Умирањето на американскиот сон

26.06.2012 11:54
Умирањето на американскиот сон

Мојот пријател живее во богата населба. Еден ден, додека бил во дворот пред куќата, неговиот прв сосед, републиканец, го прашал зошто е демократ. Мојот пријател одговорил дека израснал во сиромашно семејство; посетувал добро државно училиште и успеал да напредува во работата. Тогаш покажал со раката на градинарот кој работел пред куќата на другата страна на улицата. „Зарем не сакате и градинарот да го живее американскиот сон кој го живееме ние?“, прашал мојот пријател. Соседот го спуштил на земја, довикнувајќи: „Синот на тој градинар ќе биде градинар на мојот син.“

Американскиот сон умира. Дали ја достигнавме точката во која богаташите не сакаат да го шират кругот на победници? Дали е веќе толку лошо што сиромашните не можат повеќе да се надеваат на успех? Дали сме на патот кон економијата на Третиот свет, каде неколкумина имаат сè, а мнозинството ништо? Сведочиме ли на смртта на големата американска средна класа?

„Средната класа“ ја дефинираме колку преку вредностите, толку и преку економските одредници: напорна работа, играње по правилата и напредување; штедење за купување куќа, отплаќање на новиот автомобил, испраќање на детето од средно училиште со диплома – дури и упис на детето на универзитет. Средната класа подразбира и пензионирање со малку достоинство и сигурност.

Секој шести Американец годишно заработува помеѓу 25.000 и 100.000 долари. Тие ја сочинуваат сржта средната класа. Па сепак, дури третина од оние кои заработуваат повеќе од 150.000 долари и 40 проценти од оние кои заработуваат помалку од 20.000 долари, себе си се сметаат за припадници на средната класа. Сè на сè, три четвртини од Американците се сметат за средна класа – што значи дека тие три четвртини Американци (всушност, и повеќе од тоа) се во гадна неволја.

Неодамнешниот извештај на Централната банка на САД укажува на колапс на средната класа. Од 2007 до 2010, средната вредност на богатството опадна дури на 40 проценти. Како и секогаш, богатите поминаа добро: нивното богатство се зголеми, а на сите други се истопи. Тоа е затоа што богатството на најбогатите е најмалку врзано со недвижнините, а повеќе во акции и обврзници, кои за време на Бушовата депресија поминаа подобро од цената на семејните домови.

Раѓањето на американската средна класа беше резултат на политичка одлука – а тие ја пресудија и нејзината смрт. По Втората светска војна, Америка имаше должничка криза. Спасувањето на светот е скапо, и тоа е причината поради која, во процент на БДП, долгот во 1945 беше далеку поголем отколку денес. Големата генерација мораше да донесе тешки одлуки. Претседателот Ајзенхауер ја зголеми даночната стапка на 91 процент (тој „комунист“) и Америка инвестираше во образованието, градежништвото и технологијата. А големата американска средна класа го предводеше напредокот кој го исплати долгот. За само 17 години, долгот се врати на предвоеното ниво.

Се испостави дека богаташите се богатат на вложувањето во потрошувачите од средната класа. Тоа го мислеше претседателот Клинтон. Ги зголеми даноците (скромно) на богатите – на 39,6 проценти – ја намали државната служба и инвестираше во образованието на средната класа, развојот на технологија и биомедицинските истражувања. Уште еднаш, економската политика фокусирана на средната класа „ги подигна сите бродови“ (позната изрека на ЏФК „плимата ги подигнува сите бродови“ – идејата дека од економскиот раст сите профитираат), вклучувајќи ги и јахтите.

Денеска, повторно се соочуваме со должничка криза. Американската елита е загрижена, подобро речено, испаничена. Оправдано. Но, каде се сега комисиите на високите угледни лица кои ќе зборуваат за падот на средната класа? Нашиот претседател исправно го опишува овој период како „пресуден момент за средната класа“, но гувернерите и градоначалниците низ САД се присилени да отпуштаат професори, полицајци и пожарникари – луѓе кои служат, ја штитат и образоваат средната класа, кои можат да им помогнат на сиромашните да се издигнат до средната класа, а припадниците на средната класа да просперираат.

Без разлика на она што го говори претседателот, на приватниот сектор не му оди добро. Но, од почетокот на заздравувањето, тој сектор барем генерираше 4,3 милиони нови работни места, а во јавниот сектор беа укинати 600.000. Но, во сегашниот хаос не дојдовме поради тоа што имаме премногу учители, полицајци и пожарникари. Таму сме каде што сме затоа што ги намалуваме даноците, главно на богатите, водевме две војни на сметка на државниот долг и го дерегулиравме Волстрит. Ако не се соочиме со вистинските причини, никогаш нема да го разрешиме долгот.

Ништо од наведеното не е лесно. Секако дека мора да ја намалиме потрошувачката. А очигледно е дека ни требаат повеќе приходи од даноци. Но, тоа треба да го постигнеме на начин кој ги штити ветените прилики и можности за сите. Економскиот раст е клуч за отплата на нашиот голем долг, а ширењето на средната класа е клуч за економскиот раст.

Извор: Newsweek

Слики: Макс Гинзбург

ОкоБоли главаВицФото