Момче „лајкувало“ фотографии на девојка со која не сака да има ништо

23.06.2012 14:48
Момче „лајкувало“ фотографии на девојка со која не сака да има ништо

Јован М., студент од Неготино, на својот Фесјбук профил добил порака од Мила П. дека е несериозен и „дека таа таков играч во животот не сретнала“.

Како што дознавме, повод за лутината на Мила е тоа што Јован „лајкувал“ некои од нејзините фотографии на Фејсбук, иако со неа не сака да има ништо.

„Се изненадив кога Мила ме праша зошто ѝ ги ’лајкувам’ фотографиите, а потоа ме засипа со навреди кога ѝ кажав дека нема конкретна причина за тоа“, вели Јован.

„Дури потоа од еден другар наслушнав дека постои некои правило дека ако на некоја девојка ѝ ги ’лајкуваш’ фотографиите, тоа значи дека сакаш да ја муваш. Не можам да поверувам дека луѓето ги гледаат сликите на оние кои сакат да ги муваат, изгледа дека Фејсбук служи само за тоа“, додава тој.

Мила во изјавата не ја криеше својата огорченост и сметаше дека е грубо изиграна.

„Сфатив дека Јован е еден голем играч. Не верувам дека не сака да има ништо со мене, гарантирам дека му е срам да признае. Секој ден ми ги ’лајкуваше’ фотографиите откако ставив статус ’Те сакам’, а пред тоа ми ја ’лајкуваше’ песната ’Нè има’. Да не зборувам дека ми ’лајкуваше’ и една фотографија на која сум на плажа. Ако вам тоа не ви се јасни докази дека сака да ме мува, јас тогаш не знам што да кажам“, изјави Мила.

Нејзините другарки ја поддржуваат и наведуват дека сите ќе го избришат Јован од листата на пријатели, бидејќи „што ќе им е личност која не го сфаќа сериозно Фејсбук“. Јован вели дека му е жал што дошло до ова, како што вели, „смешно недоразбирање“.

„Јас сум голем естет, а сакам и детали. На едната слика ми се допадна кучето покрај кое стои Мила. Не дека таа не е убава девојка, но ако сакам нешто со неа, пологично е да ја викнам на кафе“, истакнува Јован.

Тој додава дека целиот овој случај, сепак, донел нешто позитивно, бидејќи конечно сфатил дека еден негов другар можеби престанал да му се јавува затоа што на една фотографија која ја „лајкувал“ на која тој стои покрај еден мотор, искоментирал „Го сакам ѕверов“.

Преземено и адаптирано од Njuz.net.