За уметноста, огласувањето, критиката и политиката

26.06.2012 13:26
За уметноста, огласувањето, критиката и политиката

Експресната забрана и уништување на билбордот „Солушн, ги чисти и најнедостапните површини!“ на уметничката група ОПА деновиве ја разбранува овдешната зачмаена културна јавност. Меѓу многуте реакции на уште една свињарија на власта впечаток ми остави текстот на Небојша Вилиќ, „Much Adoe About Nothing“, некни во два дела објавен на Фејсбук.

Во текстот на Вилиќ постојат повеќе проблематични места. Од друга страна, Вилиќ ги покренува незастарените и мошне важни прашања за дефиницијата и смислата на уметноста, за односот меѓу нарачателот, уметникот и реципиентот, за оригиналноста, за правните и политички аспекти на уметничкиот чин итн. Исто така, Вилиќ е еден од ретките кој случајот со забранетото дело на уметничката група ОПА го стави во малку поширок контекст, со што отвори нови интересни димензии во јавната расправа. Доблест на текстот на Вилиќ е и што ги открива слабите места на уметничките и кураторските практики кај нас: неартикулираноста и површноста на кураторите и уметниците, нивната неспособност за референци, нивното некритичко коалицирање со рекламниот свет итн. Но, напаѓајќи Вилиќ едновремено го изложува и својот празен гард, разголувајќи ги сопствените слабо втемелени критичарски позиции. Вилиќ, значи, со право го критикува концептуалниот и категоријалниот хаос на кураторите и уметниците, но немајќи јасни тези, импровизирајќи, изнесувајќи произволни заклучоци, недоволно ситуиран во времето и просторот, Вилиќ упаѓа во сличен концепциски хаос.

Каде греши Небојша Вилиќ во својата аргументација? Најпрвин, тој сосема произволно, за инстант потребите на своите неизведени тези, ја дели уметноста на применета и неприменета. Применетата уметност е лоша, наспроти уметноста на Леонардо да Винчи, која е добра. Тоа е едното иритантно место во текстот на Вилиќ кое ме натера да реагирам. Морам да нагласам: во 21 век веќе не е толку лесно да се арбитрира што е (применета) уметност, а што не е. После Дишан работите во таа област станаа екстремно либерални: уметност е сето она што творецот (уметникот) го прогласува за уметност. Дали тоа е конзервирано гомно, писоар-фонтана, Мона Лиза со бркчиња, Луле коешто не е луле, самоосакатување, пластична операција, перформанс, политичка изјава, медиумска манипулација итн. – сеедно е. Дури и во времето на Леонардо, како и векови пред тоа, не било едноставно да се направи разлика меѓу „уметноста“ и „применетата уметност“. Величини како Леонардо правеле украси за торти, на пример, и гордо владееле и со други подоцна потценети технички или уметнички вештини. Потеклото на уметноста, впрочем, е во вештината и во техниката. Токму Леонардо е пример за тоа. Заради таа традиционална линија, значи, денешен неоспорен уметник е и Стеларк, кој си вградува чипови и вештачки органи во своето тело. Заради таа историска линија слободно можеме да ги прогласиме за уметнички дела и дијамантскиот череп на Дамиен Хирст и кичестиот зајак на Џеф Кунс и преработениот филм „Психо“ на Даглас Гордон и провокативните антирелигиозни фотографии на Андрес Серано...

Вилиќ не ги согледува своите противречни позиции. На пример, тој сосема неартикулирано го напаѓа неолибералниот упад во сферата на уметноста без да забележи дека неговиот сопствен концепт за уметноста (пак ќе речам, неконзистентен и мошне матно изложен) произлегува од истите пазарни матрици. Уметноста појасно се одвојува од занаетчиството дури во 18 век, со развојот на индустријализацијата. Тогаш уметниците се ослободуваат од зависноста спрема великашите и се вртат кон пазарот. Од широкиот спектар на уметности (кон коишто, на пример, во барокот се вбројувале огнометите и водоскоците, слично како во Скопје 2014) тогаш, во втората половина на 18 век, се формира едно разбирање на уметноста поинакво од дотогашното дворско разбирање. Се формира една уметност како концепт кој има моќ да нормативизира и да прогласува ексклузивност. Суштински, од тој концепт произлегува и произволната ароганција на „нормативизаторот“ Вилиќ и денешниот „неолиберален“ пристап кон уметноста.

Втората грешка на Вилиќ е прелесното и во ништо втемелено тврдење дека формата на адвертајзингот не може да биде уметност. Може! И тоа одамна се прави. Најпознати примери веројатно се Џени Холцер со своите славни дисплеи (анонимно поставувани на Тајмс Сквер во Њујорк во втората половина на седумдесеттите) и Барбара Кригер со своите типографски плакатски пораки (во младоста Кригер работела како графички дизајнер и тоа мошне влијаело и на нејзиниот подоцнежен уметнички израз; иако и во својата зрела кариера Кригер дизајнирала насловни страници за списанијата Ms., Esquire, Newsweek и The New Republic и таа работа ја разбирала како уметнички чин). Андрес Серано, мошне провокативниот њујоршки уметник кој го обработувал односот меѓу религијата и општеството, исто така работел во рекламна агенција и исто така во својата уметност ги користи стратегиите на адвертајзингот. Холцер, Кригер, Серано или Ричард Принс (кој правеше дословни копии на плакатите за Марлборо и кој е познат, како и Барбара Кригер или Дишан, многу пред нив, по „апропријацијата“ на постојни слики) се веќе класика на 20 век, уметници од учебниците. Постојат уште десетици и десетици други важни уметници кои последниве педесетина години (особено од поп-артот навака, но и пред тоа, за време на футуризмот и конструктивизмот) користеле разни медиумски стратегии, вклучувајќи ги билбордите и огласувањето.

(Впрочем, како што вели Мишко Шуваковиќ, и „постмодернизмот покажува дека нема оригинално и изворно дело, туку дека постојат само трансформации и преместување на постојните јазички творби [цитати на цитатите, трансфигурации на цитатите, јазички траги]. Историјата на уметноста и културата се покажува како мрежа и мапа на "трагите од јазикот" со кои уметникот арбитрарно се служи произведувајќи моментни, нестабилни и отворени презентации“.)

Третата грешка на Вилиќ е неговото тврдење дека цензурираното дело на ОПА нема вредност зашто не е потпишано и пријавено во авторска агенција! Оваа теза е толку апсурдна и приглупа што не вреди ни да се коментира. За овој правен аспект на скандалот со забранетиот билборд одличен текст напиша Данило Мандиќ.

Ќе потсетам само дека едно од најдобрите уметнички дела во Македонија последниве години е Позлатената клозетска шолја оставена на улица „Македонија“ во декември 2009 година како реакција на лудачкиот урбанистичко-уметнички проект „Скопје 2014“. Колку што ми е познато, златната клозетска шолја и денес нема автор, делото веројатно е уништено, но тоа не го прави помалку важно за историјата на современата македонска уметност. На пример, јас сметам дека за разлика од кичерајското (а потпишано) дело на Томе Аџиевски (авторот на Угаќениот Прометеј), златната клозетска шолја поседува неспоредливо поголем уметнички кредибилитет. Иако не е пријавена во авторска агенција. (Зашто мислам така? Зашто Лексиконот на современата култура ме научи: „Способноста да се открие естетскиот потенцијал на некој феномен денес претставува клучно естетско обележје и тоа ѝ ја дава продуктивната сила на уметноста. Тоа, се разбира, во крајна линија води до поистоветување на улогите на уметникот и реципиентот. Прашањето на естетската концепција денес има предност во однос на традиционалните проблеми на продукцијата на делото.“)

Најпосле дојдовме до деловите каде што сакам да изразам емпатија со Вилиќ. Да, Небојша, и мене ми одат на нерви рекламната индустрија и „адвертајзерите“, живите споменици на површноста, вулгарноста, некреативноста, недуховитоста, запакувани во ароганција и ѓоамити забава. За последниве 20 години, откако и кај нас маркетингот, заедно со килавиот капитализам, почна да се развива, речиси и не памтам добра кампања за што било, ниту пак некоја антологиска реклама. Фолклорните натуршчици К-15 останаа врв на рекламата во Македонија, и покрај десетиците агенции со десетиците милиони евра промет изминативе години.

„Адвертајзерите“ не се прославија ни со веќе легендарните кампањи на актуелната власт изминативе шест години. (Еден ден некои паметни луѓе ќе направат Музеј за стотиците ступидни реклами на и за груевизмот. Тој Музеј многу повеќе ќе зборува за оловниве години од какви било социолошки анализи. Можно е тој Музеј, за жал, низ глупавата адвертајзинг продукција повеќе да зборува за мрачниве времиња дури и од уметноста која настанува периодов. Се разбира, тоа е проблем на современата македонска уметничка продукција, а не на идниот Музеј на глупоста, бесрамноста и бесчестието. Добра локација за тој иден Музеј е сегашниот Музеј на ВМРО итн. кој подготвено ги чека следните восочни фигури на хероите на груевизмот, намалени, за да се смалат трошоците.)

Но, не би биле фер кон главно некреативните луѓе од рекламната индустрија кога не би го констатирале фактот и дека „уметниците“ (според класификацијата на Вилиќ) исто така ја укењаа и уметничката и граѓанската кауза, естетски и етички, послушно служејќи им на мизерните политички нарачатели. Вилиќ недоволно јасно го препознава тој момент, критикувајќи ги „адвертајзингот“ и „неолибералниот капитализам“. И затоа опасно ја промашува поентата и арогантно го потценува делото на ОПА кое скромно се труди да биде општествено ангажирано. Затоа не стои заклучокот на Вилиќ дека целата прашина што се дигна околу забранетото дело е „многу врева околу ништо“. Токму е обратно! Вревата отвори многу суштински прашања поврзани со улогата на уметноста и културата во нашето општество. Без оглед на неговите „естетски дострели“, делото на ОПА сепак предизвика расправа за суштинските работи. А тоа токму е работа на уметноста: да преиспитува, да излегува од довчерашните форми, да провоцира, дури понекогаш да биде грда и непријатна... Во таа смисла, делото на уметничката група ОПА заврши сосема пристојна „уметничка“ работа.

На крајот го поздравувам Небојша Вилиќ со зборовите на Барбара Кригер: I work with pictures and words because they have the ability to determine who we are and who we aren’t.

Слики: Barbara Kruger

сакав да избегам, како што

сакав да избегам, како што сакам и сега да си отидам, размислувам за писмото во кое им соопштувам нешто, што и да било, прецизно напишано, адресирано за поединец. ме фаќа растројството на секојдневната рутина и практичноста. зборувам за огледала и системите на контрола, но ги гледам и анархо-системите кои ми влијаат. во просек една книга на десет дена, со безброј статии за наука, физика, медицина, биоинжинерство, енергетика, компоненти, иновации. технологија. моментално како да има избори на празното и како да траат 20 години, нон-стоп има промоции, прелетувам преку некаков билборд преку телевизорот преку собата преку потребите штракањето по копчињата да стане мое познанство со девојката која и инаку ја познавам, црна бушаво кратка косичка и очила, зборува за средства за чистење таа и за менопауза, за рецесија како втор збор за цензура, не разбирам што е тоа, сркам кафе се шетам гол по дома, тоа дома е македонија: 20 години владее десницата, колку повеќе растам, толку е по шит паѓањето и пашата, полето на знаењето се шири и добивам еквивалентности како и кога почнав, да читам будало! има и правила, сега се исцрпувам бидејќи живеам тотално изолиран живот, гледам од дистанца, гледам телевизии за животни и наука, не пратам вести, не дај боже спорт, наводно имало првенство од некој тип; поминувам низ програмата и им ги согледувам фаците, но нема потреба да ги слушам, тоа е патосот, тоа се прашинарите, честичките што се лепат, тие седат прочитав слетуваат на дното. престанувам да барам пари и не можам да пишувам со саати, ниту секој ден. адресите за веб-локации или електронската пошта, за тоа не ви кажав, ако комуницирате, автоматски се претвораат во веб-врски. сакав да си одам пишав и тоа сега го правам.

Според своето античко

Според своето античко потекло, уметноста е техне, вештина на создавање и произведување. Како првобитно создавање, уметноста и понатаму се чуди над сопствената појава. Наместо да се ослободи во занесот на содржината, таа лебди над сопственото раѓање, амбивалентна спрема својата егзистенција. (...) Таа се ослободува од друштвото на филозофијата и технологијата тогаш кога уметникот ќе произведе хармонични предмети. Тогаш, кога произведените нешта ќе покажат величествено заедништво, уметноста станува арс или (латински) спојување.
Мајкл Хајм

Порака за трогателниот

Порака за трогателниот Водвиљ:
Во романот „Квака 22“ на американскиот писател Џозеф Хелер главниот јунак се соочува токму со една варијанта на раселовиот парадокс вградена во еден параграф од Правилникот на Авијацијата кој се однесува на начинот на кој еден војник може да биде ослободен од учество во крајно опасните бомбардерски мисии над територијата на непријателот.

Имено, оној кој не сака повеќе да оди во мисиите кои се многу често смртоносни за пилотите, мора прво да докаже дека е луд, оти луд човек армијата нема да пушти во воен авион. Е ама, Правилникот вели дека секој оној кој ќе побара да го прогласат за луд со цел да не оди повеќе во речиси самоубиствени мисии, сигурно е сосема здрав човек, оти само луд човек би сакал да продолжи да оди во толку опасни задачи. Значи, само нормалниот може да се прави луд, а ако се прави луд, значи дека не е луд, следствено е доволно здрав за да продолжи да биде праќан во борбите.

Разгаќен-Угаќен (вгаќен -

Разгаќен-Угаќен (вгаќен - вџашен) Прометеј.
Или Раскурцан Прометеј? Или Укурцан?

Техничката репродукција на

Техничката репродукција на уметничкото дело прв пат во светската историја го ослободува делото од неговата паразитска егзистенција во ритуалот. Репродуцираното уметничко дело станува се’ повеќе репродукција на уметничкото дело наменето за репродуцирање. Фотографската плоча, на пример, овозможува мноштво копии; прашањето за оригиналната копија е бесмислено. Но, во моментот кога ќе закаже мерилото за автентичност во уметничкото производство, се менува и целокупната функција на уметноста. Нејзиното втемелување во ритуалот го надоместува поинаквата практика: имено, втемелувањето во политиката.
Валтер Бенјамин

Ај и од мене една песна за

Ај и од мене една песна за Водвиљ:

Спомен по многу години

Имав можеби неполни дваесет години
кога напишав:
"така рикаше маката во мене
дека сум роден во смачкано племе".
И досега,
по толку долго време,
ме следи истата таа мака,
и дури поголема,
така што дури можам,
сејач на глуво семе,
да го сменам малку зборот
и да речам:
"уште рика истата мака во мене
дека сум роден во смачкано племе".

Но сепак, се надевам, дека не е туку така
што сум бил подложен на таков искус
и на таква една мака.
Блаже Конески

Не знам дали поднасловод

Не знам дали поднасловод скриен во wanna be дело на Barbara Kruger - Don't be a JERK се однесува на авторот на текстов или пак за оној кој е анализа во истиот. Од старт е ступидна идејата да постои ваков текст. Но, очигледно е дека ни оној кој зборува, ниту за оној за кој се зборува работеле во Advertising (читај ОГЛАСУВАЧКА) агенција, иако би можел да се согласам со Н.В. дека адвертајзингот не е уметност. Tочно. И точка. За тезата 2 во горниот текст авторот не прави разлика дека адвертајзинг и користење форма на адвертајзинг не е исто. Сите тие кои ги набројува биле инспирирани, но само инспирарани и ништо повеќе - и во нивните дела јас негледам никаков адвертајзинг, освен начинот или техниката како сакаат своите дела да ги "искомуницираат". Тоа е сосема различно од она кое што треба да се престави. Адвертајзингот е само една форма на комуникација, а не уметност и зад која постои само една цел - однесувањето на потрошувачот и ништо повеќе. ( и профитот над с(в)е). Не се надевам дека авторот го разбира адвертајзингот, но сигурно е дека го користи како алатка и орудие само кога му е потребно. Супституцијата на уметноста и рекламирање секогаш е лагодна и убава за вакви текстови. Но ниедна од двете професии не ни најмалку пристојна за живеење и творење во овие простори(и). Како што горниот текст е анализа на анализа и мојот коментар е анализа на анализа на анализа и комплетно непотребен, но мора да биде изнесен. На крајот и го поздравувам и јас авторот на текстот, како што и тој поздравува, со пригоден цитат од познатиот (се надевам) Дејвид Огилви “If it doesn't sell, it isn't creative.”

Еден едноставен постер на Опа

Еден едноставен постер на Опа да предизвика толку пријатни размислување кои ти влеваат надеж дека околу тебе во државава сепак имат вредни карактери. Она што највеќе ми остави впечаток е сепак оној „несоодветен“ коментар на водвиљ. Колку само барам ваков израз во уметноста, каде уметноста зависи од животот и каде му се покорува, каде тежнее со сите сили и таа самата да стане живот. Ова ме ремети духовно, ми ги бранува поимањата и ги расчеречува си силна желба се во мене да си го најде своето место, за она внатре да се хармонизира и секое делче да си добие име, онака како што адам им ги давал имињата на новите суштества. Како и да е, сепак не можам а да не се прашувам што бара ваков коментар на ова место (иако после долго време читав текст на Гелевски без да силам да го дочитам до крај.. ако тоа има некаква врска..) И, уште еднаш - како и да е, коментарите кои се однесуваа на водвиљ толку ме привлекоа што имав чиста и проста потреба да напишам нешто, можеби како знак на човечност, или како одѕив место ехо кој вели „и јас те слушнав.“

Do koga be idiote sam so sebe

Do koga be idiote sam so sebe ke si zboris??? mene mi fali pak ona citiranje sam sebe...recimo...pisuva Gelevski za Globus.
Koj pacient si ti...

Art is a word “Art” is a

Art is a word

“Art” is a word. Something is art when commonly spoken of as such. The designation has administrative and commercial consequences. It bears no exclusive relation to aesthetic experience, which is promiscuous and wordless.
Aesthetic judgment is an extra step of a mind that has registered an aesthetic experience, from which it may be excited to induce a rule. Kant thinks it is a component of the experience. I'm not so sure.
Our thoughts are lawyers for our feelings.
Some people enjoy judging. I’m O.K. with it, but I prefer love.
Aesthetic criteria are retroactive justifications of formed beliefs. Anyone halfway clever can invent criteria which will be seen as brilliantly fulfilled by just about anything. There is no rational criticism of art, only persuasion.

- Peter Schjeldahl

Во врска со Златната

Во врска со Златната клозетска шолја, да додадам: можеби најславното уметничко дело на 20 век, Дишановиот писоар, исто така не е сочувано. Уметничкиот совет на галеријата каде што Дишан сакал да го изложи делото го одбил, прогласувајќи го за простачко и неумесно. За среќа, фотографот Алфред Штиглиц го снимил првобитниот писоар на Дишан, пред делото да исчезне. Веројатно некој го фрлил, мислејќи дека случајно заталкало на изложбата. Години подоцна писоарот од Дишан наречен „Фонтана“ почнал да предизвикува восхит и многу галерии и музеи посакале да го имаат. Денес ширум светот постојат околу 12 писоари со потписот на Дишан и секој се проценува на преку два милиони евра.

Претпоставувам дека еден ден некој кај нас ќе направи копија и на Златната клозетска шолја. Можеби една џиновска Златна клозетска шолја ќе треба да се стави во централниот хол на Музејот на глупиот груевизам?!

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото