Фудбал, крв и пиво

13.06.2012 09:53
Фудбал, крв и пиво

Слушам дека пак се одржува некое фудбалско првенство. Гледам дека некои кретени се тепаат масовно поради нешто, а притоа страда полицијата – и тоа ми е од некаде познато. Истите кретени на расна основа навредуваат некои луѓе кои играат многу подобро фудбал од нив и од белците.

Производителите на едната и иста течност која ја нарекуваат со разни марки на пиво се расфрлаат со неописливо идиотски реклами, сите калкулирајќи на тоа првенство. Секој идиот кому фудбалот не му е „најважната споредба работа во животот“, туку му е „целиот живот“ и не заслужил да пие ништо подобро од тоа нивно пиво кое не го бива за кур. Тие пивари си мислат дека остатокот од населението е составено од идиоти, и веројатно се во право кога го потценуваат така од висина.

Значи, на дело е повторно еден од цикличните врвови на општата идиотизација, успешниот експеримент во заглупавување. Како инаку една озлогласена криминална индустрија, во која се вртат валкани пари преку корупција и измами, би била толку успешна? Фудбалот – без разлика на тоа што мислат многумина – е организиран криминал од најопасен вид, токму затоа што е општествено посакуван како средство за заглупавување, сточна храна и идеален начин за перење пари. Затоа повремено во Германија или Италија ќе уапсат некоја банда фудбалери и нивни мафијашки кумови поради местење натпревари и други кражби. Меѓутоа, тоа нема никакво влијание врз работата на целата криминална индустрија, иако на сите им е јасно за што станува збор.

Во поранешна Југославија фудбалот беше политичка работа, што уште подобро ја илустрира мојата горна теза: секој политичар од некакво значење мораше да седи во управата на некој клуб и – се разбира – во почесната ложа. Дали денес е поинаку? Погледнете само кој сè седи во управите на фудбалските клубови: политичари, естрадни ѕвезди, контроверзни бизнисмени, лица познати на органите на прогонот кои живеат од недостаток на докази итн. Тоа секако не е друштво во кое нормален и пристоен човек би се чувствувал добро. Впрочем: колку фудбалски функционери, на чело со еден претседател на некој важен фудбалски сојуз, се досега убиени во заседи и експлозии? Како „Обилиќ“ стана првак? Каде се парите од продажбата на фудбалерите и дали е платен данок на тие пари? Таа мафија се придржува до заветот на молк (омерта), се разбира: парите се преголеми и притоа ослободени од данок. Што сакате повеќе од тоа?

Барем да знаеја притоа да играат и фудбал, па ајде, нека им биде. Туку, немаат врска: дури не успеаја да се квалификуваат ни за ова глупаво европско првенство. Од глава не можам да го извадам познатото објаснување на некојси тренер по изгубениот натпревар: „Не ни одговара нивниот стил на игра“. Па, се разбира дека не ви одговара, зашто тие знаат да играат, а вие – не.

Морам повторно да се согласам со мојот колега и пријател Александар Ќириќ од списанието Време: во оваа држава фудбалот треба да се забрани во наредните 18 години, додека не израсне нерасипаната генерација млади спортисти кои играат фудбал на ливада, на мали голчиња.

Извор: Danas

На фотографијата: вчерашниот судир меѓу полските и руските навивачи во Варшава

Слични содржини

Општество / Европа / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Спорт
Општество / Свет / Спорт
Општество / Балкан / Спорт

ОкоБоли главаВицФото