1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Приказните во книгата се тематски поврзани, бидејќи во нив се опишува животот на странците во Словенија, што понекогаш им наликува на пекол. Во збирката раскази „Џенем“ се менуваат приказните на поединците коишто на некој начин се нашле на територијата на Словенија. Односот на Словенците кон новодоселените е речиси непријателски, па затоа ликовите во расказите се соочуваат со егзистенцијалната криза во новата средина.
Секој од ликовите во „Џенем“ во Словенија е дојден од својот роден крај кој се наоѓа таму некаде од светот, а по низа случајности се сретнуваат во малата Словенија. Нивните приказни се приказни што го опишуваат самиот живот. Соодветно на тоа, тие се смешни, тажни, среќни или трагични.
Местото на дејствието во книгата е глобално (не е едно место), иако неговото средиште е Словенија и оттаму започнуваат сите настани. Па така, читаме за еден словенечки пар, докторка и новинар, кој заминува во Камбоџа каде што ќе посвои едно сираче, за една Молдавка што се поституира и се преселила во Козјанско, како и за една фина девојка од берлинската алтернативна сцена што се заљубува во поетеса од Љубљана. Во меѓувреме, се случува немотивирано силување во воз и немотивирано силување од страна на свекорот, и саморанување со стаклена чаша, но без крв. Раселените лица, лицата без државјанство, возачот на такси со босанско потекло, неговата сестра што постојано е на седативи, невработените, измисленото продавање на сопствениот стан, се само начин да се опише секојдневието, дека секој од нас и секој до нас би можел да биде тоа. Сите ликови заминувааат од сопствената држава во потрага по подобра иднина, па кога ќе се најдат во една средина што не е нивен дом и каде што не е опуштено и пријатно за живот, тие се во шок, и стануваат агресивни и несигурни. Соочени со новиот дом, новото семејство, со различниот начин на однесување и живеење, тие се емотивно принудени да бидат уценувани. Приказните се испреплетени, а „Џенем“ е како омнибус во кој ликовите се затворени во својот свет, и во кој секој нареден лик во расказот се среќава со ликот од претходниот расказ, и сето тоа на ликовите им дава конотација на општост, небрежност, фатализам, нешто заедничко. Тоа се совпаѓа со метафората дека Словенија е како риба на суво, дека луѓето стануваат бескрвни и агресивни во исто време, дека би ја испиле и сопствената крв ако изгубат контрола.
Душан Чатер (1968) е словенечки писател, уредник и преведувач, роден во Целје, Словенија. Дипломирал новинарство и социологија. Работел како уредник на издавачката куќа Карантанија, пишувал колумни во неколку словенечки весници и списанија. Објавува во сите важни словенечки книжевни списанија. Ги објавил романите Флеш ројал (1994), Вистинити умори (1995), Подови (1997), Имитација (1997) и Стариот е пак пијан (2002). Има објавено и неколку книги за деца, како и монографии за Мерилин Монро, Мадона, и Ѓакомо Казанова. Напишал неколку сценарија за телевизиски емисии. Од 1995 година работи како слободен писател. Член е на Друштвото на писатели на Словенија.
Книгата е во издание на Темплум, а може да се најде во поголемиот дел од книжарниците во Скопје.