Трето издание на фестивалот за документарци - Македокс

11.06.2012 12:54
Трето издание на фестивалот за документарци - Македокс

Со премиера на документарниот филм Бебиња на француски режисер Томас Балме, во петок ќе биде отворено третото издание на МАКЕДОКС.

Од 15 до 22 јуни традиционално и оваа година во Старата скопска чаршија ќе се оддржи Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Љубителите на документарни филмови ќе имаат можност да погледнат вкупно 62 остварувања од светската документарна продукција.

Слоевитоста на документарните теми ќе биде прикажана преку петте програмски целини: главна програма, нови автори, балкански документарци, краткометражни документарни филмови и програма за деца и млади.

„Филмовите што ќе се прикажат оваа недела, отвораат повеќе слоеви на моменталната состојба на планетата Кромид. Овие документарни филмови го прикажуваат слоевитиот живот во Јоханесбург, Намибија, Централна Африка, Либерија, Токио, Аргентина, Мексико, Чиле, пустината Атачма, Дубаи, Чикаго, Њујорк, плажата Бомбај, Москва, Украина, Љубљана, Загреб, Скопје... Овогодинешен фокус ни се балканските документарни филмови, дел од програмата Балкански Кромид. Селекцијата на третото издание на МакеДокс повторно покажува дека е вистинско време за врвни документарни филмови“, вели Петра Селишкар, селектор на МакеДокс.

Во текот на месец мај, во Кинотеката на Македонија, програмата за деца и млади организирана во соработка на општините Центар, Карпош и Аеродром ја посетија околу 2.600 ученици од основните училишта.

Она што допрва следува и што несомнено ќе го задржи вашето внимание се прикажувањата на кратките и долгометражните интернационални документарци.

Поделени во три натпреварувачки категории, документарните филмови ќе бидат оценети и наградени од 5 различни жириа.

Официјални награди на МакеДокс се:

- Кромид - за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма

- Млад кромид - за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм)

- Кокарче - за најдобар филм за деца и млади

На МакеДокс 2011 ќе бидат доделени и две специјални награди:

- Награда за филм со најдобра презентација на Човекови Права

- Награда за филм за најдобри Етички идеи

На фестивалот, покрај работилниците и дискусиите под смоква, ќе биде претставено и дел од творештвото на великанот на македонската фотографија и кинематографија, Благоја Дрнков, како и на двајца современи македонски автори-документаристи: Томислав Георгиев и Огнен Теофиловски, со избор на нивни дела настанати помеѓу двете изданија на фестивалот.

„Особена чест ни е што отворањето на овогодинешниот МакеДокс го посветуваме на доајенот Благоја Дрнков и на новите генерации кои допрва доаѓаат“, вели Бранд Феро, продуцент на МакеДокс.

„МакеДокс фамилијата по третпат, после целогодишна ментална и бирократска посветеност, љубов и семејна предаденост, на скопјани, а подоцна и на малешевчани ќе им понуди нови филмови со слобода во креативната интерпретација и многуслојоност во филмскиот јазик, филмови создадени со многу промислување, фер однос, креативност, разиграност, дух. МакеДокс го препорачувам како благопријатен за општата психофизичка состојба и специфични ситуации на стрес, несоница, апатија, труење или вода во колено. После една доза креативна документарна нарација, лицето се чувствува освежено, прочистено, пројавува зголемен интерес за здрава храна, му се враќа сјајот во очите, си поставува себе и на другите едноставни но смислени и длабоки прашања. МакеДокс веќе трета година успева да ги одржи креативните документарци на позитивната листа“, вели Киријана А. Николоска, директор на МакеДокс

Фестивалот и оваа година ќе го продолжи своето патување низ Македонија. Патувачкото кино, во месец август ќе патува со кино караванот низ Малешевијата. Патувајќи низ Двориште, Ратево, Русиново, Берово, Владимирово, Црних, Пехчево, Панчарево, Митрашинци, Блатец, повторно ќе се обидеме да ги децентрализираме културните случувања и да им донесеме одредена културна доза и на овие места.

Програмата на фестивалот можете да ја видите овде.