Кому ниет, кому касмет!

23.06.2012 13:45
Кому ниет, кому касмет!

Има нешто неодоливо, но истовремено и неограничено, во надежта. Неодоливоста на надежта е во тоа што таа се обновува секој миг, ден, недела, месец и година. При секој нов момент, акција, промена, ние пак одново почнуваме да се надеваме. И скоро секогаш, многу и неограничено.
Имено, надежта е од едно од ретките нешта коишто и квалитативно, но и количински, се неограничени. Како впрочем и другите чувства, како лубовта и стравот кои, ете, исто, не се мерат со литри и килограми, но претставуваат срж на поривот и на смислата за живот. Па, како инаку, освен со надеж? Кога сè би било на килограми, литри, цифри и друго удирање есап, тогаш многу нешта би се покажале безвредни. И квантитативно и квалитативно.

Но, има нешто лошо во надевањето што, иако не се мери по никаква скала, испаѓа пропорционално точно, секогаш. Тоа лошо е разочарувањето при секое надевање. Колку повеќе се надеваме, толку повеќе и разочарувањето е поголемо. Токму како во љубовта. Како инаку да се објасни фактот што луѓето повеќе ги погодува гестот од саканите, блиските и од драгите, отколку тоа што некој јабанџија им рекол или сторил?

Вака некако е и во политиката, која почнува да личи на тешко сварлив оброк, кој некако не иде на вакви спарни денови. Па така, сите кои имаа надеж дека ќе доживеат странски инвестиции, а наместо тоа доживеаја споменици, ете, сега доживеаја и странски инвеститор да ни подари споменик. Тоа, впрочем, беше случајот со најавата дека индиски бизнисмен ќе донирал за еден споменик во Скопје.
Исто така, луѓето се надеваа дека при промената на имињата на улиците, опозицијата ќе се покаже трезвена, иновативна, целовита и консеквентна. Така што притоа да зададе силен и храбар удар против процесите на идентитетски шашми, декохезивноста на нацијата, протофашизмот и пречкањето со комшиските народи, што наголемо е политика на сегашната власт. Што, пак, гледано според логиката на првата епизода на окупација на улиците со промена на имињата на истите, и тоа како е случај.

Глупоста на антибугарските извици во Советот на град Скопје може да се спореди единствено со гласот „за“ на Македонија за избор на Јеремиќ. За неговиот избор, ете, гласаше една влада во која партиципира албанска партија, која потекнува од структурите на УЧК! По чаршијата веќе почна да се иронизира дека бидејќи ДУИ талка по луѓе, кои секојдневно сè повеќе ги одбиваат, сега биле во мода внукови. Така, еден албански внук беше предложен за амбасадор во Брисел, како кадар на ДУИ, па ред било за еден муслимански внук, како Јеремиќ, да се гласа да стане претседател на светот!

Тоа што тој ќе работи против Косово, нема толку врска, како што нема врска ни фактот дека потпреседател на владата на РМ е претседател на одбор за прослава на стогодишнината на албанската независност, но затоа милиони денари добива одбележувањето на Свети Сава! Кому ниет, кому касмет!

Опозицијата, наместо да извикува фашистички скандирања, требаше самата да предложи имиња на улиците како Алкибијад Нуша, Бранимир Штулиќ, Иса Бег и Владо Черноземски.

Ете, не мора никој да постави прашање, за јас да одговорам зошто токму јас воопшто се занимавам со кавгата за улиците која, навидум, е само македонска работа и кои се тие четири горенаведени личности. Иако повеќето не се комунисти, Албанците се тие кои оддалеку препознаваат фашизам во оваа земја. Како луѓе кои никогаш не сфатиле зошто ним им се пцуе мајка кога играат два македонски фудбалски тима, ние одлично ги разбираме чувствата на Бугарите, кои се друг народ, и не дошле тие тука да ни променат имињата на улиците!

Првиот предлог е оригиналното влашко име на познатиот српски писател, Бранислав Нушиќ, кој е поврзан со Скопје. Бранимир Штулиќ -Азра е еден од најголемите уметнички гении, роден токму во Скопје. Иса Бег е турски војсководец, кој освен што е еден од најголемите легатори на Скопје и на Македонија и подигнал некои од денес сè уште најубавите зданија на отоманска архитектура, како Капан-Ан и Чифте Амам, тој е основач на цели два града, сега важни регионални центри, Сараево и Нови Пазар! Черноземски е атентаторот на српскиот крал и според албанско читање на историјата, тој тоа го сторил поради недостиг на буквата „М“ од Македонија, во акронимот на СХС кралството!

Има многу прашања и фалат многу имиња кои останува посебно да се наведат, но засега само да прашаме кога може да го има Гаврило Принцип, кој според денешните констелации би бил или во Хаг или во Гвантанамо, зошто да го нема Черноземски? И зошто овие министри на ДУИ за ЕУ и НАТО не предложиле барем имиња на улици кои би се викале според нивните прокламативни љубови?

Ние, секако, при првата акција, избори и прилика, ќе почнеме пак да се надеваме дека скопјани ќе го водат Скопје. Не вакви на кои прв предлог им беше да го поправат саатот во Старата железничка! Туку сосема други, кои ќе знаат да стават и назив на улица Симит Погача, по најпознатиот скопски бренд, но и такви кои, така како што ќе забранат некоја улица да се вика Пиколомини, така нема да има и назив или споменик на неговиот верски гуру Пјетар Богдани, сигурно не во град кој се состои од православни христијани и муслимани и сигурно не толку блиску до историското еврејско маало и Меморијалниот центар на Холокаустот!

Колажи: Џон Винсент Аранда

ОкоБоли главаВицФото