Класната борба во Грција (2)

11.06.2012 15:18
Класната борба во Грција (2)

„Славниот референдум кој го предложи ПАСОК не се одржа поради директива од ЕУ. Дали навистина постоеше некаква алтернатива на тој референдум, или тој беше само бирање меѓу „помало зло“ во управувањето со капиталот? Како Грците гледаат на ЕУ и нејзиниот империјализам?

Предлогот за наводен референдум за новиот план на ЕУ беше само трик на претходната влада (и на Папандреу лично), бидејќи беше соочена со сè поголема делегитимизација и не ѝ беше овозможено да го спроведе новиот должнички договор. Значи, нивното решение беше воспоставување нова „влада на национално единство“ со некои членови од Нова Демократија и ултра-десниот ЛАОС. Медиум за воспоставување на оваа влада беше предлогот за озлогласениот „референдум“ кој Папандреу повеќе го користеше за уценување на Нова Демократија да прифати место во коалициската влада. Не постоеше можност да се одржи таков референдум, бидејќи можеше да го загрози продолжувањето на фискалниот тероризам кој ни беше наметнат последниве две години. Освен тоа, мелодраматичниот начин на кој беше предложен се покажа како многу корисен во тероризирањето на грчкото население во целина, за да го натера да гледа на новата влада како на „решение“. Само одредени делови од левицата во своите илузии сметаа дека референдумот е одржлива и можна опција, и дека на тој начин власта ќе му биде предадена на народот.

Популистичкиот национализам е деминантен меѓу дел од грчкиот пролетаријат кој учествува во борбите. Оваа иделогија главно е промовирана од страна на левите политички партии и сили кои во голема мера влијаат на дискурсот и дејствувањето во рамки на борбата. Иако многу пролетери и ситни буржуи, кои се тешко погодени од кризата, се партиски неопределени, националниот идентитет се појавува како последното имагинарно засолниште кога сè останато забрзано се распаѓа. Зад слоганот против „странската, продадена Влада“ или „спас на државата“, „националниот суверенитет“ и „новиот устав“ лежи длабокото чувство на страв и отуѓување во кои „националната заедница се појавува како волшебно обединувачко решение. Класните интереси често се изразуваат низ националистичката терминологија, произведувајќи збунувачки и експлозивен политички коктел.

Идеологијата на „национално заедништво“ исто така е промовирана и користена од самата грчка капиталистичка држава. Партнерите во рамки на ЕУ се портретирани како заповедници и соперници; обединетото европско село, чиишто жители живеат складно и заеднички демократски решаваат, се распаѓа, додека прашањето од исклучителна важност, одбраната на нацијата, оваа вечна измама доаѓа до израз. Најконзервативниот дел од грчкиот пролетаријат кој не е подготвен да ја поништи девалвацијата низ класна борба и кој ја поддржува неолибералната политичка програма ги полага своите надежи во идното зголемување на вредноста на сопствената работна сила преку зголемување на компетитивноста на грчкото стопанство.

Во обата случаи, ЕУ, а посебно Германија како очигледен водач, се смета за страна на моќ која наметнува мерки и политики на штедење за да го зачува својот интерес и целосната отплата на долгот на грчката држава. Втората раширена идеја е дека моќните земји од ЕУ имаат поглед насочен на евтино стекнување на грчките национални интереси и постојан капитал. Владата се доживува како слуга на странските интереси која ја изгубила сувереноста поради фискалните обврски на грчката држава. Главната разлика меѓу левата и неолибералната политичка пропаганда лежи во методологијата на враќање на „националната сувереност“. Во неолибералниот случај, тоа ќе се постигне низ успешно наметнување на програмата за штедење. Во случајот со левичарите, тоа ќе се постигне преку национално независен, социјалдемократски пат на „развој на земјата“, т.е. со капиталистички развој.

Се разбира, постојат и маргинални политички струи меѓу пролетаријатот во Грција кои ја сфатија вистинската природа на програмата на штедење, односно, дека станува збор за суров класен напад на пролетаријатот со цел издржување на кризата низ заздравување на профитабилноста на грчкиот капитал кој со себе повлекува уништување на неговите непродуктивни делови (како што се малите семејни претпријатија кои масовно се затвораат). Класно освестените делови од пролетаријатот сфатија дека овој напад е специфичен облик на заедничката капиталистичка стратегија на ЕУ во Грција. Усвојувањето на заедничката валута беше облик на заедничка капиталистичка стратегија во ЕУ. Програмите за штедење кои се спроведуваат во блиска идинина ќе бидат спроведени во цела ЕУ и нивната консолидација во т.н. Европска фискална унија, за да управуваат со европската должничка криза и да ја спасат заедничката валута.

Последниве неколку години Грција е епицентар на светската класна борба. Каков впечаток оставија судирите меѓу Грчката комунистичка партија (ККЕ) и остатокот од движењето врз самото движење? Дали сето тоа ја ослабна кохезијата на движењето?

Пред сè, би сакале да ја коментираме карактеризација на епицентарот на светската класна борба. И покрај фактот дека активноста на пролетаријатот е континуирана и жива, и создава реални пречки за тековното реструктуирање на класните односи, таа останува „слаба“. Борбите сè уште се фрагментирани, дефанзивни, поголемиот дел од нив се под контрола на синдикатите и присутен е целосен недостиг од автономија на пролетерското дејствување и радикални содржини на борбата од синдикалните барања. Одговорот на поголемиот дел од работничката класа или е окарактеризиан со индивидуалистички менталитет или секциски идентитет кој репродуцира поделби во самата класа, или од националистичко-популистички менталитет на обвинување на „корумпираните“ политичари.

Меѓутоа, признаваме дека класната борба во Грција има директно и индиректно влијание на класната борба на пошироко ниво, посебно во Европа, бидејќи е јасно дека слични мерки на „прилагодувања/штедење“ веќе почнаа да се спроведуваат и во други европски земји.

Нападот на „кризата со јавниот долг“ брзо најде своја мета во јавниот сектор. Сходно на тоа, работниците од овој сектор беа првите кои одговорија против кратењето на платите, огромните резови во јавната потрошувачка, укинувањето на јавните услуги и распуштањето голем број државни институции. Освен штрајковите и протестите кои ескалираа во октомври минатата година, бранот протести во градските совети, министерства и канцеларии на јавните служби од страна на јавните службеници во Атина и низ земјата беше одбележан од несекојдневно унапредување на борбата во овој сектор. Работниците го блокираа влезот во зградата на управата за информатичка служба на социјалната сигурност, влезовите на Министерството за развој, Министерството внатрешни работи и Министерството за домување, како и влезот на пензиската управа при Главниот државен финансиски завод. Овие милитантни пракси, кои барем привремено ги блокираа владините планови за „работни резерви“ (според кои 30.000 државни службеници требаше да ги изгубат работните места во следните неколку месеци) го сигнализираа будењето на мнозинството хронично тромави државни службеници чиешто постоење, според државната пропаганда, сега претставува главниот „структурален проблем“ на државата.

Капиталистичката криза се прикажува како исклучително нездрава за пролетерите, како што тешките резови во сите видови здравствени услуги покажуваат: околу 40% кратења во болничките буџети, намалување на работната сила, известувања за повремен недостиг од медицински прибор, спојување или дури и затворање на болници, ментални установи и рехабилитациски центри. Здравствените работници реагираа со постојани штрајкови, па дури и со заземање на Министерството за здравство (последното заземање траеше 15 дена!). Интересна борба се одвиваше во Општата болница во Кукуш (Килкис), град на северот на Грција, во траење од неколку недели. Пленумот здравствени работници (вклучувајќи ги и докторите) реши да ги заземе просториите и започна со бел штрајк, решавајќи ги само итните случаи сè додека не им се исплати во целост платата за сите работни часови и не им се зголеми приходото на ниво пред доаѓањето на тројката (ЕУ-ЕЦБ-ММФ). Исто така, вршеа бесплатна здравствена заштита, прогласувајќи дека долготрајните проблеми на Националниот здравствен систем во државата не можат да бидат решени преку ограничените барања на здравствениот сектор, и со тоа своите делумни интереси ги сместија во рамки на политичките и економските барања против бруталниот капиталистички напад, барајќи солидарност од сите. Иако окупацијата на болницата е завршена, неплатените здравствени работници го продолжија белиот штрајк.

Две млекарници во Атика и Лариса беа терен за некои победи: по еднодневниот штрајк во млекарницата Агно против отпуштањата и судирот со интервентната полиција, работниците си ги вратија работните места. Во Лариса штрајкот ги присили шефовите да се откажат од отпуштања и кратење на платите. Во една фармацевтска фабрика во северот на Атика, 330 работници се бореа за своите неисплатени плати, а влегоа во судир со полицијата кога шефовите се обидоа да ја отстранат стоката вредна илјадници евра од фабриката. 400 работници од челичаната Елиники Чаливургија во западна Атика штрајкуваа над 150 дена, како одговор на 50 откази откако работниците го одбија новиот колективен договор (работа 5 часа на ден за 50% помала плата) со кој беа уценувани од шефовите.

Борбите за плати се многу чести и во услужниот сектор. Хотелските работници во северна Грција штрајкуваа барајќи ги заостанатите плати, а поголемиот дел од нив се млади и невработени луѓе. И „комунистичките“ шефови се погодени од рецесијата. Во февруари 2010 г. управата на радио-станицата 902 ФМ и телевизијата 902, во сопственост на грчката комунистичка партија (ККЕ), почна да ги отпушта вработените кои не се членови на партијата, без претходна најава. Кога работниците почнаа да се организираат против отпуштањата, се соочија со партиската „подели, па владеј“ тактика. Но, ККЕ беше во судир и со останатите протестанти на генералниот штрајк на 20 август 2011 г. Нивните членови беа стационирани во воена формација околу парламентот, свртени кон демонстрантите, наоружени со заштитини шлемови и палки, и го оневозможуваа пристапот на секого, па дури бараа од новинарите да го потврдат својот идентитет и ги напаѓаа сите оние во толпата кои му пркосеа на нивниот кордон. За сето тоа време интервентната полиција стоеше зад нив, а кога започнаа судирите, таа дојде да ги заштити, напаѓајќи ги луѓето со хемикалии и флеш гранати, и расчистувајќи ја областа.

Подоцна се откри дека сталинистите склопиле договор со полицијата за да можат самостојно да го „надгледуваат“ протестот. Според нашите сознанија, слични договори се постигнати меѓу ККЕ и останатите помали леви партии и синдикати, така што на секој му е доделено посебно место близу парламентот под услов да ја прифати хегемонијата на ККЕ. Пораката од овој судир имаше двојно значење: се покажа дека пролетерите, освен со полицијата, мораат да се справуваат и со сталинистичката полиција. Земјаќи предвид дека многумина го гледаат настанот како судир внатре во протестантското движење, акцијата на ККЕ вбризга страв меѓу луѓето. Истовремено, ККЕ докажа дека е подготвена да го наметне „законот и редот“ како и парламентарната полиција.

Веруваме дека ККЕ и левицата воопшто ќе играат клучна улога во капиталистичката доминација, посебно ако главните капиталистички актери (ПАСОК и Нова Демократија) не успеат да преовладејат во иднина на политичката сцена. Исто така, потегот на ККЕ може да се протолкува и како прв чин на новата политичка доктрина која за цел има пацифизирање на демонстрациите и маргинализирање на насилството на пролетаријатот преку создавање и засилување на поделбите меѓу „насилните“ и „ненасилните“ демонстранти. Поделби кои избледеа за време на претходните мобилизации. Оваа нова доктрина е остварена преку соработка со полицијата и партиско/синдикалните механизми.

Што можете да ни кажете за пленумите? Како се појавија тие? Ги поддржуваат ли работниците? Дали се под големо влијание на политичките партии? Постојат ли пленуми на работните места или само се ограничени на плоштадите?

Првите „пленуми“ се појавија за време на востанието во декември 2008 г. Во многу случаи беа поврзани со окупации на јавните згради како што се градските совети. „Окупаторите“ организираа состаноци со мештаните, обидувајќи се да ја прошират борбата преку организирање локални акции, секогаш поврзани со „бунтот“. Во сите овие акции, заедничка карактеристика беше обидот за „отворање“ на бунтот кон квартовите. Овие пленуми беа сфатени како „квартовски пленуми на борбата“ или „народни пленуми“. Но, пленумите постепено почнаа да слабеат и поголемиот дел од нив или исчезнаа или продолжија да постојат со малку учесници.

Поголемиот дел од луѓето кои учествуваа во нив беа анархисти/анти-авторитарци, левичари, но и жители на квартовите (работници, невработени, студенти, па дури и сопственици на мали продавници) кои не беа политизирани. На самиот почеток повеќето учествуваа како бунтовници, но како што спласнуваше востанието така се враќаа старите идентитети: идентитетот на анархист/анти-авторитарец, левичар или „жител“ кој само се занимава со локалните проблеми на квартот.

Следното динамично оживување на пленумите се одвиваше во мај 2011, под влијание на движењето Indignados од Шпанија, како и востанијата во Египет и Тунис. На 25 мај 2011 г. неочекувано движењето со пленум од плоштадите настана во Атина. Од првиот ден протестирачите го зазедоа плоштадот Синтагма, кој се наоѓа во самиот центар на Атина и стана место каде што се одржуваше дневен пленум на кој учествуваа неколку стотици, па и неколку илјади луѓе. Почетниот повик беше прогласувањето независност и одвојувањето од политичките партии, застапувања и идеологии. Исто така, беше прогласено дека мирно ќе се протестира против мерките на штедење, државното управување со должничката криза и „сите оние кои нè доведоа до оваа ситуација“. Понатаму, главен слоган беше „вистинска демократија“, кој по неколку дена беше заменет со „директна демократија“. Почетните напори на организаторите за поставување тела одредени за демократските правила за пленумот беа отфрлени од страна на учесниците, но одредени прописи беа воспоставени, а се однесуваа на временското ограничување на говор (90 секунди), начинот на кој некој може да предложи тема за расправа (во писмен облик, два часа пред почетокот на пленумот) и начинот на кој говорниците се бираат (преку лотарија). Исто така, мора да се напомене дека околу јадрото на пленумот постојано имаше многу дискусии, настани, па дури и судири меѓу учесниците.

Левичарите, посебно оние од СИРИЗА, брзо се вклучија во пленумот на плоштадот Синтагма и ги презедоа важните позиции во групите кои се формираа за да се врши окупацијата на плоштадот Синтагма, поточно групата за „секретарска поддршка“ и онаа за „комуникација“. Овие две групи беа најважни бидејќи го организираа дневниот ред на пленумот, како и текот на дискусијата. Мора да се напомене дека овие луѓе не ја нагласуваа отворена својата политичка припадност и настапуваа како поединци.

Што се однесува до класниот состав на пленумот, повеќето луѓе кои учествуваа беа пролетери (невработени работници, работници од јавниот сектор, студенти, работници од приватниот сектор итн.) и многумина ориентирани кон демократската левица (патриотска, антифашистичка и анти-империјалистичка). Пленумот на плоштадот Синтагма траеше над два месеци. За тоа време беа донесени многу одлуки, вклучувајќи и организација на директни акции. Сепак, на крајот многу малку луѓе навистина учествуваа во нив. Се чини дека директно-демократскиот процес на гласање за или против одреден предлог на така масовен пленум се стреми кон репродуцирање на пасивноста и улогата на индивидуализиран набљудувач/гласач. Оваа пасивност и индивидуализација кај значаен дел од луѓето беа надминати во деновите на генерални штрајкови, кога потребата за борба против обидот на државата да ги распушти протестите и да го заземе плоштадот Синтагма не само што доведе до учество на илјадници луѓе и судири со полицијата, туку до изразување вистинска солидарност меѓу протестирачите.

Пред крајот на јули 2011 г. полицијата го расчисти плоштадот. Потоа, сите обиди кои се презедоа за да се заживее пленумот, но без повторно заземање на плоштадот, пропаднаа. Една од причините е дека повторното присвојување на просторот, кој го обезбеди окупацијата, беше многу важно за постоењето на пленумот, не само во смисла на заштита од полицијата туку и како предуслов за создавање пролетерска јавна сфера. За време на окупацијата на Синтагма многу локални пленуми никнаа во различни квартови, не само во Атина туку и во други градови. Нивните карактеристики беа горе-долу слични на оние на пленумот од Синтагма, но на помало ниво. Многу од овие пленуми сè уште постојат, но со мал број на учесници, освен неколку исклучоци. Тие се сосредоточуваат повеќе на локалните проблеми, но и организираат активности за одбивање на исплата на новиот данок на имот кој е вклучен во сметките за струја. Што се однесува до работните места, немаше пленуми надвор од синдикалната машинерија.

(крај)

Извор: zarez, XVI/335

За првиот дел, кликнете овде.

Слични содржини

Општество / Европа
Општество / Европа
Општество / Активизам / Европа
Општество / Активизам / Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото