Дигитална ера на квадрат

20.06.2012 13:05
Борја Бергарече

Борја Бергарече (Borja Bergareche) е шпански новинар и дописник на ABC во Лондон, автор на книгата „Wikileaks Confindencial“ и советник за Европа за организацијата Committe to protect journalists (CPJ). Во разговорот за H-Alter, Бергарече зборува за својата книга во која го анализира феноменот на Викиликс ерата, новинарските слободи и заштита денес, влијанието кое движењето Indignados го имаше при носењето на шпанскиот Закон за право на пристап до информациите и причините поради кои ова движење не успеа да оствари поголемо влијание во општеството.

„Wikileaks Confindencial“ се занимава со ерата на Викиликс. Што се крие зад овој ваш поим и со што се занимавате во книгата?

Мојата книга не е истражување за тајните на Викиликс или сексуалниот живот на Џулијан Асанж. Се обидов да направам анализа на последиците и импликациите кои Викиликс ги имаше на двата света кои ме интересираат – новинарскиот и дипломатскиот, т.е. меѓународните односи. Се работи за новинарско истражување за тоа што значи да се живее во ерата на Викиликс. Разговарав со многу новинари на New York Times, El pais и други редакции кои се занимаваа со Викиликс. Сакав да ми раскажат на кој начин работеа со толкави бази на податоци и како им беше да соработуваат заедно за да се „извлечат“ теми. Исто така интервјуирав и стручњаци за бази на податоци, графичари кои се занимаваа со визуелизација на податоците и дипломати кои ми го кажаа своето мислење.

И до кои заклучоци дојдовте? Што претставува ерата на Викиликс?

Викиликс не е ни почеток ни крај на новата ера, но е парадигматски пример. Со Викиликс се случија работи кои постоеја и претходно – веќе постоеја информатички пирати, упаѓања во националните безбедносни системи, весниците веќе работеа со бази на податоци и ги визуелизираа. Но, со Викиликс сите тие процеси се забрзаа. Затоа ерата на Викиликс ја нарекувам дигитална ера на квадрат. Тоа е ера дефинирана со висока технолошка ранливост на оние на позиција на моќ – владите и корпорациите, но и сите останати. Време во кое изразот дигитална тајна претставува противречност. Речиси е невозножно да се задржи како тајна некој документ во дигиталната ера.

Во целиот процес се менува и работата на новинарите. На кој начин?

Од една страна, за да се занимаваат со материјалот кој го донесе Викиликс, беше потребно весниците да го имаат она што отсекогаш им било потребно – уредничка процена, критериуми, судир на мислења, извори. И со Викиликс, новинарите мораа да го работат она што и порано го работеле. Но, овие стари етички принципи, задачи и критериуми сега мора да се применуваат во ново и поинакво опкружување каде што не е доволно да се биде новинар-индивидуалец кој на уредникот му доаѓа со доверлив материјал. Сега имаме цели редакциски тимови.

Порано уредникот на новинарот-ѕвезда му ја даваше неделната насловна страница за да ја објави својата ексклузивна приказна со три илјади зборови. Денес тоа не е доволно. Кога весниците ќе добијат интересен, доверлив и турбулентен материјал како оној од Викиликс, цели тимови мораат заеднички да седнат на маса и да решат што ќе прават со него. Во целата работа мораат да се вклучат и информатичари кои развиваат алатки за пребарување, за новинарите да можат да ги пребаруваат и истражат податоците. Потоа мораат да се вклучат и графичари кои размислуваат за начинот на визуелизација на податоците кој мора да биде интересен. Тоа постоеше и пред Викиликс, но сега тоа е забрзано.

Некои критичари го застапуваат ставот дека работата на новинарот не е да транскрибира, да преведува, да сумира, туку да ги проверува податоците.

Верувам дека Викиликс им зададе предизвик на редакциите на начин дека мораат да се организираат. Новинарите не смеат да реагираат дефанзивно и да речат: „Новинар сум и не знам ништо за броеви, за програмите ексел или мајкрософт офис. Моја е gloria literaria“. Со тоа треба да се заврши. Повеќе не сме само литерати, мораме да станеме малку и нумерати. Новинарството не може да биде единствената професија која денес е преплашена од ексел табелите. Секако дека сè уште ги добиваме информациите на улица, прашувајќи, барајќи документи, вршејќи притисок на власта, но и во базите на податоци. За да работиме добро, да извлечеме важна информација од базата на податоци, треба со нас да соработуваат и други, и како новинари да знаеме да се служиме со новите алатки.

Советник сте на CPJ. Каде се најмногу загрозени новинарите?

Минатата година беа убиени над 40 новинари вршејќи ја својата должност, а затворени се околу 150. Новинарството сè уште е опасна професија во многу земји. Последниве години најмногу се убиени во Иран. Сега и во Пакистан. За време на Арапската пролет исто така загинаа многу новинари. А постојат и земји кои постојано се опасни, како Русија, Филипини и Мексико. Што се однесува до Балканот, застрашувачки е податокот дека многу убиства на новинари остануваат нерешени и неказнети. Нема истраги. Што се однесува до затворањето новинари, најсериозна е ситуацијата на Куба, во Кина и во Иран.

А што е со ЕУ?

ЕУ не е опасно место за новинарите, иако во источните земји на Балканот, како Молдавија, сè уште постои насилство над новинарите. Не зборувам за убиства, туку за мехнизми на цензура, моќници кои вршат притисок и ги попречуваат новинарите во нивната работа. Но, во западните земји нема такви проблеми.

Но, и на Запад постои цензура?

Не постои цензура на систематско ниво. Во западните земји постои независно новинарство. Но, постојат инциденти како затворање блогови, портали, притисок да се издадат изворите... Постојат инциденти, но во реалноста постои и независно новинарство.

Зачудува податокот дека една земја како Шпанија сè уште нема Закон за право на пристап до информациите.

Тоа е навистина случај кој не можам да го објаснам. Во ЕУ, покрај Шпанија, само Кипар, Малта и Луксембург немаат таков закон. Социјалистичката партија (El Partido socialista) вети дека ќе донесе закон ако победи на изборите во 2004 и 2008 г., ама тоа никогаш не го направи. Но, ни меѓу новинарите не постоеше некој посебен интерес да се донесе законот, бидејќи тие во Шпанија се навикнати да добиваат информации „под маса“ од различни пријателски службеници. Затоа на некој начин се плашеа да губење на тој мал монопол над информацијата.

Со движењето Indignados се создаде дополителен притисок, кој претходно го вршеа и организации како Access Info Europe и некои новинари, меѓу кои и јас. Но, со вклучувањето на Indignados политичката класа се исплаши, и сега имаме предлог-закон кој ја помина јавната расправа. Летово треба да биде усвоен.

Дали сте задоволни од предлог-законот?

Иако има многу недоречености, јас сепак сметам оти е важно што ќе биде донесен. Иако овие закони служат само како симбол на политичката волја и меѓу бирократијата постои мислење дека информацијата е нивна, а не наша, нештата мораат да се менуваат. Поконкретно, шпанскиот закон за пристап до информациите ја ограничува дефиницијата за јавна информација. Постојат премногу исклучоци кога станува збор за податоци од областа на економијата, заштитата на приватноста. Има многу критики. Но, ќе биде интересно да видиме како различните министерства и органи на власта ќе го прифатат фактот дека ќе мораат често да објавуваат податоци, од тоа како пациентите ги оценуваат лекарите до тоа како функционираат различните системи на образование, средните училишта итн.

Ја споменавте улогата на Indignados во носењето на законот. Што мислите за ова движење кое, меѓу другото, иницираше многу протести низ светот?

Јас сум многу дистанциран од движењето бидејќи – иако имаше позитивни ефекти како гореспоменатиот – се случија навистина лоши работи. Исто така, позитивно ја вреднувам нивната пацифистичка метода во овие кризни времиња кога постојат многу причини за незадоволство.

Но, мојата критика се однесува на фактот што премногу се сосредоточија на сопствената динамика на т.н. функцинирање преку пленуми. Сметаа дека е доволно да се каже „Сакаме да ги промениме работите“ и да ги окупираат плоштадите, воведувајќи пленумска динамика. Но, на тој начин создадоа еден впечаток на револуција, но не воспоставија комуникација со надворешниот свет, со владата. Пропуштија да изберат претставници кои би комуницирале со остатокот од светот и на тој начин да ги изнесат нивните барања.

Требаше да отидат подалеку од протести, фотографии и манифестации. Но, се затворија во сопствената динамика и изгубија можност за комуницирање и поврзување со реалниот свет. Во таа смисла, нивното дејствување беше многу ограничено, иако влијаеја на носењето на Законот за пристап до јавни информации, имајќи ја клучната улога.

Извор: h-alter.org