1017 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Саб, 15.02.2025 15:59
Светската научна заедница денес ја одбележува стогодишнината од раѓањето на таткото на модерната информатика, британскиот математички гениј Алан Тјуринг, кој ги разби тајните нацистички шифри за време на Втората светска војна.
По повод еден век од Тјуринговото раѓање, денес во повеќе светски градови ќе се организираат конференции и изложби преку кои ќе му биде искажана чест на човекот кој беше математичкиот Ајнштајн, но за време на животот беше прогонет поради својата хомосексуалност.
Тјуринг почина на 42 години, отруен со цијанид, откако во 1952 г. беше осуден поради „навреда на јавниот морал“ како хомосексуалец, нешто што во тоа време сè уште беше незаконско во Велика Британија и поради што беше принуден на хемиска кастрација. Некои веруваат дека, научникот, познат како ексцентрик, се самоубил во 1954 така што изел отровно јаболко, но тоа никогаш не беше официјално докажано.
На споменикот посветен на Тјуринг недалеку од универзитетот во Манчестер, научникот е претставен во седечка положба со јаболко во рака.
Алан Тјуринг ги постави основите на модерната информатика, ги дефинираше критериумите за вештачка интелегенција, ги разби шифрите кои ги користела германската војска, со што на многумина им ги спаси животите со скратување на војната, и речиси ја реши биолошката загатка која и денес ги збунува научниците.
„Изумот на компјутерот е толку голем придонес што делува чудно да трагате за поголем. Но, претпоставувам дека неговиот придонес во провалување на нацистичките шифри имаше уште поголемо влијание на светот“, вели Џек Копланд, математички експерт кој напиша неколку книги за Тјуринг.
За пошироката јавност најголемиот успех на Тјуринг е тоа што со својот тим ја разби шифрата на машината Енигма која за комуникација ја користеле германските подморници во северниот Атлантик. Некои историчари сметаат дека тој настан го забрзал падот на Хитлер кој, како што се проценува, можел да се одржи во војната уште една до две години.
По војната, Тјуринг го истражувал прашањето за вештачката интелегенција и на тоа поле ги дефинирал логичките критериуми, кои и денес важат.
Со својот „Тјурингов тест“ дал значаен придонес во дебатата која се однесувала на вештачката интелегенција – дали некогаш ќе биде возможно машината да биде свесна и да може да размислува. Со други зборови, компјутерот е навистина интелегентен кога човек не прави разлика помеѓу неговите и одговорите на другите човечки суштества.
Како страствен љубител на биологијата, Тјуринг својот математички талент го применил на морфогенезата, односно на начинот на кој животните и растенијата развиваат некои облици и шари, како што се шарите на зебрата или дамките на кравата. Научниците и денес работат врз основа на тие теории.
Оваа година над 23.000 луѓе ја потпишаа интернет петицијата, барајќи од британската влада да ја укине судската казна за Алан Тјуринг, одредена поради неговота хомосексуалност. Меѓутоа, таа иницијатаива ја отрфли Домот на лордовите, иако се работи за еден од најголемите научни умови на Велика Британија чијашто стогодишнина од раѓањето се одбележува оваа година.
Во Велика Британија хомосексуалноста во тоа време била надвор од законот, така што Тјуринг бил спроведен на судење и обвинет за недолично однесување под истиот акт под кој Оскар Вајлд беше обвинет 50 години порано. Тјуринг имал избор, можел да се подложи на хормонален третман за намалување на либидото или казната да ја отслужи во затвор.
По хемискот третман, на Тјуринг му пораснале гради, а неговите безбедносни привилегии му биле укинати, така што му било оневозможено да продолжи со својата работа во владиниот центар за комуникација, каде што работел како криптограф. Во јуни 1953 година Тјуринг е пронајден мртов, а причината за смртта е труење со цијанид.
Прифатено е мислењето дека математичарот се самоубил, иако постојат сомнежи за тоа дека, поради можните закани за безбедноста на нацијата, е убиен.
Информатичарот Џон Грам-Каминг во 2009 започна кампања за официјално извинување на Алан Тјуринг, барајќи од математичарите постхумно да го прогласат за витез. Јан Мекиан, научникот Ричард Докинс и борецот за правата на хомосексуалците, Питер Рачел, ја поддржаа кампањата, а покренатата петиција на интернет е потпишана од страна на илјадници луѓе.
Тогашниот премиер на Велика Британија Гордон Браун го осуди начинот на кој бил третиран Алан Тјуринг, поради својата сексуална определба. Бидејќи Тјуринг нема преживеани членови на семејството, не е возможно да биде упатено официјално извинување, и наместо тоа премиерот понуди лично изивинување.
Сепак, извинувањето на премиерот подразбира признавање на лошите постапки на владата, додека помилувањето сугерира простување.
Извор: e-novine