Ревизионистот на Pax аmericana

15.06.2012 12:25
Ревизионистот на Pax аmericana

Бранот на бескомпромисноста ја заплиснува постојано Македонија. На тој бран сурфаат многумина - познати и признати, небитни и маргиналци. Меѓу сурферите, по подолго време, се појави и Ферид Мухиќ.

Темата за (бес)компромисноста и за компромисите во македонската политика, во основа, е многу едноставна, дури е и банална приказна. Но, треба волја и треба повод да се раскаже. Онака, искрено и чесно. И којзнае, можеби, тоа ќе биде стоти или илјадити пат. Една од незгодните работи кај оваа тема, е што таа мора да започне во ретро-стил, не затоа што чувствувам потреба да го толкувам минатото, туку, тоа е единствениот начин да се дојде до оние стожерни точки кои се битни за Македонија и од кои таа не смее да се одалечи.

Откако на просторите на бивша Југославија беше воспоставен Pax аmericana, се чинеше дека Македонија беше државата која најдобро помина и која најмногу му се израдува. Тогаш, барем, така се мислеше. Но, тоа беше пред речиси 17 години. Сега, Македонија остава впечаток на држава која е најмногу погодена и е најмногу фрустрирана од мирот што го донесоа Американците.

Pax аmericana беше одговор на политиката на сила што завладеа на просторите на бивша Југославија. На силата се одговори со сила. Големата моќ ја скроти помалата. Но, со Pax аmericana беа спречени великодржавните проекти, беа оневозможени обидите да се создаваат етнички чисти држави на Балканот и завладеа каков-таков мир.

Мирот на Американците беше наметнат мир. Тој мир не беше ниту совршен, а ниту беше праведен, посебно од аспект на државите кои беа жртви на агресијата. Но, тој стана реалност и од таа реалност е тешко да се излезе. Pax americana донесе систем на договори, кои од победниците (ако воопшто може да се зборува за некакви победници) и од поразените се бараа компромиси. Тешки и болни компромиси. Притоа, никој не беше поштеден. Компромиси мораше да направи и Милошевиќ, и Туѓман, и Ѓукановиќ, и Изетбеговиќ и Глигоров. Разликите во одговорностите и разликите во политиките како да се изнивелираа за да му се даде шанса на мирот.

Македонија почна со компромисите уште пред да биде официјализиран Pax аmericana - првин беше корегиран Уставот, потоа беше прифатена Привремената спогодба, па беше променето знамето, за подоцна да следува компромисот во 2001 година. Кога истото требаше да се направи и во 2008 година, Македонија првин се блокираше себеси, за подоцна да заигра бескомпромисерски. Така, од први по компромисерство, станавме последните. Сега се чека само на Македонија за системот на компромиси да се комплетира. Но, компромисот стана најомразениот збор во Македонија.

Меѓутоа, кога се нагласува компромисот како завршниот чин од Pax аmericana, мора да се води сметка дека постои огромна разлика околу тоа за што се правеа компромисите. Разликите се должат и според тежина на проблемот и според жртвите што беа дадени. Спорот меѓу Грција и Македонија или, уште поточно - агресивната политика што ја поведе нашиот јужен сосед - се водеше со дипломатски, пропагандни и со економски средства. Меѓу Србија и Хрватска, меѓу Србија и Босна и Херцеговина и меѓу Србија и Косово се водеа вистински војни, гинеа илјадници луѓе и тоа на ѕверски начин.

Оттука, кога сакаме да се правиме жртви и да ја оплакуваме својата судбина дека сме биле најмногу од сите принудувани на компромиси, мора да се има предвид токму таа специфичност - во судирот меѓу Грција и Македонија не паѓаа глави. А кога на Балканот ја нема крвавата трага, потешко се доаѓа до компромисот. Тоа е една каузалност која, сега, нормално, малку кој ја зема предвид, дури и кај нас. Она што некогаш се сметало за среќна околност или за добро завршена работа, со текот на времето или се банализира или се тривијализира.

Втора битна работа околу Pax аmericana е и тоа што Македонија никогаш не била сметана за нејзин реален противник или за фактор кој може сериозно да го загрози. Баш, напротив, Pax аmericana ја зацементира македонската независност и Македонија имаше полза од него.

Сепак, иако големата рамка им одеше во прилог и на Грција и на Македонија, бидејќи на тој начин стануваа бесмислени граничните прашања, безбедноста, сигурноста, итн., сепак, еден важен сегмент од тој Pax аmericana останува како тежок проблем. Тоа е прво потребата да се надмине спорот околу името, а како дополнителна тешкотија се јави новото разбирање на поимот компромис, и тоа по еден долг и мачен период на прибижување и на градење пореалистични политики меѓу двата соседи. Но, лошото минато се изроди во лоша сегашност. Типично балкански.

Грција, за жал, на почетокот на деведесетитте, како членка на ЕУ и на НАТО, доби балканска треска. Кај Грците проработе балканското, најглупавото поимање на работите, кога видоа дека во регионов одново се мешаат картите. Грците тргнаа од простата логика - што добиваат или што ќе што загубат од новите балкански комбинаторики. На крајот се покажа дека никој не доби ништо, а сите загубија многу. Грција, како дел од западната алијанса, требаше потрезвено да ги гледа работите или порационално да ги антиципира разврските на Балканот. Грците имаа крајно погрешна процена во 1991 година дали Македонија е најдобрата солуција за нивен северен сосед (нормално, покрај Бугарија и Албанија). Тоа беа неколку стратегиски промашувања на Атина кои можат да се објаснат како рефлекс од минатото, како балкански грч, па оттука, ниту грчката јавност нема никогаш да ги смета како зло.

Грците отидоа предалеку и штетата беше направена. При толку употреба на сила во регионов, при толку многу компромиси, Грците немаа намера да ретерираат - тие се изборија за својот пакет на примена на сила во однос на помалиот сосед. Тој пакет на сила беше битно поразличен од првичните максималистички барања, но остана диктатот околу компромисот за името. Тоа е една нелогичност и неправедност, но тоа се случи во регионот кој беше обземен од лудило и во регион кому му беше одземено правото да се повикува на правда и на правичност. Оној што не го сфатил ова, не разбрал ништо ниту за Балканот, ниту за т.н. Pax аmericana, ниту за Европа.

Груевски изгради политички ставови, кои како да говорат самите за себе дека тој никогаш не живеел на Балканот. Како да не е „од тука“. Но, тоа не значи дека го надраснал Балканот, туку тие негови постапки и политики потврдуваат дека е балканец од стар ков, речиси некој вид во изумирање. Во што се состои оригиналноста на Груевски со што си обезбеди статус на осведочен ревизионист на Pax аmericana?

Прво, Груевски не сака да разбере дека секој компромис, сам по себе е неправичен, болен, тежок, мачен... Второ, не сака да прифати дека компромисот е последица на некои реални констелации, но истовремено, тој е исчекорот со кој државава стекнува шанса да влезе во нов ритам и да добие на сила. Трето, Груевски го направи нормалниот политички дискурс за нелогичен и гротекстен, бидејќи, на позициите или на ставовите што се израз на геополитиката и на геостратегијата, тој парира со морални категории. Тој сака да внесе етика и патетика во високата политика! Можам да замислам колку ги излудува или колку ги засмејува Американците кога сака да им продава емоции и чувства. Во однос на Европејците, пак, прави друга глупост - настапува како жртва, а се служи со најотворен и со најступиден ревизионизам, демек, ќе ти отворал темните поглавја од историјата и така морално ќе ја дезавуирал и ќе ја засрамел Европа!? На тој начин, само покажува колку не ја разбрал оваа Европа во која искрено веруваат мнозинството од граѓаните и колку дава поводи на Македонија да се гледа како на држава која ќе има сериозни потешкотии кога ќе дојде на ред прашањето за добрососедските односи.

Сосема е сигурно дека Груевски нема никогаш сериозно да се посвети на барањето за рационална солуција за спорот со Грција. Груевски не е човекот околу кој може да се изгради консензус во државава, а потоа, со помош на нашите стратегиски пријатели, Македонија да влезе во финални и во сериозни преговори со Грција. Тој не е подготвен на тоа бидејќи ќе мора да се откаже од погрешните и од промашени политики. Тој нема намера да се откаже од политиката - на грчката ирационалност да ѝ парира со македонска, или - како што тие иритираа, сега и ние ќе иритираме. Или, кога можеа тие, можеме и ние. Тоа се неговите позиции и таквата политика ќе се води и во иднина. Груевски ќе го прави тоа, бидејќи негова стратегиска определба е Македонија да не биде ниту во НАТО, а ниту во ЕУ. Неговата вистинска цел, односно, неговата вистинска политичка агенда, е да го заврши проектот за режимизација на Македонија.

Какви се шансите на Груевски за да успее во тоа? Тоа, зависи од многу фактори.

Прво и најважно прашање е до кога македонската јавност, ќе живее со сегашната хипокризија, односно, со сегашната бесперспективност. Реакцијата од македонскиот граѓанин мора да биде јасна и гласна. Тоа е првото скалило, кое мора се изоди и кое во моментов внесува и страв и надеж. Ако интелектуалец од типот на Ферид Мукиќ се залага за бескомпромисност спрема Грција, можеме да замислиме какви мислења има во главите на т.н. обични луѓе, кои не претендираат да ја имаат големата слика и за Македонија и за светот.

Иднината на Македонија зависи од тоа која радикализација ќе победи - онаа на власта, која од луѓето сака да направи патриоти од најцврст ков, луѓе кои се во топла и страсна прегратка со националните идеали, храбри и одважни како Филип и Александар, непоколебливи и безмилосни кон домашните и странски непријатели или, пак, ќе преовладее радикализацијата на опозицискиот фронт во најширок формат - која бара напуштање на политиките со кои Македонија ги загуби институциите, беше уништена демократијата, беше упропастена економијата, а го изгубивме и компасот каде одиме и што сакаме.

Негативните вибрации и ревизионизмот што Груевски ги шири и скон Pax Americana и кон Европската унија, односно, неговото неразбирање на компромисот и од историски, и од политички, и од национален аспект, се јасен сигнал дека е тој комплетен лузер, хазардер од најлош маштаб, чии време неповратно истекува. Притоа, мора да се води сметка за главната поента: тој нема да замине затоа што е лош за Американците и за Европејците. Конечно, тие му помогнаа, тие му поверуваа и тие го толерираа. Груевски треба да замине, бидејќи е најлошото решение за граѓаните на Македонија.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Никола Самори

Не е дека Груевски не ја

Не е дека Груевски не ја разбрал Европа, вие камаради ништо не разбирате од животот. Која е таа бесперспективност на Македонија што ја кажувате во текстот? Мислите дека дете Американец во Алабама има повеке перспектива од дете во Македонија. Полесно е десет пати да успееш преку учење и малку напор да направиш да отвориш свој бизнис во Македонија отколку во Алабама. И Алабама е Америка. Она што си мислите дека е Америка и Европа за обичниот човек е само на филмови и во филмски серии. Перспективноста сам си ја градиш. Не ти треба ниту Америка ниту Европа ( поготово не Грчката, Бугарската и Албанската Европа) да ти ја градат перспективата. Во Македонија секоја година има неискористени кредити од фондови за претприемаштво. Како Бугарија ке ти помогне да ги искористиш кредитите ?
Инаку во текстов стварно сте полоши од Талибанците. Си направивте приказна , и, а ви треба некоја верификација за смешна теорија, оп, deux ex machina, ке си ставите pax americana , и проблемот решен. Се си знаете, што планирале Американците, што мислеле Туџман, Милошевиќ и компанија, како Груевски им удира контра, се е таман наредено.
Никако не можам само да разберам што у ствари мислете дека ке добиете со влегувањето во ЕЗ а не го имате денеска? Единствено што можам да помислам дека се борите за некоја кметовска позиција во Брисел, која за исто тропање глупости ќе ви плака повеќе. Друго не можам да видам.
Вакви глупости, да се напаѓа желбата за нечија самостојност, независност и сувереност и тој истиот да се нарекува лузер, може само кај луѓе кои се тотално неивентивни и копнеат по директива како начин да се исполни животот.
Тоа апсолутно не е капитализам, ако веке заради тоа сакате да влезете во Европа.

Aman vekje od vakvi

Aman vekje od vakvi propagandistichki manipulacii.

Ako vekje tolku se zalagash za pochituvanje na politika na sila, eve ti eden sovet. Poshto Grujo vodi siledzhiska politika, prekini so pishuvanje na "buntovni" kolumni, i otidi da prashash shto seksualni uslugi tvojot nebalkanski gaz mozhe da mu ponudi, onaka kompromisno.

Bidejkji vaka, samo ostavash vpechatok deka vekje nudish slichni uslugi na nekoj pogolem siledzhija shto sedi vo nekoja od ambasadite vo Skopje.

Бљак од текст. Да ми ги

Бљак од текст. Да ми ги вратиш четирите минути од живот што ги потрошив додека го читав.

ОкоБоли главаВицФото