Границите на социјалдемократските политики (1)

12.06.2012 10:09
Границите на социјалдемократските политики (1)

Вовед

Како социјалдемократијата се преобрати од едно од најуспешните политички народни движења во историјата во низа од национални партии во политички кризи и длабока идеолошка збунетост во текот на сто години од образувањето на Втората интернационала во 1889 година? Тезата во оваа статија е дека кризата на социјалдемократијата е долгорочен исход на темелни незгоди со коишто реформистичката стратегија на секое работничко движење секогаш се соочува во однос на државата и стопанството. Тие сè уште мора да бидат решени.

Овие проблеми сè повеќе ќе го поставуваат прашањето на дневен ред: дали целта на социјалдемократијата е да биде партија во владеење или организација за општествена преобразба? Макар што ова може во еден поглед било синоним за нејзините членови, ќе биде дискутирано зошто таа неопходно престанува да биде тоа како што изминува времето.

Сфаќања на државата

Борбата на поранешната социјалдемократија за современите демократски права, и општото право на глас особено, почивала на импулсот дека се враќала на древноста, најдобро прикажано во кратки црти со разгледувањата на Аристотел на древна Атина:
„Демократијата постои кога тие кои се слободни и не се имотни, а се мнозинство, суверено ја контролираат владата, додека олигархија постои кога контролата лежи во рацете на богатите, а се малцинство“.1

Овој бил класниот поглед којшто ја образувал основата на борбата од страна на високите класи да ја спречат или поткопаат демократијата низ вековите. Буржоаските мислители, како што е Џон Стјуарт Мил, бил загрижен за „опасноста од класните законски прописи од страна на бројното мнозинство, кое било составено од иста класа“2 и би можело поради тоа да не прифати рамноправни гласови.

Борбата за демократски права од страна на работничкото движење било предуслов за да тоа стане силно народно движење со основа во индустриската работничка класа во развиените капиталистички држави. Сè додека организирањето било незаконско, оваа стратегија за општествена преобразба била невозможна. Борбата за општо право на глас била елемент на стратегијата.

Спектакуларниот раст на членството на социјалдемократските организации ја зајакнала вербата дека освојувањето на државната власт по парламентарен пат било неминовно. Државната власт би била искористена за напредни реформи со долгорочна цел да „се преобрази организацијата на буржоаското општество и да се ослободат потчинетите класи, до осигурување и развој на интелектуална и материјална култура“.3

Расколот на работничкото движење по избивањето на Првата светска војна и Октомвриската револуција исто така имплицирал теоретски раскол во сфаќањето на државата и оттука различни политички стратегии. Според социјалдемократското сфаќање, постоечката држава била инструмент којшто би можел да биде освоен од страна на работничкото движење, додека следбениците на болшевиците тврделе дека државата секогаш била инструмент за владејачките класи да одржуваат својата превласт.

Придобивките создадени од европската социјалдемократија на крајот покажуваат дека сфаќањето на комунистичките партии кон државата во капиталистичките стопанства било погрешно. Изменетата политичка рамнотежа на силите по Втората светска војна ја донела социјалдемократијата на власт во неколку држави, во кои таа можела да спроведе низа важни реформи за работничката класа. Дури во една држава како Велика Британија, за чиј парламентарен систем долго време се сметало дека ја чувал државата безбедна од работничкото движење, лабуристичката партија можела да спроведе низа национализации на индустријата и најважната државна реформа во 20-от век: воведувањето на Национален здравствен систем којшто му дало на населението здравствена нега според социјалистичките принципи /според потреби; види Карл Маркс, Критика на Готската програма – заб. на прев./

Во исто време станало сè повеќе очигледно за западните комунистички партии, на пример големата италијанска PCI и француската PCF, коишто растеле со својата инструментална улога во антифашистичката борба, дека револуционерната стратегија заснована на Коминтернен модел била бесплодна во општества со стабилно капиталистичко стопанство и функционална парламентарна држава со општо право на глас; неспособни да пронајдат алтернатива сите тие на крајот гравитирале кон реформистичка позиција во текот на повоениот период. Само во делови од Азија, Африка и Јужна Америка, каде што такви општествени услови не важеле, првобитната стратегија сè уште имала важност.

Слепите грешки на социјалдемократијата

Но, социјалдемократското сфаќање исто така ќе се докаже дека е поедноставено.

Прво, борбата на работничкото движење за општо право на глас не била заснована на класичната теорија на демократија како облик на владеење. Ниедна од централните институции на атинската демократија немала избрани претставници, наместо тоа, тие биле извлекувани случајно меѓу граѓаните. Избраните претставници биле оценувани дека се „аристократски“ принцип за избирање на „најдобрите“ во однос на статусот и образованието. Овој метод се користел речиси секогаш за избирање десет генерали на градот. Само кандидатите избрани со ждрепка можеле да гарантираат дека сиромашните земјоделци и занаетчии ја поседувале политичката власт. Испитувањето на националните парламенти во современиот свет во однос на класна, полова и етничка припадност покажува дека атинскиот преглед бил точен; тие се пополнети со претставници кои не се статистички претставителни. За народните партии образувањето на професионални политичари, чие општествено минато се разликува од движењето, води кон долгорочни проблеми, бидејќи постои растечки ризик тие да престанат да ги споделуваат истите погледи и приоритети. Ризикот понатаму е зголемен кога примарната цел е да се победи на парламентарните избори и кога професионалните политичари можат да си обезбедат економски привилегии.

Второ, дури ако државата е законски подредена и може понекогаш да делува единствено, таа е хиерархија од државни машинерии коишто не секогаш делуваат согласно. Најекстремен пример е Чиле за време на 1970-те, кога класното отстапување на воената служба довело до тоа таа да гледа на владата на Аљенде како закана на поредокот и решила да стави нејзин крвав крај. Во неверојатна ситуација вооружените сили да се свртат против една избрана влада во развиените капиталистички држави денес, нема да биде тешко да се погоди која политичка насока државата ќе заземе. Поверојатни примери, сепак, се Министерствата за финансии или Централните банки, коишто можат да го ограничат просторот на владата за економска политика и поради тоа да влијаат на нејзината насока.

Трето, власта на државните машинерии тече од монополот на законската употреба на насилство. Ни одлуките донесени во државата, ни извршните наредби на министерите, ни законите изгласани од парламентот би биле ефикасни без можноста да се санкционираат тие кои не ги следат. Колку оваа државна власт се користи да го препроизведува капиталистичкиот начин на организирање на општественото производство дотолку таа е практично капиталистичка по природа без обѕир на тоа која партија или намери владеат.

Четврто, и најважно, е структурната зависност помеѓу државните машинерии и капиталистичкиот сектор. Ова е централниот проблем на инструменталното сфаќање на државата од страна на реформистите и треба да биде разгледан поопширно долу.4

Државата во капиталистичко стопанство

Целокупниот изведен труд во капиталистичкиот сектор исходи со производ којшто се распределува помеѓу посредниците на Слика 1. Луѓето кои ја управуваат државата имаат положба во стопанството којашто им дава можности за привилегии, богатство и моќ преку нејзината способност да наметнува даноци. Државата му дава на капиталистичкиот сектор правен систем и закони без коишто тој не би можел да функционира, но во исто време државата е зависна од даночните доходи од приходите во секторот и кредитите за да делува во светската економија.

Слика 1: Централните посредници во едно капиталистичко стопанство и нивните основни односи

Оваа зависност ги присилува државните менаџери да бидат загрижени за одржувањето на стопанската активност, без оглед на тоа дали тие се бирократи или избрани професионални политичари; без оглед на тоа дали нивните цели се да изградат воен капацитет или да имплементираат општествени реформи. Во исто време тие мора да присвојат поглед над цело стопанство за да ги спречат уништувачките ефекти на капиталистичкиот сектор – на пример, кризи и невработеност – инаку државата бргу ризикува да ја загуби политичката поддршка од другите делови на населението од коишто таа е зависна до различни степени.

Стопанската активност многу зависи од нивото на инвестиции во стопанството. Овој факт им дава на поединечните капитали колективно вето над политиката: претпријатијата создаваат продуктивни инвестиции, а изнајмувачите даваат кредит во зависност од тоа како тие гледаат на профитабилноста и политичко-економската клима, односно ако општеството е стабилно; ако стопанството се проширува; од тоа дали работничкото движење е под контрола; ако нивото на даноци не се зголемува итн. Ако деловната доверба на капиталистите опаѓа, нивото на стопанска активност и оттука просторот за државна политика опаѓаат исто така. Ова се случува во контекст на сопернички држави, што историски претходи на капитализмот, кои делуваат во едно светско стопанство. Инвестициски протест следи со заминување на капиталот во други држави и тешкотии да се добијат кредити за размена со странство.

Овој структурен механизам ги дисциплинира поединечните држави под стабилни услови да имплементираат политики коишто не ја повредуваат довербата на сопствениците на капитал и, воопшто, делуваат да одржат стабилен развој на сиот капиталистички сектор.

(продолжува...)

Извор: http://reality.gn.apc.org/polemic/zachariah_socialdemocracy.pdf

Превел: Томислав Захов

За вториот дел, кликнете овде.

________________________

[1] Aristoteles och Saunders [1, p.245].

[2] Mill [9, ch.7,§.1].

[3] Партиска програма на Шведската социјалдемократска партија (SAP) од 1911, [12, §.1].

[4] Следната анализа е заснована на Block [2] која беше одговор на дебата започната од Nicos Poulantzas [11] и Ralph Miliband [7, 8] i New Left Review.

ОкоБоли главаВицФото