Првиот амандман и одмаздата на Путин

15.06.2012 11:04
Првиот амандман и одмаздата на Путин

Првиот амандман на Уставот на САД е посветен на слободата на вероисповед, слободата на говор и слободата на собирање. Тој отприлика гласи вака: „Конгресот никогаш нема да изгласа закон со кој се ограничува... правото на граѓаните на мирно собирање и изразување на својот протест упатен кон власта“.

Политичките слободи и слободното собирање во современиот свет се сместени во категоријата неотуѓиви човекови права. Тоа е утврдено и во членот 20 од Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот, во членот 11 од Европската конвенција за човековите права, во членот 21 од Меѓународниот договор за граѓански и политички слободи (ICCPR) и во десетина устави на разни земји од светот.

Отсега па натаму, во Русија повеќе нема слободно собирање. Партијата Единствена Русија во парламентот изгласа закон кој му противречи: а) на Уставот на Руската Федерација, и б) на сите меѓународни договори кои Руската Федерација ги потпишала по предметот човекови права. Првата противречност дозволува можност за поднеусвање тужба до уставниот суд на РФ по итна постапка, и јас сум повеќе од уверена дека тоа ќе се случи. Освен тоа, тужбата ќе ја подготват и поднесат низа уважувани правници. Втората ќе овозможи во Европскиот суд за човекови права, една по друга, редовно да се поднесуваат тужби против последиците од примената на овој закон.

Воопшто не се сомневам дека овој закон е изгласан на лично инсистирање на Владимир Путин, како и дека неговото донесување е реакција на протестите кои по неговото прогласување за претседател како летен дожд се стрмоглавија на нашата земја. Путин ни се одмаздува за преживеаниот страв, за својот уплав. И од тој уплав, Русија конечно стана полициска држава.

Ништо ново под нашето небо: на местата каде што не победува револуцијата, нештата во свои раце ги презема реакцијата. Тука веднаш ќе добиеш растерување на протестните „шетачи“, и темелна инспекција на банката на противкандидатот на Путин, и идиотската тужба против Божена Ринска која на својот блог напиша дека добила желба да го прободе со шило окото на специјалецот кој се нафрлил на неа на протестот. Обратете внимание на важен детаљ: тужбата е поднесена точно шест месеци по појавата на овој запис на интернет.

Што е тоа што ја плаши – вистински ја ужаснува – нашата власт? Сега веќе на сите им стана сосем очигледно дека тоа се митинзите, повиците на активни дејствија и финансирањето на опозицијата.

И таа власт многу сериозно се подготвува за идна војна со својот народ. Од 2003 г. па до денес, бројот на обучени специјалци се зголеми повеќе од двојно, и нивната бројка значително преминува 25.000 добро опремени и вооружени лица. Денес речиси секој трет обичен регрут се вклучува во единиците на т.н. внатрешна војска, а Министерството за внатрешни работи под ознаката ’итно’ купи 167 нови оклопни возила.

И затоа, не одмавнувајте веднаш со раката на Законот за митинзите и немојте фарисејски да заклучувате дека „тоа е само на нивна штета“, дека тоа е „неостварлив и глупав закон“ и сл. Тој закон е силен, просто разорен потег на власта. Ударот со палка по главата отсекогаш бил (и ќе биде) жесток потег на власта. И не треба да се занесуваме со мислата дека санкциите според овој закон кога-тогаш ќе бидат применети и на нашистите кои организираат митинзи. Или дека новопечениот ополномоштеник на претседателот, Игор Холманскиј, истиот оној кој на Путин му вети дека со момците од Уралвагонзавод на тенкови ќе дојде во Москва за да заведе ред, сега ќе биде сменет од својата нова должност. Бидејќи, наводно, макар и со тенкови, тоа сепак беше несанкциониран „повик на истовремена масовна средба на група луѓе и нивен престој на едно место“, што со новиот закон е строго забрането.

Она што би сакала да го нагласам е следново: точно е дека за својот декемвриски уплав со овој закон Путин луто му се одмаздува на „мајмунското племе“ од плоштадот Балотниј, но неговата одмазда е сосем кршлива. На сите оние кои во иднина ќе се осмелат да излезат на митинг им се заканува не со затвор туку со високи парични казни. Според мерилата на слободното општество, тоа е недозволиво, а според мерилата на авторитарното – комично. Можете ли да си го замислите Сталин како го казнува со парична казна учесникот на некој митинг кој над главата носел парола „СССР без Сталин“?

Тоа е она што го разликува Путин од Асад, Ахмадинеџад и останатите изопаченици низ светот, и тоа е, всушност, неговиот основен проблем. Неговите момци со задоволство би плукнале на омразеното им странство, на тој гнил Запад, но (по којзнае кој пат веќе го повторувам ова) не можат, зашто таму им се отворени банкарските сметки. Освен тоа, планот за озаконување на сиот имот кој тој и неговите момци досега го единственорусизирале е основна задача со која треба да се занимава во текот на третиот мандат. И затоа е просто поразувачка упорноста на Кремљ да избоксува безвизен режим за Русија од ЕУ (читај, можност чиновниците со џебови полни подвижен имот во секој миг да избегаат таму), од една страна, и од друга, истовремено ја користи секоја можност, често дури и со отворени навреди, да го обвинува Западот за непријателство кон Русија.

Невозможно е да не се забележи дека со педантното затнување на сите дупки на котелот од народното незадоволство, Путин не презема никакви мерки за намалување на притисокот на пареата во него. Во текот на сите години од владеењето тој на располагање имаше десетина разни можности да се покаже пред јавноста како главен заштитник на правата и правичноста во Русија. Условно кажано, по псевдо-осудата изречена на еден разбојник како Цапков Цеповјаз, можеше да застане пред ТВ камерите и громогласно да изјави: „Што – парична казна од 150 илјади рубљи?! Зарем тоа е праведна пресуда за еден од главните членови на бандата за која е докажано дека веќе со години неказнето се занимава со грабнувања, силувања и ладнокрвни убиства?!“ Можеше јавно да испрати „доктор“ кај едниот од потпретседателите на Гаспромбанка, кога овој уважен државен службеник почна безобѕирно да штанца тужби против блогерите кои пишуваа за тоа дека овој со колата удрил двегодишно дете, а потоа побегнал од местото на несреќата. Можеше... Впрочем, идејата е јасна. Забележавте дека воопшто не зборувам за тоа дека тој неизоставно мораше да ги избрка сите тие луѓе од чекалницата на својот кабинет и потоа на мира да ги подготви и започне сериозните реформи во Русија. Зборувам само за тоа дека имаше и повеќе од доволно прилики да се огласи и да покаже дека е наводно заинтересиран за воспоставување на владеењето на законот и правото. Бидејќи, ќе признаете, тој Цеповјаз навистина му е никој и ништо.

Но, тој не направи ништо слично на ова. Судејќи според сето тоа, за Путин постои проблемот со митинзите, но проблемот на целосното безвластие – не. Навистина зачудувачка работа: Путин и соработниците на неговиот режим не се подготвени да го поделат монополот врз насилството со опозицијата, но затоа спремно им дозволуваат на најразличните разбојници слободно да шетаат низ оваа, за нив екслузивно предодредена забрана.

И како исход на овој факт, ние денес имаме една навистина исклучителна ситуација: станавме полициска држава во држава без полиција! Мислам на полицијата која се грижи за безбедноста на граѓаните. Таа засега само се грижи за безбедноста на Путин. Ќе се грижи ли уште долго?

Извор: Новая Газета

Скулптури: Питер Бурке

ОкоБоли главаВицФото