Интервју со Мултиетничка Атракција

27.06.2012 09:29
Интервју со Мултиетничка Атракција

Жестоки, но и доволно креативни и промислени во својот израз, дуото Мултиетничка Атракција се сè освен конформистички спој на мас-културолошките клишеа на музичката индустрија…

Осман Ахмед (тапани/вокал) и Демир Ахметовиќ (бас/пратечки вокал), за прв пат пред македонската публика ќе настапат на ‘БОШ-2012’ фестивалот (24ти - 26ти август) во Гевгелија (www.boshfest.com)

Доволен повод за троа лаф маабет со Осман… Па така, со посебна дозвола од нивниот менаџер ТУКИ, а на својот пат за Las Vegas, ќе ги чуеме и во овој нашиов, и тоа како вистинска контра-реплика на исфризираниот кичерај, и крајно корумпираната рационалност на дневно-политикантската машинерија…

Heavy Truck, Jack Pot u Las Vegasu, Minijaturna Gradzevina, NLO, или нешто друго? Што е всушност Мултиетничка Атракција?

Суштината на Мултиетничка Атракција се наоѓа во настапите и размената на енергија која се создава во текот на концертот. Токму тоа ја прави Атракција да се чувствува слободно, и да секој настап биде уникатен и полн со енергија, со изразување и проживување на моментите од животот, соништата, фантазиите, лошите, но и добрите ситуации и сл. Со еден збор, Мултиетничка Атракција е “Tој момент”…

Самото име на бендот е доволно провокативно, посебно во контекст на политичката реторика на овие наши простори… Ајде нешто околу субверзивните капацитети на rock n’ roll-от во однос на денешниве општествени прилики и реално-етаблираните културни канони… Може ли воопшто да зборуваме за rock n’ roll единствено по форма, онаков, каков што денес ни се пакува? Што станува со содржината, и каде е во целава оваа приказна МА?

Да не комплицирам, називот на бендот сигурно може да придвижи различни емоции и агли на гледање. Од една страна, тоа и треба да се случува, но пред сè, Атракција го врзува својот израз исклучиво за проживувањето на моментите, емоциите и моментот во кој се наоѓа, така што формата кај Атракција може да се каже и дека не постои, односно дека таа се гради на лице-место и во истиот момент исчезнува, за да низ следните настапи се појави во друг или трет облик. Кратко кажано: Тоа што го видовте-го видовте, повеќе нема да го видите… А тоа е животот, би се рекло…

Што се однесува до rock n’ roll-от денес, или да кажеме алтернативната музика и истражување, моето скромно мислење е дека сето тоа постои во многу мали кругови, а можеби е поточно и да се каже дека сè се прелива полека, во некој нов израз. Сè на сè, останува на луѓето, гледачите и слушателите да проценат колку е нешто вредно, важно или вонредно, а секако, врз основа на својот сензибилитет…

Што е ‘Homo Balкanicus’ во вашава креативно-ангажирана варијанта на бас и бубањ? Мислите ли дека во денешниов rock n’ roll фали roll ?

Да ние сме ‘Balkanicusi’, но на нашиот израз тоа не е битно, како што и воопшто не ни се битни дневно-политичките и социјални теми. Со други зборови нашата музика не е врзана за простор, таа се однесува на сите оние до кои може да допре, па некои дури можат и да се препознаат, значи музика на Homosapiens-от, како што и стои во името на бендот, Мултиетничка Атракција , упростено…

Не мислам дека фали roll, фали добра енергија и оргиналност во секој облик, тоа фали!

Како да се достигне состојба на ‘мултиетничка атракција’? Можете ли да го дефинирате во вашиот контекст, тој ајнштајновски спој меѓу енергија, движење, материја, простор и време?

Да се обидеме да ја гледаме музиката, бидејќи денешново време носи нови тенденции, нови ситуации, нови обиди, луѓе, машини и сè без кое можеме, а всушност, не можеме! Кога сето тоа ќе го земеме в предвид и ќе се обидеме да си играме, со самото тоа добиваме, приближно кажано Мултиетничка Атракција . Спој на танц, ритам, тонови, движења – сè е тоа музика за нас. Сакаме да си играме со тие работи, ни даваат слобода да бидеме послободни во изразот, кратко кажано, да бидеме во чекор со цивилизацијата.

И за на крај, што вика Туки за идните планови на Мултиетничка Атракција?

Замислените и исфантазирани менаџери се секогаш околу нас и со нас, па така и нашиот Тукан Туки, кој постојано нè опоменува и тера на сериозност и работа, за да можеме да ги испратиме сите наши идеи, и да истраеме во сè до крај. Новиот албум се ближи, со изненадувања и малку поразличен пристап кон музиката. Ќе бидеме сите тука да го испратиме тоа, а до тогаш, ќе ја гледаме музиката на Мултиетничка Атракција…

Your browser is not able to display this multimedia content.

Слични содржини

Уметност / Теорија / Музика / Историја
Книжевност / Култура / Музика
Уживање / Музика
Квир / Музика

ОкоБоли главаВицФото