Живот под светлото на згаснатата ѕвезда

19.06.2012 10:14
Живот под светлото на згаснатата ѕвезда

Повеќекратната криза која ја погоди Грција е исход од повеќевековната декаденција обележана со пропаѓање на државата и губење на чувството за морал, тврди Димитрис Димитријадис. Овој драмски писател е убеден дека неговата земја е мртва и дека мора да го прифати тој факт за повторно да заздрави.

Во вашиот текст од 1978 г. „Умирам како земјата“, зборувате за држава која исчезнува додека не ги изгуби името и историјата. Што мислите за денешната положба на Грција?

Јасно е дека се работи за едно многу чудно чувство. Напишав дека умирам... пред 35 години, кога мојата земја излезе од диктатура. Тоа беше период полн со надеж, ветувања и напредок. Мојата лична ситуација ме наведе да напишам текст во облик на парабола за земја која умира бидејќи одбива да ја прифати својата непостојаност и зашто е нетрпелива кон другите идентитети – земја која се смета за опседната 1.000 години, која не може да го прифати она што го нарекува непријателско, и која не гледа дека „непријателот“ е, всушност, нејзината најверојатна иднина. Грција ја карактеризираат своевидната стагнација и непроменливиот менталитет: се придржуваме до своите стари психолошки и социјални навики, во живот нè одржува мртвата традиција, за чиешто обновување не ни размислуваме.

Тоа е многу сериозен проблем: Грција, која по природа е „најисториската“ земја, сега е заглавена во механизмот на историјата. Тоа е изворот на нејзиниот денешен проблем: сето она за кое зборувавме, таа голема грчка традиција на која се повикуваме, е скаменета во клишеа и стереотипи. Тоа не е ништо ново: Грција веќе со години живее под светлото на згаснатата ѕвезда. Она што го чувствував пред 35 години денес е уште понагласено: „кризата“ нема да биде решена без вистинско историско освестување, кое подразбира дека нешто умрело, за да може да се роди нешто ново. Како што вели Т.С. Елиот. „На крајот е мојот почеток“ – но мораме да кажеме кога доаѓа крајот.

Значи, причината е историска, а не политичка или економска?

Да, иако не негирам оти има и економски и политички димензии. Но, упорно повторувам: политичкиот систем во Грција, кој датира уште од отоманската окупација (значи, стар е неколку векови) е целосно клиентелистички. Поранешните големи земјопоседници се заменети од политички партии, но и овие го имаат истиот однос кон народот. Државата ѝ припаѓа на партијата, а партијата ги користи и експлоатира државните средства за да го одржи својот патронатски систем.

Велите „партијата“, но од завршувањето на диктатурата во 1974 г. во Грција многумина се сменија на власт...

Да, се разбира. По диктатурата се појави Нова демократија на Константин Караманлис, но од крајот на 1970-те токму т.н. социјалистичка партија на Андреас Папандреу, ПАСОК, владееше со Грција. И обете најголеми партии, едната наводно десничарска,а другата наводно левичарска, функционираат на истиот начин, но треба да знаете дека ПАСОК го доведе клиентелистичкиот систем до апсолутните граници, грабајќи ги државните средства и сите фондови на ЕУ. Државните пари беа присвојувани за партиската каса која, на пример, овозможи отворање на бројни лажни работни места. А фактот дека сево ова сè уште трае одигра важна улога во економската катастрофа која нè снајде сега: системот остана без гориво, бидејќи нема повеќе ресурси. Истовремено, тој систем е толку гнил што едноставно не постои можност за напредок. Сево ова се причините поради кои тврдат дека државата веќе е мртва, и дека треба да го прифатиме тоа за можеме да ја турнеме настрана и да тргнеме отпочеток. На тоа мислам кога велам „историска свест“.

Вие барате големи морални напори. Но, зарем мислите дека тој повик би можел да се слушне во време кога луѓето страдаат сè повеќе, и материјално и психички? Зарем одржувањето минимум животен стандард нема да биде поважно од сите други можности?

Точно е дека секојдневниот живот во Грција станува речиси неподнослив. Меѓутоа, повремено – како некој кој е изложен на ваквата секојдневна рутина и кој се измачува како и сите останати – си велам дека Европејците се во право кога сакаат да ја казнат земјава. Се фаќам себеси како мислам дека не треба да бидат попустливи, бидејќи вистина е дека и грчкиот народ е виновен: луѓето подготвено и лекомислено го прифатија ваквото уредување.

Често имам впечаток дека во земјава завладеала некаква вулгарност, или безобразие. Тоа се гледа по начинот на кој се смеат луѓето, на пример, што е сосем одвратно: станува збор за смеа која, како што објаснува калуѓерот во Името на розата од Умберто Еко, го изобличува и го огрдува лицето... не велам дека повеќе би сакал луѓето да плачат, но конкретно овој вид смеа укажува на некаква безгрижност која е неиздржлива.

Значи, ако понекогаш си велам дека би сакал Европа да ја казни Грција, тоа е зашто навистина се задушуваме. Однатре се гледа дека станува збор за народ кој очигледно се задушува, бидејќи мора да ги трпи последиците од сеопштата корупција, но тој народ не може да глуми жртва: нашите политичари во секоја смисла се претставници на народот. Овој жалосен менталитет за кој зборувам преовладува меѓу целото население, и мора да се каже дека не го среќаваме само во Грција: можат да се повлечат паралели со другите народи, пред сè, со Италијанците и Полјаците...

Што тогаш треба да се стори за да се изведе оваа длабока промена?

Моментално, таа се чини речиси утописка. Во денешни услови, идејата за нова цивилизација е само сон кој има поголема врска со светот на уметноста одошто со реалноста. Тоа е главниот придонес на уметноста и книжевноста: пронаоѓачката дарба. Како што покажа Корнелиус Касторијадис, сите големи откритија, како што се демократијата и трагедијата, произлегуваат од одредена историска реалност. Затоа би требало да се запрашаме дали демократијата, која е измислена во антиката, може сè уште да функционира.

Можеби дојде време да измислиме некој нов начин на управување... Размислувам за песната која Гинтер Грас неодамна ја напиша за Грција: се вика Бесрамноста на Европа, и е објавена во Süddeutsche Zeitung на 25 мај. Почнува вака: „Далеку си од земјата која беше твоја колепка...“ Според мене, се работи за лоша песна – површна е, бидејќи зборува за Грција како за „колепка“ на нашата цивилизација. Морате да сфатите дека колепката стана гробница. Но, гробницата може повторно да стане колепка... Низ историјата несреќите и катастрофите отсекогаш на човештвото му нуделе можност да ја обнови силата и да развие нови цивилизациски модели. Нема причина да се сомневаме дека овој процес може да продолжи.

Димитрис Димитријадис (1944) е драмски писател, есеист, поет и преведувач. Автор е на неколку романи и триесетина драми, меѓу кои и „Умирам како земјата“, која е преведена и изведувана во неколку земји. Роден е, живее и работи во Солун.

Извор: PressEurop

Минијатурни скулптури: Исак Кордал

ОкоБоли главаВицФото