Што направи Европа за Грција

18.06.2012 10:34
Стефан Хесел

Имаше веќе 93 години кога неговиот политички памфлет „Бунете се“ го направи светски познат: Стефан Хесел, син на писателот Франц Хесел, во памфлетот бара враќање кон идеалите на борците на француското Движење на отпорот за време на Втората светска војна и го повикува младото поколение да се крене против финансискиот капитализам. За успехот на неговото книжуле придонесе и животната приказна на Хесел: роден е 1917 г. во Берлин, израснал во Париз, за време на војната е уапсен од страна на Гестапо и испратен во концентрациониот логор Бухенвалд. Подоцна работел како дипломат во ОН.

Господине Хесел, деновиве сме сведоци на еден посебен облик на побуна и незадоволство во Грција. Незадоволство поради наводниот германски диктат за штедење. Што не можат да разберат тие?

Сметам дека тоа незадоволство е сосем природно. Помошта за Грција секогаш доаѓа рака под рака со притисокот на социјалниот стандард на Грците. Европа сè уште нема идеја како да ја санира економијата. Сè уште сме опседнати од тоа дека мораме да ги отплаќаме долговите наместо конечно да размислиме како повеќе да вложиме и да им помогнеме на сиромашните.

Што направи Европа досега за Грција? Ѝ помогна да ги отплати долговите, но не помогна нејзините сиромашни граѓани подобро да живеат. Тоа е голема опасност. Нивниот гнев сигурно нема да придонесе за смирување на ситуацијата.

За пропаста на Грција најодговорни се самите Грци. Имате ли разбирање и за незадоволството на германските и француските граѓани кои велат: зошто мораме да ги даваме нашите пари – а никој да не ни каже ниту благодарам?

Како прво, не дадоа многу пари, помогнаа само површински.

Површински? Само првиот пакет тежеше 130 милијарди евра?

Па, што е тоа! Секако дека не можеше да очекувате благодарност од другата страна кога резултатите од оваа политика се лоши за Грците. Една богата земја како Германија мора да направи повеќе одошто досега беше случај.

Многумина ве сметаат за татко на движењето на гневните. Гледаме дека некои од овие движења се изобличуваат. Противниците на Штутгарт 21 не можеа да прифатат демократска одлука, другите движења исчезнуваат, а некои го сменија својот карактер. Дали ве загрижува тоа?

Мислам дека незадоволството на граѓаните од Штутгарт е сосем оправдано. Новата железничка станица е срамота.

Но е демократски изгласана...

Да, ама од кого и под кои услови? Дали некој навистина размислил за тоа на што ќе наликува оваа застрашувачка станица кога ќе се испосечат сите дрвја?

Што е подемократско од референдумот за овој случај?

Референдумското прашање беше погрешно поставено. Пред референдумот на луѓето им беше кажано дека ако не се изгради станицата ќе нема ни нови работни места. На подолг рок ќе се покаже дека незадоволните беа во право.

До неодамна ја имавме француско-германската оска Меркози. Не е ли тоа токму она што ѝ треба на Европа?

Соработката меѓу овие две земји, кои заедно претставуваат повеќе од една третина од европскиот економски раст, е многу важна. Мене лично би ми било помило кога на обете страни би се наоѓале левичари, што не беше случај ни во времето на соработка меѓу Кол и Митеран, како ни во времето на Жискар д’Естен и Хелмут Шмит.

Оската Митеран-Кол политички беше многу успешна.

Тоа е точно, но повеќе би сакал на другата страна да беше Вили Брант. Германија и Франција се под притисок на светските финансиски пазари.

Сега, заедно со Џозеф Стиглиц, Амарти Сен, Јирген Хабермас и Даниел Кон-Бендит, мораме да изградиме поинаква Европа.

Остро го критикувате Израел. Притоа, премолчувате дека целта на Хамас е уништување на Израел.

Начинот на кој Израел ги третира Палестинците е неприфатлив. Штета што Хамас сè уште мечтае за земја во која Израел не постои. Но, Хамас и Фатах се обидуваат да се договорат и да го признаат Израел. Потребна ни е палестинска држава и затоа не треба премногу да се критикува Хамас.

Велите дека не треба да го критикуваме Хамас кој сака да го уништи Израел?

Не, Хамас мора да се дистанцира од таквите барања, но и Израел. Ѝ се восхитувам на оваа земја која постигна многу, но е лошо водена од оваа влада.

Кому се восхитувате денес?

На Барак Обама, иако не направи онолку колку што се надевав. Во Европа не се восхитувам никому. Многу ги ценев Жак Делор, Митеран, Брант, но денес никого. Затоа ни е потребна младата ангажирана генерација. Единствен кој ми се допаѓа е Даниел Кон-Бендит.

Можеби вие сте единствениот во Европа кој така мисли за Бендит... Францускиот режисер Тони Гатлиф ви подигна споменик со неговиот полудокументарен филм „Безвредни“. Го сметате ли овој филм за еден вид завештание?

Да! Тоа е филм за гневот. Сметам дека е исклучително важно да сфатиме оти голем број луѓе во Европа живеат многу лошо и дека мораме да направиме многу за повеќе правда во Европа. Овој филм е сјаен пример.

Извор: Die Welt

Слични содржини

Општество / Европа
Европа / Свет
Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став
Општество / Активизам / Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото