Навреда

20.06.2012 08:21
Навреда

Од клеветите не можеме да ја видиме навредата! Така некако ми изгледаше целото она спинување околу наводниот договор меѓу Здружението на новинарите и Владата на Република Македонија околу декриминализацијата на клеветата. На страна фактот кој како го сфаќа терминот "декриминализација", факт е дека со овој договор се додава уште еден фактор во судскиот процес, а тоа е сопственикот на медиумот. Останува нејасно како колегите се согласија да се официјализира и законски нормира вплеткувањето на газдите во уредувачката политика. И на кој начин тоа ја ослободува професијата од економски и политички притисоци. Или можеби разбрале дека тоа е некаква европска препорака, бидејќи, ете, Европа е среќна со донесеното решение?

Натаму, што значи тоа дека се "воведува институтот деманти". Правото на одговор и правото на исправка се уставно загарантирани категории (член 16 од Уставот на РМ) и тоа како две посебни права. Но, што се случува ако демантот во себе содржи повикување на расна и верска омраза, или повикување на вооружено уривање на уставниот поредок, или глорификација на фашизмот, или, ајде, лични навреди и вокабулар недостоен на јавниот говор? Значи ли тоа дека медиумот мора да го објави тој текст или ќе се соочи со македонското корумпирано судство? И кој ќе биде меродавен да процени дали демантот ќе се објави или не? Газдата? Или можда некое тело составено од ЗНМ и Владата на РМ?

Но, кога човек подобро ќе размисли овој договор сепак има смисла. И досега новинарите живееја под невиден притисок. Сега барем притисокот се легализира и цензурата станува легален инструмент во уредувањето на телевизиите и весниците.

Дека договорот меѓу ЗНМ и Владата има елементи на договор меѓу осудениот на смрт и џелатот околу тоа каков ќе биде јазолот на јамката што ќе му се стави околу вратот, стана јасно уште истиот ден кога претседателот на ЗНМ Насер Селмани и вице-премиерката Теута Арифи онака триумфално и насмеано позираа, небаре влегле во Берлин на 9 мај 1945. Клеветите, ете, се елиминирани. Ама навредата што професијата и здравиот разум ја доживеа тој ден е од грандиозни размери. Без срам и перде и без елементарно домашно воспитување Советот за радиодифузија ја укина телевизијата А2. Јас лично се почувствував навреден и почувствував поголема душевна болка отколку 99 проценти од оние што добиле судски процеси против новинари за нарушен углед и предизвикана нематеријална штета. Кај мене штетата е, плус, материјална. Скратена ми е можноста да гледам еден медиум, а богами и да соработувам со него. Што предвидува договорот меѓу ЗНМ и Владата на Република Македонија? Кому треба да испратам исправка за сторената грешка? Кого треба да го тужам и која е минималната, а која максималната казна за ваква навреда?

Ете, сакам да бидам легалист и преку институциите на системот да си го решам проблемот. Конечно, праксата покажува дека е тоа можно. Ете, некој ќе се најде навреден од името на улицата "Мексичка", па ќе го смени (Како ли сега Влатко Стефановски ќе ја пее онаа своја песна "Сиеста", со стиховите "Летна сиеста/Како Мексиканец на улица 'Мексичка'"?), друг ќе се навреди од името на улицата "Стив Наумов" па ќе го смени. Трет ќе се навреди од новото име на истата улица "Тодор Александров" и - никому ништо.

Она што ми е посебно интересно е сензитивното чувство за навреда што го има Свети Димитрие или барем некој овоземски негов застапник. Имено, некој се почувствува навреден од една уметничка инсталација на која беше прикажано средство за чистење и фреските што се самопрочистуваат од истоимената скопска црква. И, ете, се случи уште едно божје чудо. Билбордот беше тргнат преку ноќ, токму како што се самопрочистија и фреските преку ноќ, и никој не знае кој го тргнал. За жал, премиерот не ја процени вистинската величина на ова чудо на исчезнувањето и не отиде и самиот да се увери и восхитува на божјите пораки. Без оглед дали Груевски беше присутен кога го ставија она чудо од скулптура во паркот Жена-борец, наречено "Прометеј" или, пак, беше присутен кога му ги ставија гаќите на "Прометеј", остана впечатокот за сензитивноста на власта околу навредливоста на уметноста покажана на улица. Во суштина не се работи тука само за уметноста, туку се работи за своевидна морална полиција, инквизиција која решава што е во согласност со нововоспоставениот "барокен" идентитет и со моралните норми на владеечката елита, а што не е.

Во исто време беше промовиран и овдешниот "Голем брат", за македонски услови специјално преобратен во "Големата сестра". Министерката Гордана Јанкуловска јавно објави фотографии снимени со сигурносни камери, кои уловиле автомобили во правење сообраќајни прекршоци. Ако веќе сега повеќе ќе нема потреба полицаец во униформа да ви ја изрекува казната, бидејќи тоа ќе го прават камерите, останува нејасно зошто МВР распиша конкурс за 300 нови полицајци, а не за 300 нови камери, на пример. Што ќе прават новите полицајци? Фотомонтажи, на пример? Или ќе се занимаваат со многу посериозните проблеми на општеството од сообраќајните прекршоци - на пример со проценка што е навредливо, а што не е на скопските улици. Што е општествено прифатливо однесување, а што не е? И онака, Владата има веќе арбитража за она што е навредливо во медиумите, а што не.

Извор: globusmagazin.com.mk

Графити: Seth

То, Ѕвездане, исплачи се,

То, Ѕвездане, исплачи се, кажи си што ти лежи на срцето, не туку се прави хуморист со сила.

Распали со мрчењето и цмиздрењето, не се замарај со хумор и сатира. Може ќе се најде некој колега соросоидокомуњар да те гушне и утеши.

Поддршка до Звездан, ништо

Поддршка до Звездан, ништо фазла