Европа, на крајот

12.06.2012 11:41
Европа, на крајот

Ако Европската унија во наредните неколку месеци продолжи да се урива пред нашите очи, следејќи го токму најпесимистичкото сценарио за кое со години зборувавме, набрзо нема да постои.

Европејците не сакаат да поверуваат дека е можно такво нешто. Им се потсмеваат на луѓето кои го предвидуваат тоа. Исто како оние кои, кон крајот на 18-от век, одбиваа да го признаат подемот на национализмот, додека се занимаваа со просветителството, човековите права и откривањето на светот, па беа затекнати од војните кои 25 години ја разоруваа Европа, почнувајќи од 1792 г. Како оние кои кон крајот на 19-от век одбиваа да го признаат враќањето на истите демони, бидејќи беа зафатени со прогресот, глобализацијата и републиката, па ги изненади 50 години војување кое ја разоруваше Европа почнувајќи од 1914 г.

Денес го повторуваме сето тоа. Светот има причина да биде задоволен. А Европа уште повеќе: животен стандард без преседан, досега невидена безбедност, слобода на која сите ѝ завидуваат. Па сепак, истите демони ќе доведат до истите трагедии. Помладите поколенија не можат да поверуваат, за нив, низ програмата Еразмус, Европа се подразбира.

Меѓутоа, секој ден пијанството е сè полошо, лавината расте, канцерот се шири, цунамито е сè посилно – во зависност од метафората.

Историјата однапред се пишува: оставете ја Грција да банкротира, не ги спасувајте шпанските банки, оглушете се за идните барања, италијански и француски. И тоа е тоа. Тоа ќе биде крајот на шеесетгодишниот труд. И дури тогаш ќе сфатиме дека, со само малку солидарност, сме можеле да спасиме сè. Дека Германија, заборавајќи на дарежливоста која до пред само неколку децении другите ја покажаа кон неа, ја сноси најголемата одговорност. Дека Франција пет години немаше намера ниту се осмелуваше да се залага за најважното европско прашање – европската федерализација. Дека со праќањето слаби кадри во Брисел, за да не ги засенат, европските политичари го добија она што го заслужуваат. Дека, верувајќи во илузиите за сопствената непогрешливост, централните банкари само играа мали безначајни игри на меѓусебно тапкање по рамо. И дека остатокот на светот, вклучувајќи ги Британија и САД, сепак предолго веруваа дека пропаста на еврото ќе биде добра вест за нив.

Ама, не е поентата во тоа. Ако оваа долго најавувана прогноза за пропаст се оствари, тоа само значи, као што Штефан Цвајг пишуваше во „Вчерашниот свет“, дека Европејците одлучиле така. Бидејќи немале проект. Бидејќи немале закана која би ги обединила. Замајани од погубната максима „секој за себе“. Небаре тепачката околу чамецот за спасување повторно е побитна од спасувањето на бродот. Историчарите ќе се сеќаваат како демократскиот идеал е изопачен во диктатура на индивидуализмот, од кој ќе страда нашата цивилизација.

Зошто тогаш да се надеваме кога решението е технички толку едноставно (како што често споменуваме: создавање федерално ниво во еврозоната), а политички е толку неизводливо? Будење на народот. Како? Низ француско-германски договор за распишување референдум за целата еврозона, истиот ден, со следново прашање: „Дали сте за тоа да поделиме дел од својот суверенитет поради зачувување и зајакнување на нашата благосостојба?“

За таква дебата секогаш можеме да сонуваме...

Извор: L`Express Blog

Што ако Грција влезе во

Што ако Грција влезе во спирала, што ако во грција луѓето почнат да се убиваат на улица, што ако таа тенденција ги блокира протокот на добра, комуникацијата и патувањето/транзитот, што ако Фашистите излезат од парламентот и формираат свои парамилитарни структури надвор од полицијата, што ако при тоа паралелно формирање на институции доведе до директна конфронтација по секоја основа, зар тогаш некому во Грција ќе му биде гајле дали е или не е во Евро-зоната или ќе сака да види некаква мобилизација и пресметка, што ако по воената интервенција во судирите се вклучат Енглезите од нивните бази во Кипар, а на тоа кротат и други структури, што ако се воведе Драхмата кога таа нема ништо да вреди и никој нема да им даде пари на Грците на финансиските пазари, што ако ова сценарио или сценарија ни бидат сервирани како филм, дали ќе се вклучиме со водови-доброволци како во Шпанската граѓанска војна, дали резолуција на ОН за ембарго и забрана за соработка ќе не натера да го смениме односот кон соседот, дали Турција ќе се смее, не, всушност што ќе превземе? Прашувам, што ние од тука ќе правиме со Фашистите и Фашистичката идеологија на барем десет проценти од населението на Грција?, мисли ли некој дали на Сириза треба хардкор да и се даде поддршка за радикална пресметка со Фашистите или ќе се повтори идејата за "Солун е наш"; од друга страна Сириза сметам ќе омекне за географската одредница, на пример Р. Македонија (Скопје), а ако тоа се случи, треба сите проценки да ги буткаме таму. Закана пак за Национализација на ОКТА е можна од наша страна доколку има национализирање на банки, електростопанства и водни субјекти од страна на новите власти и тоа веднаш после отфрлањето на Грција од Евро-зоната. Ќе има ли некој сила од овде и пред изборите да им се закани на новите власти дека национализирањето на компаниите во Грција ќе има консеквенци и кај нас?

Слични содржини

Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото