На следниот концерт Мадона планира да ги покаже внатрешните органи

11.06.2012 21:55
Мадона денес

Поп старицата Мадона е решена нејзината последната турнеја, насловена MDNA, да остане во сеќавањето на публиката, ако не по доброто шоу, тогаш барем по провокациите. На пример, на концертот во Истанбул Мадона ги покажа своите гради.

За разлика од нејзините помлади колешки, на кои помалку или повеќе градите случајно им излегуваат од деколтето, Мадона сама ѝ ги покажа градите на истанбулската публика.

Но, тоа не е сè. Пара вести, од извори блиски до агентот на пејачката, дознаваат дека на следниот концерт, кој ќе се одржи утре во Рим, за италијанската публика, која веќе на интернет ѝ ги виде градите кои ги покажа во Истанбул, ќе приреди ново, уште пошокантно изненадување - имено, ќе ги покаже своите внатрешни органи.

За таа цел, со неа на турнеја се и двајца врвни хирурзи чијашто задача е на утрешниот концерт во Рим, кога музичката кулминација ќе биде во опаѓање и публиката ќе почне да го губи интересот за нејзиниот настап, да излезат на сцената и со внимателни, што се вели хируршки прецизни потези и резови, да ѝ направат засек во стомакот, по што, за еден миг Мадона лично ќе ги извади внатрешните органи и ќе ѝ ги покаже на публиката, по што вториот хирург, откако ќе ѝ ги врати назад и ќе се увери дека сè е на своето место, ќе ѝ го зашие резот. Притоа, 54-годишната пејачка ќе стои на нозе и нема да престане со својот музички настап.

Следните два концерта на Мадона исто така се во Италија, поточно во Милано и Фиренца, а какви изненадувања ќе ни приреди таму, останува само да шпекулираме.

Но, на интернет, меѓу групите нејзини обожаватели веќе кружат гласини дека на нејзиниот последен концерт, кој ќе се одржи во градот Кордоба, Аргентина, Мадона планира да се разнесе со динамит во стилот на бомбашите-самоубијци.