1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Расказите на Јолдески се колебаат околу сопствениот идентитет и тематски осцилираат околу загрозените урбани пејсажи на нашите градови, околу тагата, стареењето, љубовта...
Расказите во книгава вчудоневидуваат и речиси сите редовно уште на самиот почеток ја кршат реалната и стабилна основа врз која стапнува читателот. Авторот брзо и возбудливо го ниша читателот во својата наративна лулашка. Поетиката на книгава ја напушта навидум наивната и засмејувачка атмосфера на дебитанското дело на Јолдески, но ги чува искреноста и автентичноста и нè носи кон едни поинакви магливи брегови, каде што секој има свое езеро...
Ненад Јолдески (1986) е автор на „Штамата на Енхалон”, првонаградената книга на конкурсот НОВИТЕ (2009). Еден од основачите на групата Wezdensky – отворено арт здружување, преку кое досега успешно беа изведени на сцена: „Ајнштајновите сништа” на Ален Лајтман, „Инсомниа” на Димитрие Дурацовски и „Старица” на Данил Хармс. Аматерски се занимавал со глума и режија. Неговите раскази досега се објавувани и преведувани во неколку антологии, книжевни пресеци, списанија и on-line магазини.
Пренесуваме еден расказ од книгата:
Неплатени хотелски сметки
Утрово ме застрела хотелската соба. Ситен, речиси невидлив куршум се заби во мојата пета и ме закотви како брод пред распаѓање. Ја посакав собата за себе и се вратив во креветот. Заспав мирно и те сонував како кружна бесконечна бегалка што си го крие дијаметарот. Ме разбуди собарката. Го слушнав нејзиниот глас како одекнува од зад вратата.
„Ќе мора да ја напуштите собата до пладне, инаку ќе ви наплатиме уште еден ден. Млад господине, дали е сè во ред!?“
Се присетив дека ми крвари петата. Чаршафите беа црвени. Низ отворениот прозорец влегуваше мирис на загорен шеќер. Ја преврзав ногата со натопениот чаршав и излегов низ прозорецот. Но никогаш вистински и од собата.1
_____________________________
[1] Овој запис е пронајден во хотелска соба во Гевгелија и за него дознаваме од пријавата на собарката. Покрај записот е пронајдена и распарчена книга. Делот од несреќниот ракопис кој не успеал да преживее во целост брои четириесет страници. Започнува со 148-та. На маргините на првата страница испишано е со молив: А што ќе остане од нас, господа? Љубовни писма... и неплатени хотелски сметки. Авторот и на двата записи е непознат.