Поучен виц (nerdish)

25.06.2012 13:41
Поучен виц (nerdish)

Овој виц се врти уште од поодамна на Интернет, но од поскоро го има во една нова верзија поради кризата во Грција. (преземен од оннет.мк)

Богат германски турист вози низ едно грчкo село, застанува пред локален хотел, остава 100 евра на рецепција и му кажува на газдата дека сака прво да ги разгледа собите и сам да одбере во која ќе преноќи. Газдата му дава клучеви и веднаш штом Германецот почнал да се качува по скалите, овој ги зграпчува стоте евра и трча до комшијата касап за да му го врати долгот. Касапот ги зема парите и веднаш оди кај фармерот за да му ги врати парите што му ги должи. Овој ја прибира банкнотата и тргнува право кај својот добавувач, за да му плати за храната и горивото. Добавувачот не чека ни секунда, вози во локалната таверна за да си го расчисти рабушот. Сопственикот на таверната ги зема 100-те евра и веднаш ѝ ги пика во деколте на една локална проститутка која пиела на шанк, а која претходно му понудила услуга на рецка. Проститутката станува и трча во хотелот за да си ја плати собата, давајќи му ги парите на Гркот кој прв ги доби стоте евра. Овој во секунда ги враќа парите на рецепција за да не се посомнева туристот. Во тој момент Германецот се симнува по скали, си ги зема парите, се жали дека не е задоволен од понуденото и го напушта селото. И така, никој ништо не произведува и никој ништо не заработува, а сите си ги враќаат долговите.

Причината поради која на луѓето им е смешен вицот е урнебесно апсурдниот начин на кој оваа микро-економија функционира, која на повеќето им се чини толку различна од реалната економија, од тоа како таа навистина „би требало“ да функционира. Но, причината поради која јас го сакам овој виц е токму обратното - тоа што тој претставува совршена аналогија на реалната економија и може да ни послужи како одличен модел да се разберат основите на модерната макроекономија и Кејнзијанската теорија, кои се неизбежни во секоја економска дискусија, па и во иднина на овој блог за добар дел од постовите кои ќе се однесуваат на европската и грчката криза.

Грчкото село како модел за глобалната економија

Во моментот кога Германецот пристигнува во грчкото село, не постои никаква економска активност, односно владее економска криза, предизвикана поради криза на ликвидност (исто како во сегашната глобална рецесија). Имено, иако сите жители се работоспосбни и желни за работа, секој на секого му должи пари, така што никој нема доволно пари за трошење (во економскиот жаргон се вели намалена агрегатна побарувачка) и поради тоа никој не може да почне да работи, платите доцнат, а економијата стагнира. Важно да се запази е тоа што кризата во случајов не е предизвикана од никакви реални фактори: нема никаква природна катастрофа, ниту квалитетот на таверната е опаднат, ниту цената на горивото е покачена за добавувачот да не може да работи, ниту продуктивноста на фармерот е опадната, ниту пак проститутката е на боледување. Кризата, едноставно, е продукт на институционален „баг“ во начинот на кој сите учесници се поврзани во финансискиот систем. На сличен начин, презадолженоста на домаќинствата во отплаќање на нивните хипотеки беше тригер за Големата Рецесија во 2008-та.

Улогата на германскиот спасител во овој случај ѝ припаѓа на централната власт и таа интервенција може да се интерпретира на два начина: фискална или монетарна, кои всушност се и двата главни канали преку кои власта може да влијае на макроекономските текови.

Замислете најпрво дека станува збор за монетарна интервенција, што значи дека централната власт (Централната Банка, т.е. НБРМ во случајот на Македонија) пушта во оптек поголема количина банкноти (пари) кои не чинат ништо за да се испечатат. Новите пари најчесто влегуваат во економијата во форма на евтини заеми (преку намалени каматни стапки). Така, кога Германецот доаѓа со својата банкнота од 100 евра, се враќаат сите долгови и циклусот на давање услуги преку задолжување може да започне уште еднаш, и со тоа заживува економијата. (Ова под претпоставка дека задолжувањето е нормален модус на функционирање на оваа економија. Аналогно, без никаква промена на поентата, економскиот циклус може да тече и без задолжување и во тој случај самото кружење на банкнотата за плаќање на услугите ќе ја заживее економската активност.)

Во втората верзија (фискална интервенција), Германецот ја претставува самата извршна власт (Владата), која се задолжува кај банките, ги троши парите (давајќи субвенции на хотелиерите во случајов), притоа нивната куповна моќ се зголемува, па тие ги трошат парите кај месарот, овој кај фармерот, тој кај добавувачот, тој кај проститутката итн. На крајот од циклусот Владата повторно ги собира парите назад преку даноци и им ги враќа на банките, со таа разлика што фискалната интервенција успеала да ја поттикне агрегатната побарувачка и да ја извлече економијата од криза.

Тукушто ја опишав суштината на теоријата на Кејнз со помош на која светот излезе од Големата Депресија во 30-те години и оттогаш претставува темел на макроекономската политика на речиси сите држави во светот (политика на т.н. анти-циклична интервенција, која подразбира монетарна и/или фискална интервенција во време на криза).

Што може да тргне наопаку?

Две работи.

1. Замислете дека хотелиерот му должи на касапот не 100, туку 70 евра. Останатите 30 евра, наместо да ги потроши, хотелиерот ги става во банка за црни денови. Месарот исто така му должи помала сума на фармерот, а 30% од своите новодобиени 70 евра исто така става на страна. На овој начин ефектот на монетарната експанзија од 100 евра е значително помал, бидејќи додека парите стигнат до проститутката, тие се значително намалени, па таа нема да може да си ја плати собата, што значи дека заздравувањето на економијата има ограничен ефект. Овде се работи за добро познатиот multiplier effect, односно колкав економски раст може да очекуваме како последица на фискалната или монетарната експанзија. По правило, доколку парите одат кај посиромашните слоеви, поверојатно е дека тие ќе бидат целосно потрошени, а не заштедени, бидејќи овие домаќинства секогаш имаат потреби кои не можат да ги задоволат со потрошувачки кредити од банките (поради намалена кредитоспособност).

2. Втората работа што може да тргне наопаку е наместо зголемена економска активност, да рипнат цените. Замислете дека касапот нема повеќе јагниња за колење, дека добавувачот веќе работи 12 часа дневно и дека проститутката е пребукирана. Што ќе се случи кога ќе дојде нов муштерија со својата банкнота од 100 евра и ќе побара уште услуги? Логично е дека цената на услугите и јагнешкото ќе рипне, односно ќе настане инфлација, што предизвикува нестабилност на цените што, пак, повлекува несигурна инвестициска клима. Инфлацијата е примарниот страв на централните банки чија задача е да одржуваат ценовна стабилност. Поради тоа, во услови кога економијата работи на својот полн потенцијал, не е мудро да се интервенира монетарно, бидејќи единствениот ефект би бил инфлационен. Овде значи се работи за другата страна на циклусот, кога велиме дека власта треба да води анти-циклична политика: монетарна/фискална експанзија тогаш кога економијата е во рецесија, а намалување на количината пари во оптек (т.е. зголемување на каматите) во случај на забрзан раст и инфлација.

Можеби се прашувате зошто тогаш ако европската економија е во рецесија, се обрнува толку внимание на мерките за штедење? Зошто инфлацијата во ЕУ е толку ниска, а Европската централна банка постојано е загрижена за ценовната стабилност наместо за огромната невработеност и можноста од двојна рецесија? И јас се прашувам искрено, но одговорите, ќе видиме, имаат повеќе политичка, отколку економска логика.

Извор: slobodnazona.blogspot.hu

Слични содржини

Општество
Општество

ОкоБоли главаВицФото