На крилјата на ветерот

24.06.2012 12:17
На крилјата на ветрот

Летањето змеј е една од најраспространетите забавни игри кои, би се рекло, подеднакво ги воодушевуваат и младите и старите. А зошто и да не – оваа играчка за секоја возраст се стреми во височина и го зауздува ветерот во себе, а може лесно да се направи.

Змејовите се изработуваат од многу тенка хартија или платно или најлон. Тие се развлекуваат преку квадратната, триаголната и ромбоидната рамка, потпрени со, да речеме, два вкрстени стапа, еден попречен и друг засводен. Околу средината на конструкцијата се прицврстува клопче тенок коноп, долг стотина метри, кој служи за управување на змејот. За уживањето да биде целосно, се приредуваат бројни натпревари за брзината и висината која може да ја достигне некој змеј, но и за убавината на нивната изработка.

Но, змејот не е изум на новото време и сигурно не настанал само поради забава, велат научниците, туку од потребата човекот да го спознае светот кој го опкружува и да си ја олесни можноста да опстане. Се верува дека првиот змеј полетал во време кое не го бележи пишаната историја и дека благодарејќи на него човекот направил и научил многу и дека токму змејот го пробил патот за бројни технички откритија.

Тој прв змеј најверојатно се „појавил“ на некој од островите на Малајскиот Архипелаг, сместен помеѓу Тихиот и Индискиот Океан, меѓу Индокина и Австралија. Тука се најдени најстарите цртежи и остатоци на змејови, четириаголни и без опаш. Биле мудра и корисна фантазија на некои древни жители на архипелагот. Се подигнувале високо и на човекот му ја откривале природата, ветровите и неприликите, укажувајќи му на плен или опасност. Маорите од Нов Зеланд умееле да направат змејови кои летале и долго и високо.

На островот Бугенвил, најголемиот во групата на Соломонски острови во Тихиот Океан, староседелците правеле триаголни змејови. Им служеле за риболов. Материјалот од кој ги правеле биле пет-шест листови од саго палма. На едниот крај се наоѓал конец, вплетени тенки лијани, на чијшто завршеток се наоѓала мамка, без јадица, сочинета од неколку дрвја на кои било прикачено клопче од пајажинесто исплетена сува трева. Кога рибата ќе го загризело ова лелеаво клопче, нејзините заби се испреплетувале во пајажината од која повеќе не можела да се ослободи.

Секако, за уловот да биде богат, риболовците од овој остров веднаш по пуштањето на змејот изговарале и одредени молитви, за да им се посреќи и за господарите на морето да им донесат јато риби кон фрлената мамка. Дека молитвите им биле исполнети, односно дека рибата се фатила во мамката, знаеле по понирањето и движењето на змејот, па веднаш го извлекувале на брегот.

Во раната кинеска историја змејовите се споменуваат како составен дел од воената опрема. Служеле да давање сигнал. Се знае дека кинескиот генерал Хан Ксин (умрел 196 година п.н.е.) ги користел змејовите за време на освојувањето на дворецот Веј Јанг. Биле пуштени да летаат на одредено растојание во одреден број, известувајќи ги командните единици како треба да се престројат или кога да нападнат.

Меѓу старите воени приказни позната е една корејска која зборува за генерал кој, по исцрпувачката борба, една ноќ на опашот на змејот прикачил светилка и го пуштил да се подигне. Неговите војници помислиле дека тоа е знак кој им го праќаат боговите, што им дало дополнителна сила и верба во победата, па тргнале во успешен напад.

Некој друг војсководец, ни раскажува следното предание, им пуштил на своите војници, кои биле одвоени во непријателското опкружување на спротивната страна на реката, голем змеј со долг и дебел конец и така направил висечки мост и ги спасил.

Секако, луѓето и се забавувале натпреварувајќи се во летање змејови, што понекогаш и некаде доведувало до неприлики. Па така, од древните јапонски приказни може да се дознае дека поради превласт во вештината на летање змејови знаело и да се завојува. За среќа, имало и мудри глави кои се обидувале да изнајдат мирно решение. Кон тоа прибегнале и летачите на змејови на две соседни села чиишто селани биле жестоки противници. Секоја година се натпреварувале и секогаш едната страна останувала незадоволна и желна за одмазда. Соперништвото се заострило до тој степен што се претворило во отворено непријателство. За сепак мирно да ја решат недоумицата кој е подобар во правење и летање змејови, летачите на змејови една вечер се собрале околу распламтена порцеланска печка за над нејзината топлина да ја утврдат вистината. Тогаш еден од летачите на змејови извадил од својот џеб малечок змеј, со големина на поштенска марка, која со помош на конец со тенка нишка на свила толку успешно го ракувал над брановите на топлината од порцеланската печка што од сите присутни добил признание дека е најдобар мајстор.

Вештината на летање на змејови како забавна игра од Истокот најпрвин преминала во Европа, а потоа го освоила и Новиот свет. Таму мудрите глави брзо сфатиле дека од таа едноставна направа можат да имаат голема корист. Во 1749 година професорите од универзитетот во Глазгов, Шкотска, дошле до идеја на змејовите да прицврстат термометар и да ја измерат температурата на воздухот на голема височина.

Тие биле првите кои успеале да ги измерат температурите над површината на Земјата. Три години подоцна, Бенџамин Френклин (1706-1790), американски државник, филозоф, физичар, економист, писател и пронаоѓач, го извел познатиот експеримент со кој докажал дека громот е електрична појава и врз основа на тоа го усовршил својот изум – громобранот. Френклин направил змеј од свилена марама и го прицврстил за тенка жица на чиј крај се наоѓал клуч. Го вивнал во небото и громот удрил во змејот, и низ жицата дошол до клучот кој се вжештил.

Благодарение на змејовите, во средината на 19-от век во САД е изведен и еден градежен потфат. Имено, група инженери ја разгледувала можноста за изградба на мост над водопадите на Нијагара. Наводно, еден од стручњаците забележал момче кое летало змеј и му понидул десет долари, голем износ за тоа време, ако со помош на змејот префрли конец преку реката. По неколку безуспешни обиди, на момчето му успеало, и тоа било зачеток на начинот на градење мостови како што се, на пример, Рејнбоу или Вирлпул, кои ги поврзуваат САД со Канада.

Змејовите биле и носачи на пошта. Со нив се префрлувале пратки и пакети од бродовите на брегот.

А потоа почнале да се појавуваат и змејови со чија помош луѓето се обидувале да летаат. Се знае дека во 1894 г. британскиот генерал и основач на извидничкото движење, Роберт Бејден Поуел (1857-1941), конструирал змеј долг 12 метри и со негова помош се кренал триесетина метри во височина.

Современиците на познатите браќа Рајт бележат дека Вилбур (1871-1948) и Орвил (1867-1912), зачетници на воздухопловството, во 1900 г. поминувале денови на песочните дини на Атлантскиот океан во Северна Каролина и внимателно го набљудувале движењето на змејовите кои ги управувале со помош на четири тенки жици. Ја проучувале техниката која подоцна им помогнала да го создадат првото моторно летало со кое три години подоцна се вивнале на небото.

На почетокот на 20-от век змејовите се користеле и во други цели. Со помош на змеј Италијанецот Гуљелмо Маркони, инженер и физичар, кренал антена со која во 1901 г. на Њуфаундленд го примил првиот безжичен радио-сигнал преку Атлантскиот океан. Благодарение на тој подвиг, Маркони ги усовршил истражувањата и станал пронаоѓач на безжичната телеграфија и радиото.

Дури и по појавата на авионите змејовите продолжиле да се употребуваат во разни цели. Шкотскиот научник и изумител на телефонот Александар Грахам Бел (1847-1922) конструирал џиновски змеј кој бил долг над 125 метри и со него често летал над едно езеро и уживал во погледот од височина.

Но, покрај тоа што луѓето се кревале во воздух со помош на змејовите, исто така на овие нешта се прицврстувале камери и фотоапарати кои правеле неверојатно добри снимки. Во метеорологијата биле употребувани долго време. Во периодот меѓу 1893 и 1933 година Американците имале низа метеоролошки станици кои се користеле со змејовите за испитување на атмосферата. Одредени станици имале змејови кои достигнувале височина и од седум илјади метри.

За време на Втората светска војна имало предлози американката воена морнарица да се штити со змејови од нападите од воздух. Замислата била да се пуштат змејови во воздухот кои би носеле челични јажиња и на тој начин би им оневозможиле на авионите да прелетуваат над флотата. Иако овој план не се остварил, многу пилоти на соборените авиони во морето можат да им се заблагодарат токму на змејовите зашто останале живи. Имено, со нивна помош тие кревале антена во воздухот и на тој начин можеле да побараат помош.

Змејовите и дене се корисни за науката и војската, но првенствено се омилени како забавна игра. Во многу делови од светот, посебно земјите од Далечниот исток, од каде што потекнува вештината на нивно правење, змејовите и понатаму претставуваат уметнички дела. Таму се приредуваат натпреварувања во летање змејови, а соперништвото е силно изразено, бидејќи на секој натпреварувач му е битно да победи во височина и во брзина на летот, но и во убавината на лесното летало кое го „лови“ ветрот и му ја презема силата.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото