Навлегуваме во утрешната Европа

21.06.2012 12:01
Навлегуваме во утрешната Европа

Политиката е чудна работа, а една од најчудните нешта во неа е фактот дека монументални промени се случуваат без големи говори. Известувањето за промена на насоката не е изведно во визионерски стил. А вниманието на публиката на овие збиднувања, кои ќе имаат големи долгорочни последици, речиси е минимално.

Попрво, често се работи само за мали вербални измени кои упатуваат на големи промени. Или, пак, само малку поразличен тон во претставувањето на новите насоки. Слушајќи внимателно што зборува Ангела Меркел изминатите недели, би можеле да ја воочиме токму таа лесна промена на тонот. Тоа беше внимателна промена, екстремно одмерена. Но, стана јасно дека нејзината позната мелодија не е нова.

„Нам ни треба таканаречената фискална унија“, рече Меркел, во гостувањето на германското радио ARD минатата недела. „А тоа значи повеќе заеднички буџетски политики“, до таа точка Меркел само го повторуваше тоа што од секогаш го бараше. Но, тогаш доаѓа еден нов тон: „Но, повеќе од сè, ни треба политичка унија“, вели Меркел. „Тоа значи дека мораме, чекор по чекор во овој процес, да ѝ дадеме сè поголема моќ на Европа и да ѝ овозможиме на Европа можност за надзор“.

Меркел на овој начин внимателно ја подготвува публиката на можноста за доаѓање на големи промени и дека етаблираните факти повеќе не важат. Нејзината порака е дека Европа ќе има иднина само кога и Германците ќе предадат поголем дел од својот национален суверенитет. Тоа е нејзината порака и таа е многу значајна.

Надоаѓачка бездна

Ова покажува дека Меркел сега верува во магнитудата на опасноста која ја претставува европската криза. Канцеларката не е гласноговорник на апокалипсата во стилот на Јошка Фишер од Зелената партија, кој на почетокот на месецот изјави дека „Европската куќа е во пламен“. Ова со сигурност не е Меркеловиот стил на настапување, но таа е многу свесна дека бездната веќе не е далеку.

Парламентарните избори во Грција ќе одлучат, дали една земја, по прв пат, ќе биде присилена да ја напушти еврозоната. Во Шпанија ситуацијата стана сериозна, Мадрид за време на викендот формално побара асистенција од европскиот фонт за спасување. Министрите за финансии во еврозоната ветија дека ќе осигураат квота од 100 милијарди евра, што е повеќе од очекуваното. И Шпанија не е економско џуџе – зборуваме за четвртата најголема економија во еврозоната.

Должничката криза се претвори во криза на доверба. Малку опции им преостанаа на водачите на Европската Унија и на водачите на државите. Или ќе успеат да го поправат дефектот со кој е погодена заедничката валута во последните години, или Европска унија – најголемата економска зона на светот – ќе потоне во мочуриштето на пропаднатите банки, банкроти и колапси. Таквиот развој значајно би го засенил хаосот кој изби после банкротирањето на Lehman Brothers во 2008, предвидува The Economist. „Нешто мора да се случи“, бараат британскиот историчар Ниал Фергусон и американскиот економист Нуриел Рубини во драматичниот апел до германската канцеларка.

Што треба да се направи? Валутната унија мора да стане политичка унија. По тоа прашање, наводно се сложуваат сите. Но, што тоа поточно би значело е предмет на многу дебати помеѓу Берлин, Париз, Хелсинки и Рим.

Земјите како Франција и Италија би сакале да ги видат евро обврзниците, кои би го здружиле европскиот долг. Германија се противи на таквата идеја поради стравот дека во завршницата токму тие би морале да бидат оние кои ќе ја платат сметката. Од друга страна, Берлин е спремен да му ги даде државните надлежности на Брисел, нешто кое Париз не го прифаќа.

Што би можела да донесе иднината

Бидејќи не успеаја да дојдат до договор, европските државници побараа од врвните еврократи да состават план, а тие се: претседателот на Европската Комисија, Хозе Мануел Баросо, претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј, шефот на Евро групата, Жан-Клод Јункер и шефот на Централната банка, Марио Драги.

Иницијалните предлози ќе бидат претставени веќе не ЕУ самитот кој ќе се одржи кон крајот на овој месец.

Конкретниот план би требало да биде спремен до есента.
Четворицата наведени еврократи започнаа да разговараат телефонски речиси секој ден. Оваа недела ќе се состанат за да го усогласат заедничкиот предлог кој тогаш ќе биде доставен до европските главни градови.

Во овој момент, планот е само нацрт по прашањето како би изгледала европската конструкција во завршницата. Идеите кои се праќаат напред и назад од Брисел до Франкфурт засега не се завршени, уште отсега во нив се наѕира концепт кој не е ништо помалку туку Европска револуција.
Четворицата планираат валутната унија да ја претворат во унија која не може да се намалува и да ја прошируваат така што ќе стане политичка унија. Една сосема нова, друга Европа би произлегла од овој процес.

Планот предвидува земјите членки да се откажат од значаен дел од сопствениот суверенитет кој би дошол под надлежност на европските институции. Тоа значи дека Европскиот парламент би бил во борба за релевантност пред новите тела на кои би им биле дадени повеќе функции за надзор. Резлутатот би бил Европа која се движи во две брзини, додека самото јадро би било валутната унија.

Во срцето на ова ослободување е создавање на вистинска фискална унија, која би им забранувала на поедини членки да земат долг на своја рака. Владите би имале контрола само над фондот кој е покриен со приходите од данок.

Комунална одговорност

Оние на кои би им требале повеќе пари отколку што произведуваат би морале своите потреби да ги поднесат пред евро групата, која е составена од министри за финансии на еврозоната. Министрите тогаш би ги анализирале финансиските барања и количината пари кои ја бараат поедини држави пред да донесат одобрување дали парите ќе се издадат или не. Евро обврзниците тогаш би се издавале со намера да се финансираат долговите.
Групата на министри за финансии би ја предводел постојан претседател, а не како сега, еден од министерите за финансии. Претседателот тогаш буквално би станал европски министер за финансии.

Новото тело, составено од претставник на Европскиот парламент, би било задолжено за надзор над министерите. Тоа значи дека Евро парламентот би морал да се откаже од амбицијата дека еднаш ќе има поголема моќ по финансиските прашања, но другите компетенции би му останале исти.

Конечно, моделот кој го фаворизира европската четворка е конструкција на која Германија долго време се противеше: европски клуб во кој секоја членка би одговарала за задолжувањето на сите други членки. Но постои важно ограничување: таа одговорност би се однесувала на новите долгови.

Старите долгови, кое сега се само срцето на актуелната криза, и понатаму би останале одговорност на поедини членки. Но, останува отворено прашањето, како тој куп долгови некогаш би можел да се намали. Веќе сега голем број на членки мораат да одвојуваат значаен дел од даночните примања за сервисирање на долговите.

Соединети Европски Држави

Идејата која ја составуваат еврократите би ги присилила владите да живеат во рамките на своите можности и да трошат само онолку пари колку што заработуваат. Дури тогаш тие влади би можеле да имаат контрола над трошоците. Доколку концептот би функционирал, сегашната унија на долг би можела да стане унија на стабилност.
Моделот звучи малку предобар за да биде вистинит.

Досега, дури ни Германија – која има особено ниски каматни стапки и силна економија – не успеа да стопанисува без да зема нови долгови. Тоа значи дека дури и најголемите заговаратели за фискална одговорност би морале во еден миг да го прашаат Брисел за помош во случај на растечки каматни стапки и економски застој.

Како резултат, една значајно ублажена верзија на овој план веќе е на пат кон европските главни градови. Според тој план, само новиот долг кој надминува 3% од економското производство би бил обележан од страна на групата на министрите за финансии.

Понатамошниот развој на овој концепт кој го создаваат четворицата еврократи би условил и потреба за имплементација на повеќе демократија во европските резолуции. Претседателот на Европската комисија, Баросо, напомена дека политичката унија мора да биде во склад со демократскиот легитимитет. Според една од тие идеи, претседателот на Европската комисија би бил избран директно од страна на европските граѓани. Вториот концепт кој токму сега се разгледува, наведуваат изворите од Брисел, би ги здружил канцелариите на претседателот на Комисијата и претседателот на Европскиот Совет во една – создавајќи со тоа „Претседател на Европа“.

Осигурување на депозити

Некои од идеите веќе влегоа во јавниот дискурс, како што е европското осигурување на депозити. Предлогот повикува на создавање фонд за осигурување на депозити кој би се создавал во текот на наредните 10 години, а би бил по големина околу 1% од сите европски штедачки сметки, значи некаде околу 100 милијарди евра.

Силно ЕУ банкарско надзорно тело, исто така е во план. Тоа тело не би ги држело под око само системски релевантните финансиски институции, туку и сите банки. Последните години покажаа како некои прилично безначајни банки во Европа ги создадоа најголемите проблеми. Тоа се покажа во случај со германската банка IKB Deutsche Industriebank, а сега истото нешто се случува со шпанските штедилници.

Но, дури и пред да биде официјално претставен, новиот Евро Пакт е соочен со особено тешки пречки.

Националните парламенти би морале да се менуват на целиот континент, а во некои држави би морало да се одржи референдум. Таков референдум можеби би морал да биде потребен и во Германија, како што и навестуваше Уставниот суд по прашањето за Лисабонскиот договор. Кога Берлин би одлучил да префрли повеќе овластување на Брисел по прашањето на финансии, според вообичаените интерпретации на судските одлуки, потребен би бил референдум.

Тоа би бил важен избор за германските избирачи. Кога би гласале „НЕ“, тоа најверојатно би бил крај на еврото и целиот континент би паднал во длабока рецесија. Доколку би гласале „ДА“, идната германска финансиска политика би била кроена во Брисел.

Тоа би бил почеток на Соединетите Европски Држави. Германските избирачи би ја одобриле оваа конструкција само во случај да постојат гаранции дека новата политичка конструкција ќе се води по идеалите на германската култура на стабилност.

„Апсолутно одлучни“

Во овој миг, четирите европски архитекти градат нов европски консензус. Германија би морала да преземе дополнителен ризик во еврозоната. За возврат, јужните Европејци би морале на Брисел да му дадат контрола над своите државни сметки – според германските принципи.
Тоа би бил експеримент со несигурни резултати. Би можело, во завршницата, да се спаси заедничката европска валута – или би можело да дојде до имплозија во Европа. Таквиот план би можел со сигурност да ги смири меѓународните финансиски пазари. Но, може да се случи и тоа Европјаните да не го прифатат. Сепак, тоа би можела да биде и последната шанса да се спаси еврото.

Идниот понеделник, водачите на државите на најголемите светски економии ќе се состанат во Мексико на самитот Г-20. Самиот започнува еден ден по парламентарните избори во Грција – и остатокот на светот ќе сака да знае како Европа планира да ја спаси својата заедничка валута. На минатогодишниот самит Г-20 во Кан, економиите во развој како што се Мексико и Бразил ѝ одржаа лекција на Европа по прашањето што би требало да направи. Мерекл, Ван Ромпуј и другите би сакале да го избегнат тој срам оваа година.

На состанокот на Европскиот економски и социјален одбор во Брисел минатиот четврток, шефот на Евро Групата, Жал-Клод Јункер, рече дека партнерите САД и Кина често му укажуваат дека Европа „заостанува“. На тоа Јункер додаде: „Доцниме со развој. Време е да ги разгледаме чекорите за кои досега се сметаше дека се незамисливи. Светот мора да знае дека сме апсолутно одлучни“.

Извор: Der Spiegel

ОкоБоли главаВицФото