Проклетството на невработените лица

21.06.2012 13:53
Проклетството на невработените лица

Не помина многу време и еве повторно сме на работ на полната вработеност во државава. Пред некое време напишав текст со наслов „Бројот на невработени лица во Република Македонија“ каде опишав неколку од начините за фиктивното намалување на бројот на невработените.

Што е ново?

Не е ново, туку најново. Тоа е чудо.

Владата со своите кардинали предлага некакви законски измени со кои планира да ги збрише невработените од евиденцијата на Агенцијата за вработување. Можеме да очекуваме дека за некое време сите ќе бидеме вработени, Македонија ќе се позиционира на врвот на светот, новата историја ќе се пишува преку две референтни точки, пред и по ДПМНЕ.

Некои од предложените измени на Владата ги видов во медиумите, иако со сигурност можеме да се плашиме и од она што не е презентирано во јавност.

Значи, невработените лица, кои се водат како невработени во Агенцијата за вработување до 12 месеци ќе добијат работа која е предвидена за лица со еден степен пониско образование од она кое го имаат. Во тој случај, доколку се одбие понудената работа, лицето се брише од евиденција. Веќе од следниот ден може да оди во планина и ако го фати некаква болест, да се лечи со билки (затоа што лицето автоматски го губи и здравственото осигурување).
Другата одредба, доколку лицето е во евиденција како невработено подолго од 24 месеци нема да има право на никаков избор, нему ќе му биде понудена каква било работа и истата не смее да ја одбие. Во спротивно – планина, билки, иљачи, магии, повикување на духови...

И уште нешто од овој фантастичен измено-законски-пакет. Понудената работа, од местото на живеење може да биде оддалечена и два часа возење. Ако го одбиете и ова, се знае... „Јас летааам, со својот авион“ (песна од еден легендарен скопски бенд).

Колку е сето ова проблематично?

Не, не е многу. Премногу е.

Ако го земеме фактот дека сите лица ќе бидат вработени со договор на дело тогаш работите добиваат надреални димензии. Да се обидеме да замислиме една таква ситуација... Сте завршиле некаков факултет, две години се пријавувате во Агенцијата за вработување и одеднаш добивате понуда да работите во ЈП Комунална хигиена во Прилеп (нели, 2 часа оддалечено од местото на живеење). Понудата е, импровизирам (зошто да не, кога може Владата можам и јас), дванаесет месеци ќе работите со договор на дело и ќе бидете платени, да речеме, 5000 денари. Секој ден ќе патувате по четири часа (натаму и наваму), а ќе работите осум часа дневно. Како изгледа тоа? Станувате во пет наутро, во шест се качувате на автобус, во осум сте на работното место, во 16 часот завршувате, во 18 часот сте веќе дома. И на крај на месецот, опааа, пет илјадарки на трансакциска.

Се поставува и друга дилема. Во известувањето за овие прекрасни законски измени, медиумите пренесоа изјава на министерот за т. и с. п., во која истиот вели дека ова решение е и европска практика, но и дека тие го известиле синдикатот за овие измени.

Синдикатот. Оној побратимскиот, на Владата.

Синдикатот си молчи, нема потреба да реагира.

Зошто ценетите господа кардинали и од синдикатот и од Владата забораваат дека и во оваа држава постои Устав?

Заборавиле да го прочитаат?

Не, го прочитале ама не запамтиле.

Нашиот Устав во членот 32 предвидува:

„Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.

Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.“

Дали некој забележа „СЛОБОДЕН ИЗБОР НА ВРАБОТУВАЊЕ“?

Што вели еден друг член?

Членот 34: „Граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.“

Истиот е допрецизиран во следниот, член 35, кој ја опфаќа токму оваа проблематика:

„Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани.

Реубликата им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.“

Проклетство, ќе го заборавев и најбитниот член, нумеро 39:

Член 39: „На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.“

Најпосле, уставот е тука за да се прекршува, но некаде во некое ќоше би требало да постои уставен суд. Навистина?

На почетокот од крајот...

Да ја начнеме економската логика на овие законски измени. Очигледно е дека Владата сака да ги намали трошоците кои се излеваат за здравственото осигурување на невработените лица. Но, доколку истите ги скратат и заштедат дали не согледуваат дека оние кои планираат да ги „вработуваат“ ќе треба да ги плаќаат? Плата плус придонеси. И ако истите ги „вработуваат“ во јавни претпријатија или државна администрација, трошоците енормно ќе се зголемат, зашто тие со својата работа нема да создаваат вишок на вредност. И во борбата против одлевањето на мозоци уште повеќе ќе ги мотивираат високообразованите лица да ја напуштаат државата заради тоа што понудата за работа со еден степен пониско образование од стекнатото не е никаков стимуланс.

Сосема на крајот...

Не верувам дека ќе имаме какви било реакции во јавноста, освен партиските, кои колку и да се искрени нема да ја променат оваа ситуација. Не верувам дека овој народ ќе застане и ќе се бори, дури и кога ножот ќе ја боцне коската. Невработени лица има над 300 000 и дали се тие свесни дека со толкава бројност тие се носители на промени? Или пак истите ќе чекаат избори и ништо друго?  Да изградиме споменик и на глупоста!!!

Колажи: Свирачиња

Drzavata e dolzna da go

Drzavata e dolzna da go pocituva ustavoti zakonot i da gi sproveduva do kraj . Nasava vlada pravi prvin op pa posle ripa ne ja interesira ustavnosta na zakonite najvazen e rejtingot i populizmot. Ovie prezervativ merki se za ednokratna upotreba , upotrebi pa frli. Vek na traenje vidi na zadnata strana , najcesto 12 meseci. Ne vidov do sega niedna merka za namaluvanje na nevrabotenosta osven pisi brisi po toa spisocite , pa maltretiranja pa dodeka ne ti prekipi preku glava.

Добро кажано, само време е за

Добро кажано, само време е за акција, за протести против ваквите налудничави закони.

абе земете фатете работа

абе земете фатете работа нешто, овие шо ги спомнуваш не ни помогнале, а богами и нема да ни помогнат и побрзо почнете нешто оти глава боли од досада и срања по дома и секаде во глобала, been there done that, ако чекате на некого сте се запишале во погрешен список , поздрав , како и да е убава статија

ОкоБоли главаВицФото