Дизниевите херои на воена задача

15.06.2012 13:39
Дизниевите херои на воена задача

Кога САД влегоа во Втората светска војна, филмската индустрија на Западниот брег требаше итно да се вовлече во војна против Силите на оската, на начин што Холивуд би ја промовирал „американската кауза“. Администрацијата на Рузвелт од првиот ден сметаше на студиото кое ширум светот се прослави со парот глувчешки уши и дрдорливиот паторски клун.

Војната уште не беше стигната на американскиот брег кога Волт Дизни започна соработка со Вашингтон, притиснат од финансиските загуби поради неуспехот на „Пинокио“ и „Фантазија“ на касите и загубата на европскиот пазар.
Во летото 1941 година Стејт департментот го вработи Дизни како амбасадор на добра волја да отпатува во Бразил, Аргентина, Чиле и Перу, за со група соработници да собере материјал за снимање на филм кој би го зајакнал американското присуство во тој дел на светот, во момент кога јунжноамериканските влади одржуваа срдечни односи со нацистичкиот режим. Двата долгометражни филмови „Салудос амигос“ (1943) и „Три кабелероси“ (1945), кои Дизни подоцна ги сними врз основа на патувањата, ја немаа вообичаената пропагандна улога, што не може да се каже за поголем дел од остварувањата настанати во тој период.

Јапонските авиони го бомбардираа американското пристаниште Перл Харбур на 7 декември 1941, а САД утредента влегоа во војна. Многу холивудски студија преку ноќ се прилагодија на барањата на новото време, но малку од нив поминале низ таква промена како Дизниевото.

Аниматорите брзо се фатиле за работа, бидејќи војската нарачале дури триесет пати повеќе филмови отколку што студиото дотогаш изработувало. Дизни во повеќе наврати за време на 1942 година одел во Пентагон за договори, а морнарскиот капетан Рејмонг Фарвел буквално живеел во неговата канцеларија. Под надзор на присутните воени старешини, снимени се преку 200 филмови за обука на војниците, каде што се обработени многу вештини за борба против непријателот, од воочување на метата и поставување антитенковски мини, до практични упатства за воени механичари, како во филмот „Четири начини на заковување“, каде се објаснуваат постапките за спојување на метални плочи на авионски труп. Многу филмови од овие серии долго време не беа достапни за гледачите, бидејќи носеа ознака за државна и воена тајна, а аниматорите беа обврзани да ги премолчат.

Меѓу филмовите со воена тематика посебно се издвојуваат веројатно најнеобичното воено остварување на Дизниевото студио – долгометражниот филм „Победа од воздух“ (1943). Волт бил воодушевен од истоимената книга на пилотот Александар Северски и неговата замисла за стратешко бомбардирање, кое предност при водењето војна им дава на бомбардерите со долг дострел. Затоа сметал дека е негова патриотска должност на американската публика да им ја пренесе пораката од книгата, иако бил свесен за ограничените можности за финансирање на таков филм.


„Победа од воздух“ изобилува со нови решенија во прикажување на битките, а Северски лично се појавува во играните секвенци за да ги изложи своите наоди. На Дизни му било кажано дека на состанокот на сојузниците во Канада британскиот премиер Черчил бил изненаден кога дознал дека претседателот Рузвелт не го гледал „Победа од воздух“, па побарал веднаш да му биде доставена копија. Американскиот претседател, според истите наводи, дури откако го погледнал филмот им дал предност на бомбардерите со долг дострел.

Стари јунаци со нови должности

На Дизни му било важно студиото и во вонредни услови да продолжи со снимање краткометражни цртани филмови, бидејќи публиката повеќе од кога било барала да избега од мрачното животно секојдневие. Така настанала групата индиректно пропагандни филмови со Пајо Паторот, Шиљо, Плутон, Рајо, Гајо и Влајо, Куциот Даба и други познати јунаци, кои облекле маскирни униформи и во воено инспирирани заплети продолжиле да ги засмејуваат американските гледачи.

Од 1942 до 1945 година премиерно се прикажани „Пајо оди во војска“ (1942), „Воена маскота“ (1942), „Невидливиот војник“ (1942), „Падобранец“ (1942), „Војникот Плутон“ (1943), „Слободно, построете се“ (1943), „Победнички возила“ (1943), „Стара воена игра“ (1943), „Домашна одбрана“ (1943), „Како да станеш морнар“ (1944) и „Патор командос“ (1944). Пајо се соочува со првите маки во војска, Плутон се обидува да совлада две верверички кои користат топ за складирање на лешник, додека Шиљо прикажува најевтин начин на превоз во време на редукциите на бензин и резервни делови. Мики Маус е единствениот Дизниев лик кој не заживеа во „маслинова“ униформа – серијалот на кратки филмови со Мики Маус е замрзнат во 1942 и продолжен во текот на 1947 година.

Независно од краткометражните цртани комедии, Дизни во 1943 година премиерно ги прикажа „Лицето на фирерот“ и „Образование за смрт“, двата највпечатливи пропагандни филмови во историјата на студиото. Волт уште порано дошол до замисла да сними цртан филм во кој Пајо Паторот ќе го исмева нацистичкиот режим, кога сонува како работи во германска фабрика за муниција. Првобитно наречен „Пајо Паторот во земјата на лудите“ (Donald Duck in Nutzi Land – игра на зборови во англискиот јазик, Nutzi од Nazi и Nut), филмот е преименуван во „Лицето на Фирерот“ откако Оливер Волес подоцна напиша песна со ист наслов. Пајо е принуден на движечка лента да ја отпоздравува Хитлеровата слика, додека „48 часа дневно“ составува разновидна муниција (очигледно инспириран од филмот „Модерни времиња“). Публиката била воодушевена од „Лицето на фирерот“, а филмот бил награден со Оскар во категоријата краток филм; денес заслужено го носи епитетот на една од најуспешните комедии со потпис на Волт.

„Мајн кампф“ во кокошарник

Дизниевиот тим на цртачи никогаш не се нашол во тесно со така сериозна приказна како што е онаа во цртаниот филм „Образование за смрт“. Заснован врз книгата на американскиот писател Грегор Зимер, филмот е потресна приказна за индоктринацијата на германските деца во ладнокрвни нацисти, кои системот ги обучува за смрт. Во споредба со комичните кратки форми, „Образование за смрт“ е сурово, но брилијантно остварување, со внимателно режирани сцени кои користат сенки и силуети за да се нагласи нацистичкото лудило. Ниту „Лицето на фирерот“, ниту „Образование за смрт“ не биле јавно прикажани цели 60 години, поради силната пропагандна природа и нацистичките сцени, сè додека во 2004 година не е објавена ДВД компилацијата која обединува поголем број Дизниеви воени филмови – Walt Disney Treasures: On the Front Lines.

Истата, 1943 година, снимени се и „Разум и чувства“ и „Пиленце“, кои ја прикажуваат нацистичката тактика на заведување на масите. Предложен за Оскар, „Разум и чувства“ ја прикажува врската меѓу разумот и чувствата во човековото расудување, и објаснува како Хитлер си игра со чувствата со предизвикување на страв, соучество, гордост и омраза. Во „Пиленце“, лукавата лисица успева преку наивно пиле да го заведе петелот читајќи му делови од „Мојата борба“. Не е познато дали некој од високите нацистички претставници ги погледнал овие анимирани филмови, иако се знае дека Хитлер и неговиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс имале високо мислење за квалитетот на Дизниевите анимации, кои безуспешно се обиделе да ги копираат. Иронијата е што во повоените години Дизниевите јунаци, особено Мики Маус и Пајо Патор, станале прилично омилени во Германија и Јапонија.

Од тава во битка

За Рузвелтовата влада било важно американските граѓани животните навики да ги прилагодат на новите околности, и со тоа да придонесат кон воените напори на земјата. Дизниевите аниматори веќе ја докажале вештината важните податоци да ги соопштат преку филм на забавен начин, што во споредба со вообичаените постапки многу посилно влијаело на ставовите на луѓето и нивното однесување.

Канадската влада веќе во март 1941 г. од Волт Дизни нарачала четири цртани филмови кои би ѝ помогнале во купувањето на воени обврзници. Така настанале „Штедливото прасе“ (1941), „Седумте мудри џуџиња“ (1941), „Одлуката на Пајо“ (1942) и „Сите заедно“ (1942) во кои џуџињата, Пинокио, Пајо и други јунаци преку лични примери повикуваат на купување воени хартии од вредност. Во филмот „Штедливото прасе“ користени се готови секвенци од „Трите прасиња“ (1933), но со одредени измени за да се прилагодат на новите потреби – наместо од цигли, куќите се изградени од воени обврзници, а големиот зол волк носи нацистичка лента околу раката.

Американското Министерство за финансии, предводено од Моргентаум, во 1942 побарало од Волт да сними филм кој ќе ги потикне Американците навреме да плаќаат данок на доход. На Моргентау, меѓутоа, не му се допаднала замислата просечниот граѓанин во тој филм да го игра Пајо Паторот, за прашањето се расправало дури и во Сенатот, поради наводно преголемите трошоци за производство. Сите негодувања престанале кога после премиерата на „Новиот дух“ уплатата на даноци достигнала невидено ниво, а филмот со ревносно добриот плаќач Пајо го виделе над 26 милиони луѓе (според Галуповото истражување, приближно 40 проценти од нив признале дека цртаниот имал влијание на одлуката редовно да плаќаат данок).

Со колкав успех филмот ги мобилизирал обврзниците сведочи и тоа што Министерството за финансии веднаш побарало продолжение, па така е снимен „Духот на `43“. На сличен начин Дизни соработувал со Министерството за земјоделство, кое настојувало да укаже на значењето на американските фармери, но и да го намали стравот на населението од недостаток на храна. Во јули 1942 г. осумминутниот краток филм „Храната ќе ја победи војната“ со успех е прикажан пред американските војници на бојното поле, како и пред гледачите во земјата.


Во соработка со управата за производство во војна, настанал и интересниот филм „Од тава во борбени редови“ (1942), во кој Мини им објаснува на американските домаќинки како да ја сочуваат и каде да ја предадат искористената маснотија, која војската ја користи за производство на експлозиви. На барање на Канцеларијата за меѓуамерикански работи, направени се шест филмови за прашањата за здравјето и исхраната, наменети за јужноамериканската публика. Во филмот „Одбрана против инвазијата“ (1943) се зборува за важноста на вакцинацијата против заразните болести, додека во филмот „Крилесто зло“ (1943) седум џуџиња објаснуваат како најдобро да се заштитите од маларија. Последниот филм од оваа низа, „Планирање добра исхрана“ е снимен во 1946 година, кога конфликтите веќе биле завршени.
Дизниевите цртани филмови имале важна улога во борбата против Силите на осовината, бидејќи во еден тежок историски момент умееле да им објаснат на американските граѓани зошто Америка влегла во војна, против кого се бори и како тие во тоа можат да ѝ помогнат. За таа задача, се чини, Вујко Сем не можел да избере подобар партнер.

Извор: politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото