1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
На 20 јануари 2012 година, во косовскиот град Призрен, пред еден трговски центар еден граѓанин од албанска националност се полеа со бензин и се обиде да се запали. За среќа, меѓу многубројните минувачи се нашол полицаец кој, иако не бил на должност, енергично интервенирал и му го спасил животот на несреќникот.
Оваа случка е дотолку повеќе вредна да се напомене бидејќи исто така во јануари, поточно 14 јануари 1968 година, на Венцеловиот плоштад во Прага, во протест против влегувањето на советските трупи, чешкиот студент Јан Палах се самозапали и со тоа испровоцира ланец протести во целиот комунистички блок. „Прашката пролет“ спаѓа меѓу најзначајните настани од новата историја на човештвото. А нешто пред повеќе од една година, на 4 јануари 2011, еден туниски трговец со овошје, Мухамед Буазизи, со своето самозапалување во градот Сиди, започна серија протести кои го променија целиот појас на северна Африка, нешто што денес е познато како „Арапска пролет“.
Би било, секако, наивно спречениот обид за самозапалување на призренскиот граѓанин да се стави во низата со споменатите историски настани. Крајно е сомнително дали овој чин, доколку успееше, би предизвикал масовни протести во Призрен, Приштина и останатите градови и села во Косово, и дали на тој начин би започнала некаква „албанска пролет“ со евентуални ефекти на подрачјето на целиот Балкан. Вака остана само новинарска вест.
На 17 февруари, Република Косово, таа најмлада држава во Европа, славеше четири години од своето постоење. На ова му претходеа децении и векови во кои Албанците воопшто, а пред сè Албанците од Косово, ако би сакале тоа да го изразиме помалку патетично, живееја во ропство, даваа отпор, се бореа за својата слобода и, да речеме, за едно нормално место во европското семејство на народите. Дотолку повеќе што тие речиси и не се разликуваат од своите соседи.
Упадливо е навистина драматичното задоцнување со кое овие настојувања се крунисани. Причините лежат во далечното минато и треба да ги бараме во произволниот нов-поредок на политичката географија на Југоисточна Европа на почетокот на минатиот век, кога пропаднаа обете дотогаш доминантни сили, османлиската и австро-унгарската. Останаа опасни жаришта поради кои Балканот неколку децении подоцна пролеа многу крв. Меѓу најголемите жртви спаѓаат токму косовските Албанци кои по случај на околностите беа турнати во еден длабок конфликт со Србите.
Иако албанските политички и културни кругови не сакаат да го признаат тоа, Албанците за време на својата вековна зависност од Османлиското царство, но донекаде и за време на српската колонизација во текот на последните осумдесет години на минатиот век, умееја, дали само од себе или дури своеволно, да се прилагодат на тие режими.
Веројатно, нивното преживување зависело од претпоставките да ја прифатат исламската вероисповед како и голем дел од митологијата, традицијата, јазикот и културата на своите османлиски и словенски господари. Етнички самостојните Албанци со својот изворен јазик и својата култура, како и со своето силно зачувано патријахално уредување на принципот на племенска заедница, токму во карпестите и тешко пристапните планински предели на север, си зачуваа едно силно јадро на борбен потенцијал.
По Првата светска војна Албанија го започна својот прилично неконсеквентен развој во самостојна држава кој беше проследен со многубројни неуспеси и фази на незадоволство, додека косовските Албанци, кои благодарение на Лондонската амбасадорска конференција на големите сили се најдоа целосно маргинализирани од останатите делови на Европа, мораа да настојуваат во рамките на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците да ѝ се спротистават на словенската доминација. Како најзаостанат регион на југословенската државна заедница, Косово, изложено освен тоа и на постојани притисоци, напредуваше бавно и макотрпно. Во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век спалувањето на многубројните албански населби на Косово се третираше како легален акт на држвано насилство. Оттука може да се објасни жалосниот факт дека за голем број косовски Албанци освојувањето од страна на трупите на нацистичка Германија било еден вид добивка, бидејќи тие се надевале дека тоа ќе им овозможи воспоставување на национално единство во рамките на нешто што до ден-денес е познато под застрашувачкиот поим Голема Албанија.
Одмаздата беше страшна. Со победата на комунистите по протерувањето на нацистичките армии од Балканот, југословенската монахија беше заменета од социјалистичка држава, на чие чело стоеше Јосип Броз Тито. Косово доби статус на социјалистичка автономна покраина во рамките на Република Србија и во рамките на југословенската федерација.
Пред сè, за време на првите дваесет години од Титовото владеење, Косово беше најсиромашниот регион на југословенската држава со нејзините 20.000.000 жители и како таков поминуваше низ бројни несреќи. За тоа сведочи фактот што во 1945 година дваесет проценти од косовските Албанци беа сосем неписмени. Големи тешкотии и социјални драми се одигруваа на ова подрачје, по што се рашири сонот за обединување со Албанија, која во меѓувреме исто така стана комунистичка земја.
Југословенската полиција и војска со леснотија ги соваладуваа поремените и само на поединечни подрачја ограничени побуни во 50-те години. Затоа Албанците на Косово започнаа постепено да навикнуваат на неизбежноста барем делумно да се прилагодат на Титовиот режим, а притоа никогаш не се сметаа за нормален дел од државната заедница.
За време на Титовото владеење и Белград во односот кон Албанците започна да се однесува поразлично од претходната воена монархија. Настојувањето за интеграција на Албанците во училишниот систем не беше без успех. Децата и младината смееја да се школуваат на својот мајчин јазик, а потоа можеа да студираат во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана и Скопје. По враќањето во Приштина работеа главно како лекари, новинари, писатели, режисери, или дури и како политичари. Првиот весник на албански јазик, идеолошки строго на линија на комунистичката партија на Југославија, се појави дури во 1945 година, додека првото албанско книжевно списание Jeta e Re (Нов живот) започна со работа во 1949 г. За време на големите студентски демонстрации во Европа, на 18 ноември 1969 година, во Приштина е основан Универзитет со настава на албански јазик. Во остриот контраст кон напредокот на подрачјето на образованието и културата вршени се политичките репресии на тоа време, масовно протерување на албанските муслимани во Турција, интернинрање и апсење на млади албански интелектуалци од тоа време по наредба на Александар Ранковиќ, шеф на озогласената југословенска тајна полиција ОЗНА, односно УДБА, кој беше најблизок соработник на маршалот Тито. Тој период кој траеше повеќе од дваесет години покажа две нешта: иако Србите се изјаснуваа како најсрдечни борци за социјалистичка рамноправност, кога станува збор за Албанците, тие не се придржуваа до тоа, додека за Албанците истото беше потврда на нивното уверување дека Србите, без оглед на своето политичко определување, едноставно се окупатори и колонизатори. Ни до денес не е рајаснето, не е ли можеби Косово и тиранијата врз албанското население причината за Титовото разидување со Ранковиќ?
Во секој случај, факт е дека кон крајот на шеесеттите, а особено за време на седумдесеттите години од минатиот век, автономијата на Косово во рамките на југословенската федерација беше проширена. Албанците не само што имаа сопствени весници, телевизиски станици, високи школи, новинари и писатели, режисери и театар, туку и во федерацијата имаа свои сопствени застапници, а тие доаѓаа од редовите на албанските политичари кои му беа верни на режимот, на владејачката идеологија и на маршалот Тито.
Така дојде и до првото внимателно отворање на границата помеѓу Косово и Албанија. Студентите и научниците, уметниците и културните работници на обете земји ги остварија првите контакти, разменуваа филмови и книги така што сега албанските писатели на Косово конечно гордо можеа да речат дека нивните книги се објавени и во „матичната држава“. Режимот на Енвер Хоџа во Тирана ги вклучи во процесот на стандардизација на албанскиот јазик и косовските научници. Ова внимателно приближување на двете земји, кои по Втората светска војна најпрвин се прегрнаа, а потем искараа, траше сè до смртта на Јосип Броз Тито (4 мај 1980).
Набрзо потоа започна едно ново поглавје во меѓусебните односи на словенските народи во југословенската држава. Албанците од Косово, Македонија, Црна гора и јужна Србија заедно, иако означени како малцинство, по својата бројнот беа третата национална група после Србите и Хрватите, а побројни од Словенците, Црногорците, босанските Муслимани и Македонците. Причините за масовните протести на албанските студенти во Приштина во март 1981 до ден-денес не се целосно расветлени, но отсекогаш е во живо сеќавање паролата со која демонстрантите тогаш чекореа по улиците: „Косово-Република!“
Резултатот беше заострување на политиката на Белград кон Приштина и Албанците. Номенклатурата албански политичари, која остана од Титовото време, се залагаше за изедначување на интересите на Сојузот на комунисти и стремежите на албанското население на Косово. Државното раководство на Албанија, ослабено и дестаблизирано од болеста, а потоа и смртта на Енвер Хоџа, ги затвори границите и одби да им даде поддршка на бунтовниците против моментално замрзнатата состојба на Косово. Тоа им одеше во прилог на комунистите на Југославија кои во отворањето кон Албанија ја видоа главната причина за споменатите немири. Во меѓувреме, мали марксистичко-ленинистички ориентирани ќелии и лево определени групи во Приштина и во косовско-албанската дијаспора во Германија, Швајцарија и Австрија отворено истапуваа против југословенскиот режим и ширеа идеи за обединување на сите Албанци на Балканот. Угледниот албански новинар и публицист, писателот Јусуф Гервала, кој уште пред демонстрациите, во 1979 г. побегна во Германија, убиен е заедно со својот брат Бардош и еден од своите соработници, Кадри Зеко, во градот Унтергрупенбах во Јужна Германија. Иако ова убиство и до ден-денес не е разјаснето, никој не се сомнева дека тоа го направила југословенската тајна служба, која пред тоа веќе ликвидираше цела низа хрватски политички емигранти.
Герваловото убиство во Приштина даде дознание дека нема враќање на старото. Слободите на „социјалистичкото самоуправување“ од времето пред 1981 заменети се, по диктатура на Белград, со клима на напнатост и меѓусебни обвинување на Албанците. Сè се контролираше: печатот, уметноста, театарот и филмот, а секако и литературата.
Во државата во која сè повеќе се чувствуваше отсуството на Тито, растеше и незадоволството и кај Србите и кај Хрватите. Никој повеќе не се осврнуваше на Албанците кои во седумдесеттите и осумдесеттите години постигнаа видлив напредок на полето на инфраструктурата, економијата и културата, и кои постепено ги напуштаа патријахалните структури и живот во рамки на големото семејство, бидејќи конфликтите едноставно ги пренесоа на другата страна. Национализмот на Србите, по број најголем и најмоќен народ во Југославија, во меѓувреме од небото на митологијата и религијата слезе во политиката на Белград. И денес сè уште е тешко да се прифати фактот дека токму претставниците на културата, книжевноста, публицистиката, театарот и филмот први ѝ се приклучија на националистичката кампања и патетично лелекаа над наводното жртвување на Србите во периодот по Втората светска војна и тоа токму под комунистичкото водство на Тито, кого еднаш го прогласија за Хрват, а друг пат за Словенец. Таквата злобна атмосфера вреди да му се припише на тоа дека во едно време, кога веќе започна да се лулаат и разнишуваат фундаментите на црвената империја на Источна Европа, политичката елита на Југославија тргна по патот на националистичкото мразење, шофинизам и војна.
Секако дека првата жртва повторно стана Косово.
(продолжува...)
Извор: Sarajevske sveske
Фотографиите се од денот кога Косово прогласи независност, а се преземени од nytimes.com
За вториот дел, кликнете овде.