: What is PP/FF?”. (American Book Review, January-February 2005) 3.
[8] K.L.Storer, “The Exercises of Writing Sudden Fiction”. (first appeared: From K.L.’s Desk, January 4, 2000, http://www.thewritegallery.com).
[9] Петко Дабески, „Жанровскиот пресек меѓу песната во проза и кусата прозна форма“. („Книжевна академија“, број 4/2004, Скопје: 2004).
[10] Цит. во: Kate Hamburger, Logika književnosti. (Beograd : Nolit, 1976) 102.
[11] Според Маргарет Мекдоналд, „Јазикот на фикцијата“, во: Теорија на прозата. (Детска радост, Скопје, 1996) 68
[12] Dybek, loc. cit., 241-242