I Person, aPOSTERiori

26.06.2012 08:48
I Person, aPOSTERiori

Изложба на Горан Костовски - Ind.o.g во Отворено графичко студио - Музеј на град Скопје + Dj set на Стојче и Базел

29.06.2012; 21:00 часот

Постерот е урбан медиум и неговиот статус отсекогаш бил контроверзен. Не очекува да му се поклониме и да го изложиме во музеј. Направен е за да ги исполни барањата на клиентот и најчесто e изложен на улица а комуникативноста е негов основен императив.

Постерите на Горан Костовски се изложени во галерија и добри се од повеќе аспекти - не се претенциозни, направени се за да ги задоволат неговите лични, интимистички потреби и токму тука престанува нивната врска со адвертајзингот при што навлегуваат во доменот на “чистата” уметност. Неговите постери или дигитални графики (разграничувањето на медиумите е сосема ирелевантно) изложени во Отвореното графичко студио се плод на долгогодишното искуство во доменот на графичкиот дизајн во чии рамки има остварено завидни резултати и покрај притисоците на безобразните и неедуцирани клиенти. Најновите дела се ослободени од комерцијалните стеги и компромиси и во нив Костовски го има имплементирано својот ликовен сензибилитет и културен багаж акумулиран со години. Во нив е остварена ефектна синтеза помеѓу содржината, формата и бојата. Делата се замислени како своевидна визуелна поезија во којашто графичките прикази остваруваат дијалог со кусите коани пишувани во вид на дневник, крајно непосредно и искрено. Во нив е отсутно егото е присутна е Суштината со што авторот се доближува до источната зен филозофија.

Костовски медитира за секојдневните нешта (персоналност, екологија, однос кон работата и професионализмот, дихотомијата дигитално-аналогно итн.) преточувајќи ги несвесните содржини во литерарна постапка блиска на принципите на психичкиот автоматизам.

Иконографски, постерите носат печат на јапонската графика (црниот соларен диск е лајт мотив и аналогијата со јапонското знаме е неизбежна иако тоа не е направено тенденциозно) супрематизмот, минимализмот, поп-артот, street- артот (стилската категоризација е ирелевантна компонента но честопати преку одредени аналогии и референци им овозможува на љубопитните но неупатени реципиенти полесен приод кон ликовната проблематика како и кон поетската, философската и метафизичката димензија).

Делата се графички крајно симплифицирани но да се биде или да се стане едноставен не е воопшто лесно. Едноставноста е процес на постојана редукција, кондензација, дестилација; редукција на значења и концентрација на есенцијалното.

Изложен во галерија постерот e деконтекстуализиран при што се соочуваме со еден социолошки феномен -во зависност од изложбениот простор (улица или галерија) ќе зависи и акцептирањето и сугестибилноста на постерот (последниве неколку години во Македонија сме сведоци на жестоки реакции во јавноста предизвикани од уметнички практики изложени на билборд. Доколку беа изложени исклучиво во галериски простор немаше да кренат толкава прашина).

Улицата има свои законитости. Изложен на улица постерот го перципираме брзо, непосредно и заради тоа сликата и идејата мора да биде концентрирани во есенцијална смисла на зборот. Галерискиот простор е храм и во него постерот го доживуваме смирено, контемплативно. Нештата добиваат речиси свечена нота. Во такви услови и контроверзната острица на постерот отапува при што тој добива сосема поинакво значење.

Настојувањата на Костовски да ја редефинира улогата на постерот како и неможноста да се направи јасна категоризација на неговите дела го потврдуваат правилото дека повеќе не постои ригидна медиумска и стилска differentia specifica и дека постојат само два вида на уметност, добра и лоша.

Атанас Ботев

Извор: indog.tumblr.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото