Смислата на бесмисленото

11.06.2012 11:09
Смислата на бесмисленото

Кога видов колку луѓе беа заинтересирани за да го видат поминувањето на Венера помеѓу Земјата и Сонцето, кое се манифестираше како црна точка на Сонцето, во средата наутро, одеднаш помислив дека веројатно уште толку луѓе го делат чувството дека на Земјата не е веќе толку многу интересно. Па, затоа решиле овојпат повеќе да се свртат накај небото. Но, во светот беше интересно како зборовите на Џорџ Сорос за евро-зоната, убаво како секојдневните радувања и жалосно како во Сирија. Сепак, во точката која за нас е најважна на целата планета Земја, во Македонија, каде една друга Венера беше поставена во Жена парк, сè некако почнуваше да губи смисла.

Па така, ДУИ со низа постапки се трудеше да ја врати перцепцијата за нормалноста на партијата, како што беше пред двата последователни протеста. ДПМНЕ, пак, од друга страна, се трудеше да ја врати перцепцијата за нормалноста на државата. Но, токму во тоа тие никако да успеат. И тоа не по заслуга на опозицијата, пред сè на СДСМ (која, еве, уште еднаш, при одличниот продор со документот за преговорите за името, покажува дека личи на репрезентацијата на Португалија, која го има Кристијано Роналдо, но толку). Но, да не биде дека кобиме за двата тима, токму сега пред почеток на европското првенство и жешкото политичко лето, ќе се вратам да кажам зошто првите не успеаја.

Така, за луѓето во ДУИ веќе емпириски е докажливо дека повеќе им е важна државата отколку самата партија. Поточно, државните функции и плати. Тоа веќе е јасно воочливо при секој нивен јавен настап, иако, генерално, и од тоа дека и внатре во партијата меѓу себе се вреднуваат само според државна функција и мандат, а не по партиската. За ДПМНЕ, пак, освен историски, може исто така и емпириски да се докаже дека токму државноста не им иде. Откако поприлично, скоро сите државни институции ги јавнаа партиски, тие впрочем и немаат веќе многу маневарски простор каде што можат да симулираат нормална државност.

Еве само два примера од последната недела. По една година живот во неподносливи услови, на еден стар тетовчанец, министерот Спире Ристовски му вети дека тој ќе добие социјална помош. За проблемот со документите (поради тоа што во пожарот на куќата на стариот му изгореле и неговите лични документи), министерот рече дека тоа се активни документи и дека ќе ги обезбедат. Притоа, со ова се издаде, бидејќи истото важи и за неколкуте илјади социјалци, кои ги мачеа претходно да извадат куп документи, иако во скоро сите тие државата има увид преку едно копче во компјутер!

Другиот пример е за документот кој, ете, веќе стана ливче хартија, но чиј оригинал го објави новинската агенција МИА. Така, МИА, како јавен сервис, сега ѝ должи на јавноста одговор, ако не за издавање на државна тајна, тогаш барем за тоа како го обезбедила оригиналот на тој класифициран документ. За да може јавноста да процени кој кого издриблал навистина. МИА должи и за претходно, сè уште незастарените објавувања на неавторизирани интервјуа, во кои не се знаеше кој прашува, а кој одговара, но кои, гледано по содржина, се со препознатливо авторство на еден ист човек. Веројатно некој сосема трет, ниту од МИА, а ниту премиерот!

Најголем доказ за ова е упорното долгогодишно бегање на премиерот од соочувања и дуели во јавноста! Во ваква ситуација, на опозицијата не ѝ остануваат многу начини за да ја задоволи потребата на едно нормално општество за дебата и дуел. Таа, или ќе треба да го најде вистинскиот трет човек, или суфлер во владеачката партија, па да го соочи со некој од кај нив, или ќе треба да купи или „украде“ некое омилено шоу, каде милува да гостува премиерот. Знаејќи го и лично Миленко коркачот кој, ете, никако да го сретнам, иако тој видел кој со кого и каде кафе пие, мислам дека поизводливо е ова последното!

Велат дека е добро во едно општество работите во јавноста да изгледат бесмислено. Доброто во тоа веројатно е само поради тоа што при таква јавна бесмисленост сè повеќе луѓе трагаат и се мислат за општите и вонвременски работи. На пример, за општата смисла на животот. Само со ова се објаснува фактот дека како никогаш досега во Македонија, ете сега, се водат расправи за моралот, религијата, животот и идентитетот!

Друга добра работа и надеж, која дава потстрек да се поднесе бесмисленоста, е и историскиот факт дека некои од најдобрите книжевни дела биле напишани во токму вакви, за тогашните општества, бесмислени времиња. Кафка, Пруст и уште многу писатели се најдобар аргумент за ова. Така и ние, веројатно скоро, ќе имаме прилика да читаме нешто добро од тука, кое било напишано токму во ова време!

“Џемс Бонд Бранкица Роналдо“.

“Џемс Бонд Бранкица Роналдо“. И јас одвај го чекам тој роман, па уште ако снимат филм, па, па, па...

ОкоБоли главаВицФото