Ќе се гради аквапарк на скопскиот плоштад

25.06.2012 14:30
Ќе се гради аквапарк на скопскиот плоштад

Плоштадот Македонија ќе добие уште една нова содржина – аквапарк на 5.000 метри квадратни, а со неговата изградба ќе се комплетира замислениот изглед за овој јавен простор.

Потсетуваме, на скопскиот плоштад веќе се поставени дваесетина споменици, а со планираното панорамско тркало, бродовите-сплавови и циркускиот шатор, кои треба да се изградат во текот на 2013 г., треба да се заокружи смисловната целина на овој дел од градот.

Во аква паркот ќе има разни интересни содржини. Предвидено е да се изгради базен со бранови, разни тобогани од кои најголемиот да биде долг 45 метри, а висок 15 метри, голема прекршена лизгалка, инка, мрзлива река со водопад и остров за релаксација во средината.

Една од содржините ќе биде и „детскиот свет“ со потопен брод-играчка и разни реквизити за најмладите.

Целиот комплекс ќе може да прими 1.000 посетители, а во рамките на аква паркот ќе функционираат кафулињата од блиските плажи на Вардар, кои ќе можат да опслужат и поголем број гости.

Она што е многу значајно е тоа што аквапаркот ќе се напојува со вода од реката Вардар, која важи за најзагадената река во Република Македонија, па и Балканот.

„Не е точно дека водата во Вардар е толку загадена“, велат од канцеларијата на Град Скопје. „Да беше загадена, зарем ќе се дозволеа водоскоците од обете страни на Камениот мост?“, прашуваат градските службеници во своето соопштение до Пара вестите.

Пара вести го исконтактираа и главниот архитект на водениот парк, кој побара да остане анонимен за јавноста. Тој вели дека аквапаркот првично бил замислен и осмислен некаде надвор од централното градско подрачје, но дека со интервенција на владата се сменила неговата местоположба. Исто така, нагласува дека со новите промени секој посетител на аквапаркот ќе добие и специјално херметички затворено одело за пливање, со цел да не се загрози здравјето на лицата кои ќе се капат во водата која ќе се црпи од Вардар. Однапред се оградува од секаква одговорност.

„Јас осмислив воден парк за нормални услови и користење, а тоа што властите го пренаменија и преместија на нова локација – тоа е нивна одговорност“, вели тој.

Од Град Скопје, пак, тврдат дека со водениот парк ќе се зголеми бројот на туристички посети на престолнината, не само од земјава туку и од странство, што ќе биде добро за локалната економија, како и за заживување на градските плажи на Вардар.

Висината на инвестицијата се проценува на околу 28,6 милиони евра, а ќе биде финансирана од државниот буџет.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото