1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
На времето, имаше некои наивни машини за забава, како флипер апаратите. Тие не беа уништувачи на семејниот буџет, па дури и на цели семејства, како актуелниве разно-разни, апарати за комар! Така, насекаде, увидејќи ги последиците од ваквите уништувачки апарати, „Детонатор“ не само што е за поздравување и за поддшка да се спроведе низ цела Македонија, туку е и акција која требаше да почне многу порано, тогаш кога имаше иницијатива од македонските граѓани. А не вака, откако некои бугарски или грчки граѓани се пожалиле до своите матични држави, а тие во европските институции!
Дека „Детонатор“ има широка поддршка кај населението, државата ќе можеше да се увери и ако издадеше проглас за вклучување на граѓаните во таа акција. Можеби никој немаше да биде до толку одговорен граѓанин да спроведе „граѓанско апсење“ на разните типчиња кои ги поседуваат таквите дувла на комарот, или немаше да бидеме директни до толку што ќе пријавувавме кои се тие, но и кој е политичкиот штит, кумот, зетот или братучедот, што штитат такви типчиња. Но, сигурно е дека повеќе граѓани би учествувале во тоа да пријават дека во близината на средни или на основни училишта се наоѓат такви дувла на порокот!
Но, да се вратиме на флиперите, насловот, текстот и контекстот на кој сакам да укажам. Во флиперите има еден процес, кој доаѓаше од многу пипкање по копчињата на машината и трошење на опциите за шетање на топката по браниците, каде што се добиваа поени. Тој процес се вика – тилт! Тилтот дури може да послужи за пример на објаснување на онтолошката беспомошност на човекот, наспроти некои историски, космолошки или метафизички процеси, но тука може многу добро да ни ги илустрира нашите приземни, актуелни, склештени, политички процеси.
Овие денови имаше два такви тилта. Првиот е Ѓорѓи Иванов, кој не отиде на инаугурација на новиот претседател на Србија. Секако дека тоа е легитимна одлука, како што се некои потези во американските флипери. Но, тилтот беше во тоа што овој не кажува зошто! Значи, при случај кога имаме официјални изјави од земја-сосед дека тоа го сметаат како навреда, овој спомнува само една друга работна средба. По ова, или Србите би требале да направат реприза на инаугурацијата, кога овој ќе бил таму, на таа работна средба, или би требало, не дај Боже, да ни се одмаздат за навредата, веднаш на таа работна средба! Тилт е уште сега, но дека му се троши топката, ќе увиди дури при инаугурација на штотуку избраниот албански претседател – тогаш веројатно нема да оди ни таму, зашто треба да се објасни според што ги вреднува комшиите (по одлучувачки триесет и кусур гласови добиени во Зајас?). Така, овој и тогаш нема да каже ништо. Што да каже – Неидење е неидење? Со ваков „врховен командант“, граѓаните реално треба да се плашат дека и при евентуално објавување војна кон нашата држава, од страна на некоја странска земја, овој пак нема да каже ништо!
И другиот тилт, кој, временски повеќе трае, е тилтот на ДУИ. Поточно, мантрата што ја повторуваат, а која од почеток им е заглавена. Баш како топката од играта на флипер со фалсификуван жетон или кугла, која дури од почетокот на играта е везден во тилт! Така, мантрата од реакции кон јавното мислење и нападите кон аналитичари и другите нормални познавачи на јавното мислење, од почеток е самоуништувачка токму за нивната партија. Тоа е поради фактот дека токму ваквите напади укажуваат на тоа дека дружбата од „азиланти и шверцери“ нема поим што е, всушност, демократија, но и на тоа дека тие немаат изградено никакво внатрешно партиско јавно мислење. При што, аналитичарите, со просто укажување на фактите однадвор, стануваат поубедливи дури и внатре, во нивните сопствени високи партиски кругови! Така, при некој евентуален внатрепартиски избор, секој нормален укажувач на процесите, би го победил дури и лидерот на партијата! Но, се чини само стравот од внатрепартиски избори е поголем од стравот од општи избори и тие нема да се случат наскоро, иако, како и во сиот нормален свет, и тука јавното мислење или аналитичарите нема политички да се напреваруваат со нив. Но, тоа само укажува на тилтот што ќе го видат при следниот, каков било избор, кога ќе увидат дека само искрените симпатизери на ДУИ сакале овие да ја напуштат владата. Инаку, сите други, тие што ќе се напреваруваат, со тие што ќе останат од нив, всушност се радувале тилтот на ДУИ да му потрае, и што повеќе Груевски да ги почести со доаѓање на партиски прослави. За на крајот, тилтот да биде баш по ќеф на следните, кои, ете, веќе им ракоплескаат – умре партијата, да живее Владата!
Скулптура: Макс Стрејчер