Деца на популизмот

27.06.2012 10:21
Деца на популизмот

Што е, всушност, тој популизам, со оглед на тоа дека е вечното зло на италијанската политика? Накратко, тоа е однос во кој возрасните граѓани се третираат како да се деца, па со самото тоа се смета дека се одговорни само во теориска смисла.

На многу Италијанци популизмот не само што им се допаѓа туку и отсекогаш им се допаѓал токму поради тоа што никогаш не им дозволил да пораснат и што на тој начин ги ослободил од сите светски гревови. Еден помал број Италијанци не го поднесуваат популизмот, како што не поднесуваат и дека нивната држава, која по својата историја и датумот на раѓање е најстарата во светот, во исто време е и најдетинеста. Умеевме да го измислиме фашизмот, но на крајот од војната, поточно неколку месеци пред крајот, сета вина им ја префрливме на Германците.

Мусолини бил диктатор-срцка, фашистите биле дечишта склони кон егзибиционизам, а расистичките закони само последица од условите кои ни ги поставил тогашниот сојузник. Еден од подобрите прикази на вечната италијанска незрелост е филмот „Амаркорд“ на Фелини. Таму фашизмот е прикажан низ очите на еден адолесцент, односно низ очите на сите италијански фашисти. Одреден број антифашисти тогаш се нашле во затвор, каде што обично набрзина се созрева.

Пред дваесет години вечните пубертетлии наеднаш сфатија дека со нив владее класа корумпирани и сосем неспособни крадци. Какво изненадување, кој би помислил? За среќа, масовно гласаа за новиот, чесен и способен Берлускони. Го посакуваа по секоја цена, превидувајќи го намерно очигледниот конфликт на интереси и преку сето она срамно и смешно. И тоа, и покрај фактот дека беше очигледно оти Берлускони не ѝ е дораснат на мисијата која му е доверена, а – меѓу другото – е промовирана и како „новото италијанско чудо“. Им беше соопштувано на сите можни начини дека Берлускони влезе во политиката само за да ги спаси своите претпријатија кои, останувајќи без поддршка од политичарите, се осудени на пропаст. Но, малите и незрели Италијанци сепак му поверуваа. Како што видовме – тоа заврши лошо. Не само што Берлускони не оствари ниедно чудо туку доведе на работ на банкрот една богата и ликвидна држава која ја наследи од претходниците. Сега бараат од Марио Монти, кој се појави вчера, што се вели, да обезбеди економски раст. Меѓутоа, ние немаме економски раст веќе цели 12 години. И никој не го забележа тоа? Не, никој. Дури ни супер-министерот Џулио Тремонти, кој и понатаму ги посетува левичарските ТВ станици и објаснува деа бил голем пророк.

Малите Италијанци сега откриваат дека повторно се измамени, но пак без нивна вина. Виновна е превртливата политика, како што ни објаснува Бепе Грило (италијански комичар, кој на своите настапи остро ги критикува сите италијански политичари и кој е многу популарен, па лани основаше и политичка партија со која на изборите постигна успех кој ги изненади сите), и самиот првокласен превртливец. Токму оној кој во декември ја поздрави владата на Монти како „спас за Италија“, а денес пишува дека таа е „последица од пучот“ кој го извел претседателот Наполитано со поддршка на големите банки. Сепак, ние го сакаме Грило само затоа што тој е обично момче кое не мора да води сметка за тоа што зборувало пред пет месеци. А беше навистина мал, имаше само 64 години.

Оче наш, прости ни ги долговите наши, како што ние, по ѓаволите, ќе им простиме на должниците наши. Амин.

Извор: La Repubblica

Wow, this is in every respect

Wow, this is in every respect what I neeedd to know.

ОкоБоли главаВицФото