Европа е Вајмар

22.06.2012 10:45
Европа е Вајмар

Некој човек свртува во еднонасочна улица, возејќи во погрешна насока. Радиото известува: Внимание, еден човек вози во погрешна насока. „Само еден?“, си помислува нашиот човек: „Ги има стотици!“. Ангела Меркел е овој човек, а Германија под нејзино водство е возач во погрешна насока. Управуваме против струјата на економскиот и политички разум, и уште сме и горди на тоа.

Дозволуваме да нè убедуваат дека целиот свет ги сака нашите пари. Притоа обете тврдења се погрешни. Целиот свет не ги сака нашите пари, а ние можеме да изгубиме многу повеќе од пари.

Меркел работи на еден таков опасен проект: избегнување на германските европски должности. Таа нè прави будали со тоа што ни зборува дека Европа е нешто што Германците мораат да го одржуваат во живот или едноставно да го напуштат во зависност од тоа дали ни е од непосредна корист. Со тоа Европа станува res publica amissa – занемарена јавна работа. Такво нешто еднаш веќе сторивме и знаеме како заврши. Кога Германците му свртеа грб на Вајмар, тоа беше крај на демократијата.

Приказната за „нашите пари“ кои ги сака целиот свет е беден аргумент. Канцеларката не го искажува, но тоа им го препушта на своите штитоносци од весникот Bild. И таа и Bild помалку се грижат за Европа, бидејќи тие мислат и чувствуваат атлантски, но Америка е ослабната и не е партнер од доверба. Bild и Меркел прават голема грешка со тоа што го поткопуваат чувството на повоената генерација Германци дека надвор од оваа судбинска заедница за Германија нема иднина. Тие се однесуваат како да можеме да избираме помеѓу германскиот и европскиот пат. Но, не постои германски пат. Што ќе стори Меркел ако пропадне еврото, а можеби и шенгенскиот простор или дури и Acquis communautaire, значи, сето она што е постигнато за време на 60 години европска интеграција? Дали тогаш ќе се потпреме на Кина?

Откако Хитлер ја презеде власта, напиша Себастијан Хафнер, постоеше „не можеме да го наречеме тоа никако поинаку од многу распространето чувство на избавување од демократијата“. Какво чувство ќе се рашири ако пропадне еврото, а со него и Европа? Повторно чувство на избавување? Германците конечно би требало да почнат да ја споредуваат кризата со овие настани. Можеби со тоа би се спасиле од самоуништувачкиот егоизам.

Без паника, молам: никој сериозен не сака Германија да ги плаќа европските долгови. Времињата на златниот стандард се минато, порамнувањата меѓу централните банки се вршат во Форт Нокс, а златните прачки се префрлаат од еден трезор во друг. Банкарската унија и евро обврзниците би требало да ја вклучат Германија во системот на обострани гаранции. Без овој систем Европа е готова.

Од историска гледна точка жалосно е што со оваа криза управува канцеларка на која Европа не ѝ е во срцето. Во миговите кои можат да се наречат историски, неопходно е да се препознае политичката реалност, но само за да ја промениме. Важно е да размислиме што би се случило кога околностите би биле поинакви. Ниче напиша: „Прашањето ’што би било кога би било’ речиси едногласно се отфрла, а токму тоа е суштинското прашање“. Склони сме текот на историјата да го објаснуваме со општи настани, но во времињата на историските пресврти дејствува поединецот. Да не умреше од рак на грлото „99-дневниот цар“ Фридрих Трети или да поживееше малку подолго Бизмарк, можеби немаше да се случи ни Првата светска војна?

Можеме да претпоставуваме дека канцеларот од SPD во криза би се однесувал поинаку од Ангела „Неодлучната“ Меркел, и можеме да се надеваме дека новиот канцелар – или канцеларка – по наредните избори тоа и ќе го стори. Мало навестување: Ханелор Крафт веќе ја замени Меркел на местото најпопуларна политичарка во Германија. Европа мора да се стрпи уште малку.

Извор: Spiegel

Слика: Стефан ван Бисен

ОкоБоли главаВицФото