Езера

27.06.2012 09:13
Езера

Сигурно има некакви сили во воздухот. Или некој врши некаков експеримент со некое чудно авионско прскање, нешто слично како она прскањето против комарци од пред некоја недела, после кое комарците токму направија крвоцид по локалното население. Друго објаснување, едноставно, не е можно.

Во општина Аеродром отворија Парк на езерата! Што? Да: Парк на езерата. Не отворија, на пример, парк на комарците. Или, ајде, парк на црквите, што е дефинитивно ин во оваа општина. Дури ни парк на паркинзите, што е, претпоставувам стратешка определба на општинарите. Туку, Парк на езерата! Најблиското езеро до Паркот на езерата е езерото "Треска", затворено за употреба премногу бргу по неговото пуштање. Следното е вештачкото езеро "Матка", кое, претпоставувам, исто така се наоѓа во општина Сарај. По воздушна линија релативно блиску се и вештачките езера "Младост" крај Велес и Мавровското езеро на Маврово. Добро, тука е и Железарското езеро, кое од оправдани причини не споменува во ниту еден контекст. Останува, значи, прашањето зошто Паркот на езерата е сместен таму каде што нема ниту едно езеро? Која е таа опсесија од води и од мокри површини, таму каде што и Свети Димитрие не си ги пере своите фрески? Во целата оваа приказна на фонтани, фонатанички и фонтаничишта има некакви чудни опсесии на прскање, на некаква чудна желба цело време да бидеме мокри, да не кажам влажни.

Некои теории велат дека еволутивниот пат на човекот одел од некои водни животински видови, преку човеколики мајмуни, па сè до овие амфибии, кои повторно би се вратиле во вода. Можеме сега да расправаме и за полноглавците, но и за рибите-цицачи, односно китовите, но она што мене ми паѓа на памет е токму тоа: чудните сили во воздухот што владеат на овие чудни простори, едноставно, ги приморуваат овдешните хуманоиди да дишат на - шкрги. Дишењето, на пример, со полни бели дробови е опасно по здравје. И по физичко, и по духовното.

Познато е дека водата, во комбинација со жешкото сонце, предизвикува чудни визуелни ефекти. Низ една капка можете да го видите целото виножито, но и разни прилично уверливи илузии. Убеден сум дека токму тоа го видов, таа чудна илузија, кога видов еден билборд на кој беа ставени фотографии од булеварот "Климент Охридски", и тоа во стилот "некогаш и сега". На таа фотографија што требаше да го претставува она "некогаш", можете да видите едно, да кажам, булеварче, со два дволентни коловоза, а на она што е "сега" се гледа еден автопат од четири ленти во секој од коловозите. За луѓето што се занимаваат со играта "Пронајди ги разликите" ќе биде лесно да сфатат дека во средината на "булеварчето" има шеталиште и дрворед од зрели липи, а на средината на "автопатот", да не кажам на авионската писта - нема ништо. Да не се разбереме погрешно, немам ништо против автопатишта. Напротив. Дури не мислам дека во средината меѓу коловозите треба да има било какво шеталиште, па ни дрворед од липи. Единствено мислам само дека луѓе, кои се во моментот навлечени на некои чудни супстанци, можат да трврдат дека е сјајна идеја низ центарот на градот да поминува автопат во должина од околу 400 метри. Секој што возел автомобил низ Скопје знае колку овој автопат со четири семафори на 400 метра помогнал во намалувањето на сообраќајниот метеж - не помогнал! А зошто тогаш е направен? Е, зошто, де? Веројатно за да се стави на билборд. Без оглед што четвртата лента на автопатот е забранета за сообраќај. Само дрвја да нема!

Значи, мене воопшто не ме изненади појавата на оној "тизер" или како веќе се вика рекламата за новата турска серија што ќе се емитува на телевизијата "Ендек Шеш", или, претпоставувам "Канал 5", ако ја слушате со македонска синхронизација. Добро, за волја на вистината, и јас се излажав, па помислив дека паднало она авиончето во паркот со авионот во Аеродром, оној што се наоѓа карши Паркот на езерата без езера на истиот Аеродром. Сепак, да бидам искрен, не бев загрижен. Сметав дека има доволно езера во близина каде што својот спас би го побарале евентуалните загрозени конзуматори на езерско-аеродромските услуги.

Злобниците велат дека во Паркот на езерата ќе биде поставен споменик на Јане Сандански во костум за капење. Наводно, Сандански, како што се вика таа населба, е осведочен љубител на паѓање авиони во езера. Јас лично не верувам во оваа теорија. Очекувам дека ќе му биде изграден споменик на Неси, она чудовиште од британското езеро Лох Нес, кое, јасно потекнува од аеродромските езера, и кое поради низа заговори на меѓународната заедница, безобразно им се припишува на Шкотланѓаните.

Конечно, ако во населбата Јане Сандански е поставен споменик на Сандански на коњ, а во населбата Ѓорче Петров е поставен споменик на Ѓорче Петров на коњ, зошто на езерата да не биде поставен споменик на Неси на коњ? Додуша останува прашањето на аналогиите. Чиј споменик на коњ ќе биде поставен во општина Гази Баба, на пример? Или во населбата Автокоманда? Патем речено, видов некаков коњаник во Автокоманда, кој стои токму карши автобуската станица, во став на сообраќаен полицаец, односно, симболизира командување со сообраќајот. Локалните жители ми велат дека станува збор за Филип. Оној што е познат како татко на Александар Велики и сигурно како прв сообраќаен инженер во Скопје.

Низ призмата на таа капка вода, која ви дава неверојатни опијатни искуства, може да се гледа и најавата за преименување на скопската општина Центар во Александрија. Само заблудените злонамерници мислат дека во прашање е џиновскиот споменик на Александар Велики. И само неосвестените социјалдемократи сметаат дека на онаа улица во центарот на градот треба да и остане името "Стив Наумов". Значи, во прашање е Тодор Александров. Човекот што, без да сака и без да очекува, ја доби токму улицата на Стив Наумов. Не знам колку време, кога и зошто Александров престојувал во Скопје, дури не знам ни дали воопшто некогаш престојувал. Сепак, тврдам дека општината Центар треба да добие име по неговото презиме, затоа што, што велат некои луѓе од Крива Паланка, да не беа штипјаните, Скопје денес немаше да изгледа така како што изгледа. Особено не неговиот центар.

Има, значи, некои сили во воздухот. Уриваат авиони, градат езера, и нас нè тераат да дишеме на шкрги.

Извор: globusmagazin.com.mk

Колажи: Вилхелм Штале

Не го читајте текстов, ќе се

Не го читајте текстов, ќе се заебете.

Коментарите треба најгоре да

Коментарите треба најгоре да ги стават, вака се заебав више...хуморот кој се обидува да го достигне Starman е тинејџерски хумор, но за жал не успева да го достигне. Ѕвездане не беше смешен ни во средно школо а уште помалку можеш да бидеш смешен на овие години со истите фори.

Мошне духовито, речиси како

Мошне духовито, речиси како секогаш, институцијата Ѕвездан:)) Но, интересно е колку верен хејтер имаш, Ѕвездане?:) Прв е, на која твоја колумна, трча да мочне под дрвото... Нема везе, ко што викаш самиот, Ѕвездан, они мрзат дрва...

Гордан има проблем со името

Гордан има проблем со името на паркот.
Еј, може да го викаме Северен Парк на езерата (Скопје) ?
Ама само '3 години', а после тоа 'од тој момент до вечноста' нека се вика „Парк на Езерата“, бива?

Бива бе, а може и „Парк во

Бива бе, а може и „Парк во бившата полјана што злобните комуњари ја направија најголема населба во Скопје“.

Вемеровски копилиња! Како се

Вемеровски копилиња!
Како се осмелуваат да го исчистат ѓубрето од Аеродром кое остана да не' потсетува на златните комуњари, па уште се осмелуваат и да изградаат нешто ново??
„Парк на езерата“, ова мене ми смрди на бугарштина...
ПРЕДАВНИЦИ!!!

ОкоБоли главаВицФото